Ни треба критички осврт кон здравствената криза

Помина година и пол откако почнавме да живееме и пречесто да умираме од ковид-19. Иако пандемијата ни оддалеку не е завршена, не е премногу рано да се направи една рефлексија и да се извлечат некои прелиминарни заклучоци од ова искуство. Еден од заклучоците што се покажаа како исклучително провизорни се однесува на изворот на пандемијата. Отпрвин нашироко беше распространето мислењето дека САРС-КоВ-2, кој предизвикува ковид-19, се проширил од пазарот за морска храна во Вухан, Кина, откако скокнал од животно (најверојатно лилјак) на човек преку друго животно-домаќин. Меѓутоа, сега сѐ поголем број научници и експерти веруваат дека е исто толку (ако не и повеќе) веројатно дека вирусот случајно „излегол“ од Институтот за вирологија во Вухан. Постојат многу причини за ваквиот сомнеж: локацијата на институтот и фактот дека се занимава со коронавируси; оддалеченоста на избувнувањето на епидемијата од локацијата со лилјаци; неможноста да се идентификува посреднички носител или какви било рани кластери надвор од провинцијата Хубеи; одредени физички карактеристики на вирусот и, на крајот, прикривањето докази од страна на Кина и нејзиното одбивање да соработува во целост со меѓународните истражувачи.

Сите заедно ги разгореа шпекулациите и го привлекоа вниманието на американските разузнавачки служби, кои сега од претседателот Џо Бајден добија налог да ги зголемат напорите за идентификување на потеклото на ковид-19. Доколку нашироко се прифати наративот за „лабораториско истекување“, Кина ќе се соочи со сериозно нарушување на нејзината светска репутација и со голем политички проблем за нејзиното лидерство на домашен терен.
Доколку се фрли поглед врз светот и се споредат индивидуалните перформанси на државите во справувањето со пандемијата, она што се покажува како најважно не е толку природата на политичкиот систем, колку квалитетот на политичкото лидерство. Русија, Бразил, Мексико и САД под водството на Доналд Трамп доживеаја неуспех, додека Тајван, Нов Зеланд, Виетнам и САД под водството на Џо Бајден се справија релативно добро. Пред сѐ, овој податок сугерира на фактот дека популистичките лидери имаат најлоши резултати, веројатно затоа што имаат склоност да ги отфрлаат непријатните факти и да се противат на воведувањето неопходни мерки што би можеле да ги чинат скапо – брзо губење на поддршката од јавноста.
Се чинеше дека многу држави од Источна Азија и Европа веќе го имаат вирусот под контрола, меѓутоа тие сега се соочуваат со голем број тешкотии. Тестирањето, физичката дистанца и следењето на контактите како алатки се неопходни, но не се доволни. Од есенцијална важност се ефикасните вакцини што може да се произведат и дистрибуираат во големи количества.

Овој факт е очигледен од драматичниот пресврт во САД, за што може да ѝ се оддаде големо признание на администрацијата на Бајден. Сепак, и администрацијата на Трамп треба да биде пофалена за донесените одлуки со кои се скрати времето што обично е потребно за развој и производство на ефикасни вакцини. Одобрението за употреба на неколку од нив во текот на нешто повеќе од една година укажува на тоа колку владите се важни, но и дека соработката меѓу јавниот и приватниот сектор може да претставува добра формула за успех.
Пандемијата исто така покажа дека, што се однесува до економскиот раст, здравствената безбедност не е помалку важна од физичката. Онаму каде што се добиваат битки против пандемијата, како во САД и во Кина, брзо следува и економско заживување.
Истовремено, технологијата се покажа како непроценлива од најмалку два аспекта. Покрај брзиот развој на новата генерација безбедни вакцини, технологијата ни помогна да ги менаџираме нашите приватни и професионални активности многу подобро одошто го правевме тоа, да речеме, пред три децении, пред доаѓањето на брзиот интернет и компјутерите, кои овозможуваат работа на далечина.
Со оглед на жртвите во текот на изминатава година, споредени со оние од претходните години, реалната бројка на смртни случаи од пандемијата веројатно ќе биде два, дури и трипати поголема одошто кажуваат официјалните бројки, кои се движат помеѓу 3 и 4 милиони.

И покрај големите муабети за „меѓународната заедница“, пандемијата го откри нејзиното отсуство. Неуспехот во производството и правичната распределба на вакцини низ светот претставува скандал. Постои побарувачка, останува да се има волја таа да се задоволи со доволно снабдување. Разочарувачка и кратковида е одлуката на администрацијата на Бајден за отпор кон значителниот извоз на вакцини, особено затоа што американските резерви на вакцини се многу поголеми од она што значи домашна побарувачка.
Не постои ниедна причина да веруваме дека пандемијата на ковид-19 ќе биде и последната. Напротив, речиси е сигурно дека ќе има и други, без оглед дали ќе се работи за нова форма на коронавирусот или нешто друго.

Оваа пандемија се покажа како многу трагична, но штетите од неа и понатаму ќе се зголемуваат доколку владите не почнат со изградба на националните и меѓународните институции (вклучувајќи ја и на големо реформираната Светска здравствена организација) што ќе ни помогнат да се справуваме со следниот предизвик од ваков вид.
И за крај уште една поента, се чини дека оваа пандемија нема да претставува пресвртна точка во нашата историја. Многу трендови што беа видливи пред две години, од стареење на населението и пропаѓање на држави до зголемување на нуклеарното оружје и сајбер-опасностите, остануваат акутни и денес. Пандемијата ќе нѐ ослаби и ќе ни го одвлече вниманието на некое време, но наближува моментот кога повторно ќе мора да им се даде неопходниот приоритет и на другите предизвици.

Авторот е претседател на Советот за надворешни односи и автор на книгата „Светот: кратко претставување“