Општествениот договор по крајот на епидемијата

Дени Родрик и Стефани Станчева

Ковид-19 ги ​​влоши длабоките разлики во светската економија и силно ги изложи поделбите и нееднаквостите во нашиот свет. Исто така, ги удвои и ги зајакна гласовите на оние што повикуваат на далекосежни реформи. Кога дури и групата од Давос апелира за „светско ресетирање на капитализмот“, тогаш промените мора да се случат.

Постојат неколку теми што се провлекуваат во новопредложените политички програми: подготовка на работната сила за нови технологии, како и јакнење на програмите за образование и доквалификација од страна на владите за да се интегрираат подобро со барањата на пазарот на трудот. Социјалната заштита и социјалното осигурување мора да се подобрат, особено за работниците во хонорарната сфера и за оние со нестандардни работни договори.

Пошироко кажано, губењето на моќта за преговарање кај работниците во последните децении укажува на потребата од нови форми на социјален дијалог и соработка помеѓу работодавците и вработените. Мора да се воведе подобро осмислено прогресивно оданочување за да се одговори на зголемената нееднаквост на приходите. Антимонополските политики мора да бидат обновени за да се обезбеди поголема конкуренција, особено кога станува збор за социјалните медиуми и за новите технологии. Климатските промени мора да бидат решени директно, а владите мора да играат поголема улога во поттикнувањето нови дигитални и зелени технологии.
Заеднички, овие реформи значително ќе го променат начинот на кој функционираат нашите економии. Но тие во суштина не го менуваат наративот за тоа како треба да функционираат пазарните економии, ниту претставуваат радикално оддалечување од економската политика. Најважно е што се избегнува главниот предизвик со кој мораме да се соочиме, а тоа е реорганизација на производството.

Нашите главни економски проблеми, како сиромаштијата, нееднаквоста, исклучувањето и несигурноста, имаат разно потекло, но се репродуцираат и се зајакнуваат секојдневно во текот на производството како нуспроизвод на одлуките на фирмите за вработување, инвестиции и за иновации. Последиците се прелеваат на други луѓе, фирми и делови од економијата што може да се смета за позитивна карактеристика. Очигледно негативните карактеристики се загадувањето на животната средина и ефектите од емисијата на стакленички гасови врз климата.

Таквите прелевања можат да резултираат со „добри работни места“. Добрите работни места се оние што се релативно стабилни, платата е доволна за да обезбеди достоинствен животен стандард со одредена сигурност и заштеда, да постојат безбедни услови за работа и да се нудат можности за напредување во кариерата. Фирмите што ги генерираат придонесуваат за виталноста на нивните заедници. Спротивно на тоа, недостигот од добри работни места често носи големи социјални и политички штети: растурени семејства, злоупотреба на супстанции и криминал, како и намалена доверба во Владата, експертите и институциите, се јавува партиска поларизација и популистички национализам, а постојат и јасни економски неефикасности. Автоматизацијата или преместување на дел од производството во странство нанесува штетни последици врз заедницата.

Економската нестабилност и нееднаквост денес се структурни проблеми. Ова резултира со лоши работни места што не нудат стабилност, достоинствена плата и можност за напредување, а трајно ги нарушува пазарите на трудот надвор од градските подрачја. Поради тоа, производствениот сектор мора да биде главен во новата стратегија. Нема да бидат потребни само нови политики туку и преиспитување на постојните.

Активните политики на пазарот на трудот, кои имаат цел да ги зајакнат вештините и конкурентноста, треба да се пренаменат во партнерства со фирмите и строго да се насочат кон креирање добри работни места. Индустриските и регионалните политики што сега се фокусираат на даночни иницијативи и инвестициски субвенции мора да се заменат со деловни услуги и поволности за да се олесни максимално отворањето работни места.

Новиот економски поредок бара експлицитна соработка помеѓу приватните фирми и властите. За просперитет на фирмите им треба сигурна и квалификувана работна сила, добра инфраструктура, систем на доставувачи и соработници, лесен пристап до технологија и цврст режим на договори и права на сопственост. Повеќето од нив се обезбедени преку јавно и колективно дејствување за што е задолжена власта. И фирмите мора да го почитуваат ветеното не како прашање на општествена одговорност на компанијата, туку како дел од експлицитната регулаторна и управувачка рамка.

Новата стратегија мора да ја отфрли традиционалната поделба помеѓу социјалните политики и политиките за раст. Побрзиот економски раст бара ширење на нови технологии и продуктивни можности меѓу помалите фирми и пошироките сегменти на работната сила, наместо да ја ограничува нивната употреба во тесен круг. И подобрите изгледи за вработување поефикасно ги намалуваат нееднаквоста и економската несигурност отколку фискалната прераспределба. Едноставно кажано, плановите за раст и социјалните политика се нераздвоен елемент.

Авторот Родрик е професор по меѓународна политичка економија на школата за управување „Џон Ф. Кенеди“ при универзитетот „Харвард“, додека Станчева е професорка по економија на универзитетот „Харвард“.