Нови „азовски“ санкции против Русија

Најновиот чин на западна солидарност со Украина, која во март одржува претседателски избори, за Кремљ е повеќе во функција на зајакнување на разнишаните позиции на актуелниот претседател Порошенко, отколку што е посериозна закана за безбедноста на Русија и за нејзините позиции во Украина. Малата ефективност на досегашните санкции против Русија го потврдува впечатокот на Кремљ дека и новите „азовски“ мерки ќе ја имаат истата судбина

Кон пакетот најнови санкции на САД против Руската Федерација поведени неодамна во американскиот Сенат, за кои во својата колумна пишува и угледниот Аслунд, овој пат официјална Москва се однесува и го толкува како „неубедлива западна меѓународна политичка солидарност кон Киев, отколку како издржана и оправдана реципрочна мерка и закана за Москва и Владимир Путин за ’неодамнешната акција на руската флота против Украина во Керчанскиот Теснец во Азовското Море‘“ на кримскиот басен. Меѓутоа, деновиве и Советот на Европа го стави на дневен ред и решаваше за оваа важно меѓународно прашање по неодамна одржаниот европски самит во Минхен каде што исто така ова прашање беше опсервирано. Тоа беше и непосредниот повод за последните воинствени изјави на рускиот претседател во неговиот настап пред руското федерално собрание, кои ѝ го привлекоа вниманието на светската јавност и со право го загрижија светот, а прашањето за санкциите стана уште поактуелно.

Инаку, последен пат Западот ги заостри економските санкции против Русија првпат воведени во 2014 година кон средината 2018 година заради „застојот на прогрес во руско-украинските преговори за прекин на воените дејства на територијата на Украина во рамките на таканаречениот ’Мински договор‘“, кој засега неуспешно се занимава со ова прашање. Ограничувањата за достапност на европските пазари на најкрупните руски економски субјекти тогаш се однесуваа на енергетскиот, одбранбениот и финансискиот сектор и ги опфаќаа сите руски фирми и компании во кои државата се јавува како сопственик или учесник во сопственоста; („Гаспром“, „Нафтагас“ и други). Овој најнов чин на западната меѓународна политичка солидарност во однос на Украина, која се наоѓа пред одржување редовни претседателски избори кон крајот на март годинава, Кремљ смета дека повеќе е во функција на зајакнување на разнишаните предизборни позиции на досегашниот украински претседател Пјотар Порошенко, отколку како некоја посериозна закана за безбедноста на Русија и нејзините позиции во петгодишниот конфликтот со соседна Украина. Впрочем и малата ефективност на сите досегашни повеќегодишни антируски економски и политички санкции на САД и Западот против Руската Федерација, смета Кремљ, го потврдуваат впечатокот дека и овој најнов таканаречен „азовски пакет“ санкции, ќе ја доживее истата судбина. Како поткрепа на ваквите оцени руските медиуми ги наведуваат најновите изјави на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини, која остава можност овие санкции да бидат укинати, „доколку за тоа се создадат минимално потребните услови“. На оваа линија се и ставовите на германската канцеларка Ангела Меркел, а во контекст на непродуктивноста од санкциите на Западот спрема Русија и неодамнешната изјава на италијанскиот вицепремиер Луиџи де Мајо.

Во САД, пак, антирускиот дефолт зависи од благонаклонетиот став на претседателот Доналд Трамп кон Русија и лично кон нејзиниот претседател Путин, заради што Трамп има сериозни проблеми со американскиот сенат и со некои негови претставници и од демократска, но и од републиканска провениенција, вклучувајќи ја специјалната комисија на ФИБИ, која веќе две години му дише на Трамп во вратот со изработувањето извештај за случајот на руската вмешаност во последните американски претседателски избори и инволвираноста на американскиот претседател во оваа афера, чиј епилог наскоро со големо внимание се очекува во САД. Во Европа антируските санкции, исто така не предизвикуваат некое претерано големо одушевување, бидејќи најголем број земји-членки на Европската Унија имаат развиени трговски и финансиски односи и соработка со Русија во енергетската и во сферата на суровинската размена, трговијата и инвестирањето. Особено внимателни при изборот и примената на формите и модалитетите на бојкотот и санкциите што ги применуваат кон Русија, се Сојузна Република Германија, Франција и некои од нордиските земји, кои имаат или имале развиени економски и трговски врски со Руската Федерација и се комплементарно зависни од ползувањето на рускиот гас или другите енергенти од руската експортна палета.

Во секој случај за некоја поконзистентна оцена на целокупните ефекти од досегашните западни економски и политички санкции против Русија, ќе треба да се причекаат резултатите од претседателските избори во Украина во кои учествуваат енормно голем број кандидати, повеќе од 20, што и покрај поддршката однадвор, значително ги ослабнува позициите и ги намалува шансите за победа на досегашниот претседател Порошенко. Евентуалната промена на врвот на украинската власт, во крајна мера нема да влијае битно врз геостратегиските планови и намери на Западот и особено на НАТО и на САД за проширување и експанзија на Исток, што е и главниот проблем и камен на сопнување во руско-американските и воопшто на односите на Западот со Руската Федерација.