На што треба да внимаваат владите при вакцинациските програми

Вакцинирањето на светот против ковид-19 е еден од најкритичните напори со кои се соочило досега човештвото. Многу земји имаат развиено амбициозни, политички чувствителни и внимателно распоредени планови за вакцинација, но предизвик ќе биде нивното успешно спроведување. За да успеат во целта, политичарите треба да внимаваат на три реални предизвици во нивните вакцинациски планови за оваа година и во иднина.
Прво, одложувањата се неизбежни. Повеќе од два месеца по првата авторизација на вакцината, надежите за брза дистрибуција исчезнуваат во многу земји. Застојот во производството ја натера Европската Унија да се заканува со правни лекови и ограничувања на извозот. Застојот во производството е сериозен проблем, затоа што фирмите мора да ги зголемат или пренаменат фабриките за да можат да произведат милијарди дози годишно, а синџирите за снабдување со вакцини сè уште се градат. Покрај тоа, проширувањето на капацитетот со помош на технологијата вклучува правни и технички пречки.
Други правни и регулаторни пречки исто така може да предизвикаат одложувања на испораката. Многу земји имаат потпишано билатерални договори за напредна набавка со производителите на вакцини, од кои повеќето пропишуваат вакцината да добие регулаторно одобрување, да има фазна испорака и вратен депозит. Но договорите за напредна набавка може тешко да се спроведуваат, а во меѓународното право мора итно да се направат промени за да се решат ваквите правни пречки. Понатаму, масовното вакцинирање на народот против ковид-19 претставува значаен логистички предизвик и ќе бара вклученост на целото општество. Владите ќе треба да обезбедат вакцинациски центри во кои непречено ќе се одвива вакцинирањето, функционален ладен синџир на испорака, а притоа да воведат моќен систем што ќе регистрира неповолни настани и ќе може соодветно и брзо да одговори на нив.

Вториот предизвик што треба да се истакне е тоа што вакцините против ковид-19 уште повеќе ќе ја доведат до израз нееднаквоста во светот. Сите држави од ОЕЦД, освен Турција, набавија дози на вакцини повеќе од потребното. Ваквиот таканаречен „вакцинациски апартхејд“ значи дека богатите земји најверојатно многу порано ќе постигнат колективен имунитет со масовна вакцинација на својот народ и со тоа побрзо ќе ја вратат економијата на старите патеки за разлика од сиромашните земји, кои далеку ќе заостануваат.
Вакцинациските програми за ковид-19 исто така би можеле да ја влошат внатрешната нееднаквост во државите, како што самата пандемија влијаеше врз етничките малцинства, жените, доселениците и сиромашните. Светската здравствена организација препорачува први да се вакцинираат здравствените работници и постарите лица, но други се залагаат приоритет да им се даде на етничките малцинства или на сиромашните, а дополнително маргинализирани може да останат домородните заедници, мигрантите и бегалците. Во меѓувреме, богатите елити може да се вакцинираат побрзо преку приватниот сектор, црниот пазар или со помош на „вакцинацискиот туризам“. Големите компании може да набават вакцини за своите вработени или да лобираат да им се даде приоритет како „неопходни деловни субјекти“, а вакцинациските пасоши, за кои веќе постојат планови, може да го отворат патот кон дискриминаторните политики.
За да се ублажи ризикот од нееднаквоста, ќе биде потребен повеќеслоен пристап. Генералното собрание и Советот за безбедност на Обединетите нации мора поактивно да се вклучат во управувањето со светските јавни добра, додека администрацијата на американскиот претседател Бајден треба да обезбеди сериозно и инклузивно лидерство. Владите мора да ја одржат финансиската и политичката поддршка, која е потребна за да може насекаде во светот да се дистрибуираат вакцините преку механизмот „Ковакс“. Граѓаните, групите за граѓанско општество и медиумите мора будно да ја следат состојбата и навремено да алармираат за да ја спречат нееднаквата дистрибуција на вакцините.

Трето, политичарите треба особено да внимаваат одлуката за набавка на вакцините да не прерасне во алатка за американско-кинеското ривалство. Геополитиката веќе има свој удел врз јавната набавка и може да ги наруши критериумите како квалитетот, достапноста, вредноста и цената на вакцините. Во таа насока, вакцините исто така би можеле да станат предмет на натпревар за светските стандарди меѓу САД и Кина, кои би можеле да влезат во вакцинациска трка за престиж, финансиски придобивки, наметнување на своето влијание и поставување стандарди.
Конкуренцијата е поволна ако им дава можност на државите да набават евтини и висококвалитетни вакцини, но може да има спротивен ефект ако суперсилите ги користат вакцините, цените и патентите како оружје или преговарачки адут во „вакцинациската дипломатија“. Ако се случи тоа, односно ако изборот на вакцината значи да се одбере страна, тогаш малите и средните сили може да усвојат стратегија за минимизирање на неповолните ефекти или да го применат пристапот на „вакцинациско портфолио“, како што веќе може да се види во Австралија, Малезија и во Сингапур.
За да избегнат да се најдат во средина, државите може да го користат механизмот „Ковакс“ или да се здружат за заедничка набавка преку моделите на револвинг-фондот на панамериканската здравствена организација или иницијативите на УНИЦЕФ. Вакцините против ковид-19 влеваат надеж по тешката прва година од пандемијата. Но за ваквата надеж да се преточи во реалност, политичарите ќе треба ефикасно да реагираат на доцнењата, нееднаквоста и геополитичките ризици.

Авторот е експерт по здравствени политики во „Чатам хаус“ и предавач на Универзитетот на Обединетите нации во Токио и Институтот за стратегиски и меѓународни студии во Малезија.