Пандемијата го стави човештвото пред најголемиот историски тест

Со секојдневното интензивирање на „вакцинацискиот национализам“, светските напори за ставање крај на пандемијата на ковид-19 се изложени на ризик да се нарушат. Од средината на март, коронавирусот зарази приближно 120 милиони луѓе на светско ниво, предизвикувајќи околу 2,6 милиони смртни случаи. Иако ова се огромни бројки, тие претставуваат само мал дел од светското население, што значи дека до крајот на пандемијата има уште многу.
Добрата вест се историски невидените напори за справување со кризата. Иако воведувањето нова вакцина низ развојните фази и нејзиното одобрување вообичаено траат до една деценија, фармацевтските компании го завршија процесот за помалку од една година. Светската здравствена организација (СЗО) веќе одобри четири вакцини против ковид-19 за итна употреба, а други наскоро ќе следуваат. Покрај тоа, за кратко време се создадени нови амбициозни светски механизми за да се олесни брзата и правична дистрибуција на вакцините низ целиот свет.
Лани од април, пристапот на СЗО до Пристапот до алатки за ковид-19 (АКТ), кој ги вклучува сите аспекти на борба против пандемијата, помогна во борбата против вирусот преку олеснување на еден од најбрзите координирани светски напори за јавно здравје во историјата. Механизмот „Ковакс“ започна со испорака на вакцини во најмалку 50 земји со низок и среден приход низ светот.
Настрана од овие иницијативи, повеќето земји се фокусирани на својата состојба дома, занемарувајќи ја светската поврзаност што сите нè изложува на ризик сè додека не се уништи вирусот насекаде. Како што нагласи СЗО, никој не е безбеден сè додека не бидат безбедни сите.

Како што сега сме сведоци од прва рака, постои голем ризик новите варијанти на вирусот да го отежнат или дури да ги попречат сите напори за вакцинација. Во моментов се шират британската, јужноафриканската и бразилска мутација и не се знае каде ќе се појави следната. Колку подолго се одложува крајот на пандемијата, толку повеќе има можности вирусот да добие опасни нови мутации што ќе му овозможат да ги избегне сегашните вакцини. Прашањето не е дали, туку кога ќе се случи тоа. Покрај тоа, кога ќе се појават нови варијанти, треба да предвидиме дали тие порано или подоцна ќе се рашират низ целиот свет. Досега знаеме дека националните граници и физичката оддалеченост нудат само ограничена заштита.
Освен што нè штити од биолошка закана, сеопфатниот и координиран светски одговор има и јасно економско оправдување. Во нашата високоинтегрирана светска економија, маките на еден регион нужно ќе се почувствуваат на друго место. Една зачудувачка неодамнешна студија на Меѓународната трговска комора предупредува дека „светската економија ќе изгуби дури 9,2 илјади милијарди долари ако владите не успеат да им обезбедат економиите во развој пристап до вакцините против ковид-19, од кои половина од тие загуби ќе се одрази кај напредните економии“. Извештаите на РАНД за Европа и групацијата „Евроазија“ нудат слични заклучоци.

Трошоците за борба против пандемијата треба да се разгледаат низ оваа перспектива. На АКТ првично му беа потребни 38 милијарди долари за периодот 2020-2021 година. Невидената мобилизација на ресурси од страна на владите и приватниот сектор, како и филантропските и мултилатералните инвестиции, сега го намали јазот во финансирањето на 22 милијарди долари. Тоа е незначајно во споредба со потенцијалните загуби проценети погоре, а да не ги спомнувам илјадниците милијарди долари што веќе се потрошени за поддршка на домаќинствата и деловните активности во текот на изминатата година.
Сепак, заканата од вакцинацискиот национализам е голема. Владите се под силен домашен политички притисок да обезбедат вакцини за нивното население пред да дозволат дозите да бидат испратени на друго место. Некои земји, како Кина, Индија и Русија, почнаа да ги користат резервите и испораките на вакцини како инструмент во нивната надворешна политика.
Сепак, колку и да е примамлив вакцинацискиот национализам за креаторите на политиките, тој на крајот сам ќе се порази. Секое ново ограничување неизбежно го ограничува целокупниот тек и ја прави поголема веројатноста вакцините да не стигнат до местата каде што се најитно потребни. Повеќе од кога било ни треба отворена, транспарентна и добро функционална светска економија.

Повеќе од кога било ни требаат политички лидери што се однесуваат како државници, а не како тактичари.
Треба да бидеме свесни дека се соочуваме со историски тест за нашата способност во обидот да се обединиме против заедничката закана. Секако дека во заднина ќе треба ги оставиме сите наши вообичаени конфликти, ривалства и извори на геополитички тензии. Прашањето што сега се поставува е дали можеме да го постигнеме тоа кога наложува состојбата.
Сега сме во војна ние против нив, односно човештвото против вирусот и неговите многубројни мутации. Или заедно ќе извојуваме победа или заедно ќе доживееме пораз.

Авторот е поранешен шведски министер за надворешни работи и премиер, специјален европски пратеник во Југославија, висок претставник за БиХ, специјален пратеник на ООН за Балкан, а актуелно е копретседател на Европскиот совет за надворешни прашања.