Оправдано ли е убиството на иранскиот генерал?

На 3 јануари, САД го убија иранскиот генерал Касем Сулејмани додека го напушташе меѓународниот аеродром во Багдад, во автомобил заедно со Абу Махди ал Мухандис, ирачки лидер на Катаиб Хезболах, вооружена група поддржана од Иран. Во нападот се убиени сите патници во автомобилот.

По убиство на вториот најмоќен лидер на Иран, САД може да немаат друга алтернатива освен да испратат уште повеќе воени ресурси на Блискиот Исток – пат што може да доведе до дополнителни ирански провокации. Таа промена ќе се случи во време на растечки предизвици за американските интереси на други места во светот.

Наредниот ден, на специјален брифинг за новинарите, неименуван висок претставник на американскиот Стејт департмент рече дека Сулејмани 20 години бил „најголем архитект“ на ирански терористички напади и дека убил „608 Американци само во Ирак“. Тој додаде дека Сулејмани и Мухандис биле означени како терористи од Обединетите нации и дека „и двајцата се вистинско олицетворение на лоши момци“.

Во 2003 година, американските разузнавачки сознанија дека Ирак наводно поседувал оружје за масовно уништување беа целосно погрешни. Тие грешки доведоа до инвазија на Ирак, што го отвори патот за мешање на Иран и Сулејмани во земјата. Но да претпоставиме дека овој пат фактите се како што тврди администрацијата на САД. Дали двојното убиство може да се брани од етичка гледна точка?

Можеме да почнеме со претпоставката дека не е во ред да се одземе човечки живот. Претседателот Доналд Трамп нема да го негира тоа. Пред една година, на пример, тој рече: „Јас секогаш ќе го бранам првото право од нашата Декларација за независност, правото на живот.“ Трамп тогаш им се обраќаше на противниците на абортусот, но правото на живот што важи за фетусите мора да важи и за постарите луѓе.

Дали може да има исклучок кога станува збор за „лоши момци“? Повторно, да го задржиме аргументот што е можно поедноставен и да претпоставиме дека правото на живот ги штити само невините луѓе. Кој може да суди за нечија невиност? Ако претпочитаме, како што честопати велат Американците, владеење на правото, а не владеење на луѓето, мора да има правен процес за да се одлучи нечија вина. Од 2002 година, Меѓународниот кривичен суд (МКС) се обиде да го примени тој процес на глобално ниво. МКС има забележителни успеси во гонењето на сторителите на воени злосторства и злосторства против човештвото, но обемот на судот е ограничен, особено поради тоа што САД одбија да им се приклучат на 122 други земји што ја прифатија неговата јурисдикција.

По атентатот на Сулејмани, Агнес Каламард, специјален известувач за вонсудски и произволни егзекуции во кабинетот на високиот комесар на ОН за човекови права, истакна дека не постои надзор за убиства извршени врз конкретни цели надвор од границите на една земја. Извршителот едноставно одлучува, без никаков правен процес или одобрување од кој било друг разгранок на власта, кој треба да биде убиен.

Прифаќањето на таквата акција го отежнува пронаоѓањето на принципиелен приговор на слични убиства што се планирани или извршени од други земји. На пример, тука спаѓа и заговорот за кафулето „Милано“ од 2011 година, наводно организиран од самиот Сулејмани, во кој ирански агенти планирале да го убијат саудискиот амбасадор во САД, додека ручал во познат ресторан во Вашингтон.

Единствено што САД можат да кажат во одбрана на своите атентати е тоа што целат кон навистина лоши момци, додека саудискиот амбасадор не бил толку лош човек. Но ова го става владеењето на луѓето над владеењето на правото.

Другата оправданост што Пентагон ја понуди за убиството се однесуваше нејасно на „спречувањето идни ирански планови за напади“. Како што истакна Каламард, ова не е исто што и „непосреден“ напад, кој е потребен за да се оправда дејствување во самоодбрана според меѓународното право. Таа, исто така, истакна дека и други лица биле убиени во нападот и посочи дека овие други убиства се несомнено нелегални.

Внимателното читање на транскриптот од брифингот на новинарите на 3 јануари, што го одржаа тројца неидентификувани високи функционери на Стејт департментот, го открива вистинското размислување на администрацијата на Трамп. Како одговор на постојаните прашања за оправданоста на атентатот, еден функционер го спореди атентатот со соборувањето на авионот со кој летал јапонскиот адмирал Изороки Јамамото, кој ги посетувал јапонските сили во Пацификот – инцидент што се случи во 1943 година, среде војна, односно повеќе од една година откако Јапонците го нападнаа Перл Харбор. Друг официјален претставник рече: „Кога ги слушам овие прашања, ми се чини како да ја опишувате Белгија во последните 40 години. Тоа е иранскиот режим. Имаме воени дејства што овој режим ги врши 40 години против држави на пет континенти.“ Во еден момент, претставникот што го спореди атентатот со убиството на Јамамото, извика: „Исусе, треба ли да објаснуваме зошто ги правиме овие работи?“

Ако високи официјални претставници на Стејт департментот веруваат дека САД почнуваат праведна војна со Иран, како што беше случајот со Јапонија во 1943 година, убиството на Сулејмани има смисла. Според теоретските стандарди за правична војна, може да ги убиете непријателите секогаш кога имате можност да го сторите тоа, сè додека важноста на целта ја надминува т.н. колатерална штета, односно невините жртви.

Но САД не се во војна со Иран. Уставот на САД му дава единствен авторитет на Конгресот да објави војна, а тој никогаш не му објавил војна на Иран. Спикерката на Долниот дом на Конгресот, Ненси Пелоси, посочи дека со лидерите на законодавниот дом требало да бидат извршени консултации за планот за убиство на Сулејмани. Ако тоа беше чин на војна, таа е во право.

Ако, од друга страна, убиството не е чин на војна, тогаш, како вонсудска егзекуција што не е неопходна за да се спречи непосреден напад, таа е и нелегална и неетичка. Атентатот ризикува сериозни негативни последици, не само во однос на ескалирање на одмаздничките напади на Блискиот Исток, туку и во однос на понатамошниот колапс на меѓународното право.

Авторот е професор на универзитетот „Принстон“