Новите непријатели на интелектуалната слобода

Низа мерки во неколку земји од бивша комунистичка Европа создаваат сѐ порепресивна интелектуална клима за научниците. Тоа е спротивно на демократизацијата на високото образование и на науката и е само прв чекор кон ставање на „експертите“ во служба на пошироките антидемократски цели

Изложба за Првата светска војна во Куќата на европската историја во Брисел на посетителите им нуди неверојатна глетка. Правејќи еден едноставен, но драматичен потег, музејот го поставил пиштолот што е употребен во атентатот на надвојводата Франц Фердинанд во 1914 година во стаклен кабинет во центарот на просторијата. Туристичкиот водич ја информира нашата група дека, по многу жестока дебата, музејот се согласил одвреме-навреме да ги менува претставените предмети, па различни земји можат да ги изложат своите најскапоцени историски реликвии. Но кога забележав дека пиштолот што Гаврило Принцип го употребил во Сараево е незаменлив, кураторот одговори дека четири европски музеи тврдат дека го изложуваат вистинскиот пиштол. Иако ја почитувам и ја бранам плуралноста на европските национални традиции, само еден пиштол, а не четири, ја предизвика Првата светска војна. Не можеме да бидеме „плуралисти“ и да бараме „инклузивност“ кога историските факти диктираат единствен вистински одговор за некое прашање. За таквите прашања треба да одлучуваат експерти што завршиле ригорозно образование од областа на историјата и се обучени да работат со историски извори за дадена ера, а не експерти што се водат од политичка агенда.

Ваквиот став можеби изгледа здраворазумски. Но научниците, нивните институции и самиот легитимитет на научните сознанија, се под зголемена закана во повеќе европски земји. Слободно избрани влади неодамна блокираа финансиска поддршка за истражувачки проекти без официјално објаснување (Бугарија), отстранија образовни програми од списокот на акредитирани универзитетски предмети (Унгарија), па дури елиминираа цели дисциплини (Полска).

Овие влади ги игнорираат вековните универзитетски традиции што беа почитувани дури и за време на комунизмот. Но политичките субјекти што стојат зад таквите одлуки не се заинтересирани за утврдување на историските или на научните факти. Тие се подготвени да ги критикуваат, исмеваат, па дури и да ги загрозат оние што стекнале такво знаење или сакаат да го сторат тоа.

Треба да ја отфрлиме идејата дека извршителите на таквите напади се неуки и необразовани или дека не го почитуваат знаењето. Високи функционери на унгарската влада, кои го принудија Централноевропскиот универзитет, основан од финансиерот Џорџ Сорос, да се пресели во Виена и да ги забрани родовите студии, претходно добија стипендии од Соросовата фондација „Отворено општество“ за да студираат на „Оксфорд“, во Њујорк и на други места. Тоа се високообразовани луѓе што знаат дека знаењето е моќ, имаат јасна агенда и ги користат предностите од фактот дека образованието во ЕУ е одговорност на националните влади, а не на институциите со седиште во Брисел.

Овие влади сакаат да воспостават образовен систем според кој само државата одлучува кои области на истражување се неопходни и социјално важни. На долг рок тие, најверојатно, исто така, сакаат на политички лојалните институции и научници државата да им даде право да создаваат и да пренесуваат знаење.

Со други зборови, пристапот до знаење ќе престане да биде право на граѓаните. Политичката веродостојност ќе определи кој може да предава и што да проучува за земјата и за нејзиното минато. Ова е спротивно на демократизацијата на високото образование и на науката воопшто, а значи и ставање на „експертите“ во служба на пошироките антидемократски цели. За да го спречиме второто, мора да му се спротивставиме на првото.

Политиките за демократската наука се засновани на принципот дека пристапот до науката е човеково право. Тие со право претпоставуваат дека знаењето создадено во демократски дух на истражување е од повисок квалитет во однос на тоа што е создадено од некој што станал „експерт“ со политички врски.
Многу прашања во општествените и во хуманистичките науки имаат директни одговори. Конечно, треба да ги прифатиме заклучоците на експертите што ја посветиле целата своја кариера на одредено прашање, а не на оние што имаат политичка агенда.

Затоа, мораме да се бориме против вознемирувачкиот тренд во кој европските влади си даваат право да одлучуваат за научни прашања и да ги назначуваат лојалните поддржувачи да дејствуваат како арбитри на вистината. Исто така, треба да прашуваме дали новите, идеолошки засновани владини истражувачки институти и универзитети во некои од овие земји, имаат вистинско место во мрежата на европски универзитети и истражувачки институции.

Социјалните научници и другите академски граѓани во земјите од бивша комунистичка Европа повторно работат во сè порепресивна интелектуална клима. Не смее да се остави само на нив да ја бранат демократската потрага по знаењето наспроти оние што со владин декрет одлучуваат со кој пиштол е пукано во Сараево.

Авторката е професорка по родови студии на Централноевропскиот универзитет