Најверојатно ќе се заразите со коронавирус

Повеќето луѓе во светот во наредниот период би можеле да се заразат со новиот коронавирус, но многу од нив ќе имаат полесни симптоми. Како и кај сезонскиот грип, кој често е најопасен за хронично болните и за постарите лица, повеќето случаи главно ќе поминат без медицинска помош

Во мај 1997 година, едно тригодишно момче разви нешто што во почетокот изгледаше како обична настинка. Откако симптомите му се задржаа шест дена, детето беше однесено во болница во Хонгконг. Таму детето почна да се бори за воздух и на крајот почина. Зачудени од брзото влошување на здравјето на момчето, лекарите испратија примероци до кинеското министерство за здравство и до други лаборатории во светот. Резултатите на крајот потврдија дека станува збор за вид грип, вирус што убива повеќе луѓе од што било друго во историјата на човештвото. Но овој нов вид дотогаш не беше откриен кај луѓето. Стануваше збор за Х5Н1 или птичји грип, кој беше откриен пред две децении, ама кај птиците.

Веќе беше август. Научниците го алармираа светот. Други случаи беа следени и изолирани. До крајот на годината имаше 18 познати случаи кај луѓето, а настрадаа шест лица. Тоа се сметаше за успешен глобален одговор, а вирусот не беше забележан повторно со години. Делумно, ограничувањето беше можно затоа што болеста беше многу тешка: тие што ја добија беа многу болни. Х5Н1 имаше стапка на смртност од околу 60 отсто. Ако се заразите, веројатно ќе умрете. Сепак, од 2003 година, вирусот уби само 455 луѓе. За споредба, многу послаби вируси на грип убиваат помалку од 0,1 отсто од заразените луѓе, но сепак се одговорни за стотици илјади смртни случаи секоја година. Тешката болест предизвикана од вируси како Х5Н1, исто така значи дека заразените можат да бидат идентификувани и изолирани или дека починале брзо. Тие не шетаат наоколу, чувствувајќи се истоштено.

Новиот коронавирус може да предизвика и сериозни респираторни болести. Тој се чини дека има стапка на смртност од помалку од 2 отсто, значително помалку од повеќето епидемии. Вирусот предизвика глобална тревога не наспроти ниската стапка на смртност, туку заради неа. Новиот коронавирус е поразличен од познатите коронавируси, кои се мошне смртоносни. Овој вирус е смртоносен, ама не толку многу. Тој ги разболува луѓето, ама не на толку предвидлив начин. Светот брзо реагираше на него. Се разви вакцина, кинеската влада воведе драматични мерки за ограничување на движењето, а Светската здравствена организација прогласи вонредна здравствена состојба на глобално ниво. Сево ова се случи во период што беше потребен воопшто да се идентификува Х5Н1 во 1997 година. Сепак, вирусот продолжува да се шири.
Професорот по епидемиологија на „Харвард“, Марк Липсич, смета дека вирусот на крајот нема да биде ограничен. Ограничувањето е првиот чекор во одговорот на какво било епидемија. Во случајот со коронавирусот, можноста за спречување на пандемијата се појави за неколку дена. Кина од јануари почна да става огромни области под карантин. На луѓето им беше забрането да излегуваат од дома. Сепак, вирусот се прошири во многу други земји. И покрај очигледната неефективност на таквите мерки, барем во однос на нивната несоодветна социјална и економска цена, тие продолжуваат да ескалираат. Кинеските власти најавија дека ќе одат од врата до врата, ќе ги тестираат луѓето и потоа ќе ги изолираат сите потенцијални случаи.

Сепак, дури и со идеално ограничување, ширењето на вирусот можеби е неизбежно.
Липсич, на пример, предвидува дека во текот на наредната година, околу 40 до 70 отсто од луѓето низ светот ќе бидат заразени со новиот коронавирус. Но тој јасно нагласува дека сето тоа не значи дека сите ќе бидат тешко болни и ќе имаат смртоносни симптоми. Како што вели тој, веројатно, многумина ќе имаат полесни симптоми. Како и кај сезонскиот грип, кој честопати е опасен по живот за луѓето со хронични здравствени состојби и кај повозрасните возраст, повеќето случаи ќе поминат без медицинска помош. На пример, се проценува дека околу 14 отсто од луѓето со грип немаат никакви симптоми.

Липсич не е сам во верувањето дека овој вирус ќе продолжи да се шири. Се чини новиот консензус е дека најверојатен исход од оваа појава е ново сезонско заболување, односно петти ендемски коронавирус. Со другите четири, не е познато дека луѓето развиле долготраен имунитет. Ако ова важи за новиот вирус и ако болеста продолжи да биде сериозна, тогаш „сезоната на студ и грип“ би можела да стане „сезона на студ, грип и на коронавирус“.

Во моментот е тешко да се прават прогнози за коронавирусот. Но загриженоста дека овој вирус е далеку од ограничување и дека ќе биде со нас неопределено време, никаде не е толку очигледна како во глобалната трка да се најде вакцина, што е една од најјасните стратегии за спасување животи во наредните години. Изминатиот месец, акциите на малата фармацевтска компанија „Иновио“ драматично се зголемија зашто таа наводно открила вакцина за новиот коронавирус. Ова тврдење беше објавено во многу медиуми, иако технички е погрешно. Вакцините бараат долг процес за тестирање за да се утврди дали навистина ги штитат луѓето од болести и дали тоа го прават на безбеден начин. Она што го направи оваа компанија, а и многу други, е што почна да копира РНК на вирусот, што еден ден би можело да се докаже дека ќе функционира како вакцина. Иако генетското секвенционирање сега е екстремно брзо, производството на вакцини е и уметност и наука. Процесот е долг и бара тестирање прво во лабораториски услови на животни, па дури на крајот на луѓе.

Извршниот директор на Коалицијата за подготвеност од епидемии, Ричард Хечет, предвидува дека ќе поминат 12 до 18 месеци пред првичниот производ да се смета за безбеден и ефикасен. Дури и да се оствари оваа идеална едногодишна проекција, новата вакцина ќе бара производство и дистрибуција. Тие би можеле да бидат особено отежнати во вонредни состојби, кога се затвораат граници и се прекинуваат синџирите на снабдување. Овие размислувања се битни за ефективна политика зашто испораката на вакцини и други ресурси до местата каде што ќе бидат најпотребни е неопходно да се запре ширењето на болеста. Колку повеќе светот влегува во режим на самоизолација, толку потешко ќе може да се наоѓаат решенија. Италија, Иран и Јужна Кореја сега се меѓу државите каде што брзо расте бројот на заболени. Многу земји реагираа со обиди на ограничување и покрај сомнителната ефикасност. Одредени мерки за ограничување ќе бидат соодветни, но општи забрани не се реални решенија за епидемија што трае со години. Сите овие мерки имаат свои ризици. Конечно, некои одговори ќе бараат отворање на границите, а не затворање. Во еден момент ќе се сфати дека ниту еден дел од светот нема да го избегне коронавирусот. Болеста ќе биде проблем на сите.

Авторот е доктор по медицина и колумнист