Новите светски предизвици

САД во моментот се соочуваат со низа предизвици, чие решавање ќе ја одреди следната политичка деценија. Прв предизвик се односите на САД со ЕУ, која Трамп ја доживува како конкурент, а не како стратегиски партнер. Вториот предизвик е ребрендирањето на НАТО, на кое му се потребни реформи. Третиот предизвик се односите на САД со Русија, кои јавноста сака да ги персонализира како односи меѓу Трамп и Путин

Американската надворешна политика на Блискиот Исток се покажа како помалку успешна, а најверојатно во 2019 година ќе резултира со намалување на политичко влијание во целиот регион. Во меѓувреме американскиот претседател се обидува да ги консолидира националните позиции на домашен терен истовремено, вртејќи го политичкиот дискурс во поблиското соседство. Погодувате, Венецуела. Како прва на јужниот континент. Зошто се случува тоа? Бидејќи тоа што е Полска за Русија, е Венецуела за САД, односно претставува кукавичино јајце. Тоа што Кинезите се инкорпорираа во Африка, полека но сигурно го прават Русите на јужниот континент.

Во меѓувреме трансатлантската и институционалната безбедност се ставени на тест во услови кога песочниот часовник истекува. Во случајов песочниот часовник е трпението на средната класа. Појавата на „жолтите елеци“, „црвените марами“ и слични колоритни актери не ветуваат стабилизација на меѓународната политичка сцена.

Истовремено САД се соочуваат со низа предизвици чие решавање ќе ја одреди следната политичка деценија. Прв предизвик се односите на САД и ЕУ. Според светските безбедносни аналитичари, Трамп ја доживува ЕУ како конкурент, а не како стратегиски партнер. Понатаму, тезите дека распадот на ЕУ ќе предизвика вакуум на моќ во која своја шанса гледаат земјите на БРИКС не е реална, бидејќи интенцијата на БРИКС не е уништување на некаква политичка и економска конкуренција (каква што би претставувала ЕУ) туку колаборација со истата таа заради неконкурентноста односно нивната супремација во Азија. Тоа би значело дека стабилна и необременета ЕУ им одговара и на двете страни заради поле за доминација на економскиот пазар. Небезбедна и несигурна Европа ќе значи девастирање на основните економски начела за инвестиции и слободен пазар, што најмалку би му одговарало на брзорастечкиот економски џин од Истокот.

Вториот предизвик е ребрендирањето на НАТО. Во услови на нов политички, па и воен односно економски поредок се наметнува потребата од реформи на овој политичко-воен, па и економски сојуз. Според харвардскиот професор Џозеф Нај (во свои текстови во кои говори за дипломатијата на САД), американската политичка и воена моќ е реципрочна со онаа на сојузот.

Па, така, САД се принудени да дејствуваат самоиницијативно заради одржување на поредокот во услови кога политичките услови (ограничувања) не дозволуваат интервенција на сојузот. Наедно и пораката на американскиот претседател беше јасна, силен сојуз е можен само со зголемување на одбранбените капацитети на европските држави. Особено на државите од Источна Европа.

Третиот предизвик се односите на САД и Русија. Аудиториумот сака да ги персонализира како односите меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин. Тука е најсложена ситуацијата. Според професорот Нај, проблемот лежи во тоа што во јавноста остана дилемата околу улогата на Русија во претседателските избори на САД во 2016 година. Според Хајди Хаутала, членка на парламентот на ЕУ од партијата на зелените во Финска, која ги критикуваше Трамп и Путин, на нивната средба во Хелсинки изјави дека на сегашниот светски поредок му се спротивставува восхитувањето кон силата и ставот „секој човек за себе“. А ова е тоа што овие двајца мажи, Трамп и Путин, го имаат заедничко – презир кон демократијата, непочитување кон меѓународните договори, непочитување на човековите права, рече таа, а пренесува Ројтерс.

Иако за волја на вистината по доаѓањето на Трамп неколку клучни светски проблеми се решија. Или барем се намали интензитетот на истите тие. Станува збор за спорот со Северна Кореја, неутрализирањето на ИСИЛ, и денуклеаризацијата како рецидив од постојната трка во вооружувањето.