Одново градење подобар трансатлантски сојуз

Победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД беше пречекана со бран олеснување низ цела Европа, каде што многумина стравуваа дека вториот мандат за Доналд Трамп ќе го загрозеше опстанокот на Европската Унија (ЕУ). Бајден нуди барем можност за обновување на потрадиционалните трансатлантски односи. Многумина претпоставуваат дека САД ќе се вратат на водењето на либералниот меѓународен поредок, со тоа што Европејците ќе играат споредна улога преку дипломатијата и меката моќ.
Но оваа визија е привидна. Уште пред појавата на Трамп и на неговата доктрина „Америка на прво место“, низата кризи, како дебаклот на војната во Ирак, големата финансиска криза и ковид-19, ја ослабеа подготвеноста на САД да продолжат да служат како светски полицаец. И во текот на изминатите четири години, другите сили, како Кина, Русија, Турција, Иран, Саудиска Арабија, Израел, Обединетите Арапски Емирати и многу други, го пополнуваа вакуумот создаден од внатрешниот пресврт во Америка. Голем дел од структурата на глобално управување ја презедоа Кина и другите сили и истата таа сега се наоѓа под голем притисок на конкуренцијата меѓу големите сили.

Покрај овие геополитички случувања, некои европски трансатлантисти се двоумеа да создадат поголема независност од страв да не ги навредат САД, додека други тајно посакуваа победа на Трамп со образложение дека конечно ќе ја разбуди Европа (особено Германија) од нејзината удобност. Оние што ја поддржуваат втората страна сметаат дека Европа оствари поголем напредок кон обезбедување сопствен суверенитет во текот на изминатите четири години отколку што беше направено под власта на Барак Обама, Џорџ В. Буш и Бил Клинтон заедно. Во таа смисла, Трамп, како израз на сè што Европа е против, можеби послужи како случаен татко на европскиот суверенитет. Политичарите што најмногу го поддржуваат силниот трансатлантски сојуз парадоксално се толерантни на резултатите што можат да го уништат.
Загрижени за одржување на својот глобален стратегиски примат, САД некогаш се колебаа во однос на европската одбрана и стратегиска автономија. Но бидејќи моќта се префрли на исток, следните американски влади сакаат да посветат што повеќе внимание, пари и воена сила на Индопацифичкиот Регион. Последното нешто што САД го посакуваат е да се впуштат во нови „вечни војни“ на Блискиот Исток или политички конфлаграции во Источна Европа и на Балканот.

Соодветно на тоа, стратегиските планери на САД денес не се противат на посилна, самостојна, туку на слаба Европа, која ги пренасочува оскудните ресурси на САД од ривалството со Кина. САД бараат партнер, а не група сиромашни деца што не преземаат никаква одговорност за сопствената благосостојба. Администрацијата на Бајден ќе сака да работи со Европа што ќе нуди решенија, а не дополнителни проблеми.
Трансатлантистите, кои ја гледаат големата слика, сфаќаат дека клучна задача сега не е да ги обноват трансатлантските односи, туку да ги трансформираат. Една ЕУ што постигнува стратегиска автономија не може секогаш да се согласува со САД за прашања како што се приватноста на податоците, енергетската политика или дури и глобалната трговија. Но ќе се справува со овие разлики прагматично додека стои рамо до рамо со Америка за прашањата засновани на вредностите. Наместо да чекаат знаци од следниот американски претседател, Европејците веќе треба да знаат што очекуваат САД и да бидат подготвени да направат компромис. На пример, во врска со Кина и прашањата околу 5Г, Европејците не треба да чекаат инструкции од САД, односно тие веќе треба да подготвуваат терен за нешто како сеопфатно транспацифично-трансатлантско партнерство. Потребни се нови договори за да се заобиколи кинескиот отпор кон суштинските реформи во меѓународната трговска структура и да се изврши притисок врз Кина за да ги ограничи своите практики за нарушување на пазарот.
Исто така, во однос на Русија, Европејците веќе треба да осмислуваат ново источно партнерство за европската и американската безбедносна помош да се најде во првите борбени редови.

Во однос на климатските промени, Европа треба брзо да работи на развивање механизам за ограничување на емисиите на јаглерод во ЕУ и во САД и да инвестира повеќе во еколошко-технолошки сојуз за да ја зајакне економската конкурентност. Во однос на Иран, Европејците можат да очекуваат обновување на преговорите за редефинираниот нуклеарен договор со кој ќе се намалат тензиите во целиот регион.
Од перспектива на САД, најголемата закана за трансатлантизмот не е европскиот суверенитет, туку европската зависност. Трамп во последните четири години ги влечеше конците на внатрешните поделби во Европа. Ако Бајден сака да го редефинира американското лидерство во 21 век, тој ќе треба да ја поттикне Европа да стане самостојна. Бајден им вети на Американците дека ќе настојува на единството и ќе стави крај на „мрачната ера на демонизација“. Би можел да го стори истото тоа за Европа и без никакви трошоци за американските даночни обврзници, со тоа што ќе изврши нов притисок врз земјите што го нарушуваат европското единство одвнатре, како Полска и Унгарија. Од првиот ден, Бајден треба да им стави до знаење на владите на овие земји дека патот до Белата куќа поминува низ Брисел. Тоа веќе ќе го направи подобар поборник за европскиот суверенитет отколку што беше Трамп и тоа ќе претставува голем чекор кон спроведување на новата голема американска стратегија.
Постои силна паралела помеѓу овој пристап и дебатите за ковид-19. Главниот постпандемиски приоритет не е „враќање“ на старото статус кво, туку да се искористи кризата како можност да се поправат работите за кои веќе знаевме дека се нарушени.

Авторот е директор на европскиот совет за надворешни односи.