Нов модел на човечка безбедност

Станува сè појасно дека глобализацијата не прогресира постепено, туку низ подеми и падови. Во моментов се чини дека процесот е во опаѓање, спречен од зголемениот број неодговорни политички лидери што го опишуваат како корен на целото зло. Со реториката на нетолеранција затскриена зад носталгијата, популистите како американскиот претседател Доналд Трамп се залагаат за градење ѕидови и затворање на границите во обидот да ги вратат „суверенитетот“ и „безбедноста“.

Секако, отсекогаш беше наивно да претпоставуваме дека националната држава лесно би можела да се оттргне од својата централна улога во човечките работи. Но еднакво наивно е да се верува дека феномените како брегзит и изборот на Трамп за претседател го претскажуваат враќањето на еден свет во кој националната држава е врховен владетел. Во оваа фаза, светот е толку силно поврзан што секоја дебата за промена на глобализацијата е нереална.
Во царството на безбедноста треба да се соочиме со темната страна на оваа меѓусебна силна поврзаност. Правните и институционалните механизми што функционираат во моментов не се соодветни за да ги спречат денешните закани, а ова важеше уште пред брегзит и Трамп да ги влошат нештата.

Како што Кристин Чинкин и Мери Калдор од Лондонската школа за економија и политички науки тврдат во книгата „Меѓународно право и нови војни“, не постои разлика меѓу меѓународниот и локалниот оружен конфликт. Во ова време, внатрешната и надворешната безбедност мора да се сфатат како еден континуум.
Чинкин и Калдор покажуваат дека „новите војни“, како што е сирискиот конфликт, тежнеат да вовлечат голем спектар играчи – државни и приватни, домашни и меѓународни – и да се прошират надвор од државните граници. Последниот аргумент е претставен со претходното територијално приграбување од страна на Исламската држава во Ирак, како и нападите во многу други држави. Покрај тоа, новите војни обично имаат силни етнички, верски или племенски елементи и траат долго на штета на цивилното население.

Неодамнешниот пораст на конфликти со меѓудржавна димензија покажува дека веќе е застарен стариот вестфалски модел на суверенитет, според кој државата ја монополизира легитимната употреба на сила во нејзините граници. Ако сакаме навистина да изградиме меѓународно општество, тогаш мораме да го разгледуваме суверенитетот не само од аспект на власт туку и на одговорност.
Според тоа, меѓународната заедница мора да биде подготвена да интервенира во државите каде што владите претставуваат опасност по сопственото население. Ова беше логиката зад доктрината на „одговорноста за заштита“, која едногласно беше усвоена на Генералното собрание на ОН во 2005 година.

За жал, кога употребата на сила беше оправдана од хуманитарни причини, интервенциите тесно се насочија на тактички воени планови. На хартија, оваа доктрина исто така ги наметнува одговорноста за спречување и одговорноста за реконструкција, но двете обично се оставаат во заднина. Уште полошо, кога Советот за безбедност на ОН даде дозвола за интервенциите со „сите потребни“ средства врз основа на доктрината, на пример во Либија и на Брегот на Слоновата Коска во 2011 година, концептот беше критикуван дека ги прикривал режимските промени.
Оттогаш доктрината стана симбол на привилегија на моќ, односно неуставно право на интервенција што е селективна наместо да биде колективна должност. Како резултат на тоа, таа почна да се избегнува. Неуспехот на Советот за безбедност да најде вистински одговор на кризата во Сирија, за жал, потекнува од претходните примери на мешањето во други држави и покажува дека хуманитарноста сепак е на второ место зад геополитиката.

Но дали ова значи дека ние сме осудени да избираме меѓу интервенционистичките ексцеси на Ирак или на Либија и пасивноста како онаа што резултира со масовните ѕверства во Руанда и Сребреница (каде што на мировниците од ОН не им беше дозволено да посредуваат)?

Реториката на администрацијата на Трамп со сигурност покажува дека овие се двете единствени решенија. Сепак, администрацијата е остро поделена меѓу изолационистите и неоконзервативните „јастреби“, како советникот за национална безбедност Џон Болтон, кого очигледно не го колеба долгата историја на неуспешни режимски промени.

Не треба да се откажеме од прифаќањето слаба рамка за хуманитарна интервенција, ниту да го потцениме капацитетот на меѓународното право самото да се трансформира и истовремено да ги трансформира општествата во светот. Чинкин и Калдор предлагаат остварлив безбедносен модел во кој заштитата на поединецот, наместо на државата, има предност без да се цели кон патернализам.

За да успее, овој модел треба да има целосен, а не делумен пристап кон безбедноста. Треба да ги усвои приоритетите на засегнатите населенија, вклучувајќи ги и оние на жените и другите структурно загрозени групи. Треба да им даде предност на невоените средства, со што ќе се стави посебен акцент на разоружувањето. Ова треба цврсто да се всади во етиката на човековите права и во правните алатки приспособени на логиката на „нови војни“. И исто така треба да ја опфаќа идејата за „човечка безбедност“, според која правото на заштита ќе ја замени доктрината „одговорност за заштита“.

Овој модел не е недостапен. Всушност, доктрината „одговорност за заштита“ и моделот за човечка безбедност се развиваа истовремено со непроценливата поддршка на големиот мислител и светски граѓанин, починатиот Кофи Анан. Повеќето од главните принципи на последниот модел беа наведени во еден научен труд од 2004 година, „Доктрина за човечка безбедност во Европа“, претставен во Барселона од страна на студиската група за безбедносните капацитети на Европа. Три години подоцна, студиската група за човечка безбедност „Мадридски извештај“, дополнително ја разви оваа идеја.

Студиската група особено ги истакна насоките за ширење на надворешните мисии на ЕУ. Овие насоки ја мотивираа употребата на мониторингот на човекови права и консултациите од типот на градските седници. Сепак, како и во случајот со доктрината за „одговорност за заштита“, така и доктрината за човечката безбедност не се употреби. Или, поинаку кажано, неа ја засенија геополитиката и воениот фокус на разни антитерористички кампањи.

Сепак, не треба да заборавиме дека најголемите трансформации на меѓународното право низ историјата отсекогаш беа проследени со геополитички пресврти. Во време кога цивилното население сè повеќе е изложено на нови закани, како што е сајбер-војната, преиначувањето на концептот за човечка безбедност не е обичен идеалистички проект. Напротив, станува збор за итна потреба.
Ако се размислува од аспект на човечката безбедност, можеме да развиеме сеопфатна и колаборативна стратегија за справување со неконвенционалните конфликти, чиј број расте во светот. Глобализацијата не смее да се спречи. Ако сакаме да ги ублажиме негативните последици, постои само еден начин, а тоа е да се зајакнат нејзините позитивни ефекти.