Намалување на јавниот долг како излез од претстојната криза

Додека пандемијата на ковид-19 и натаму беснее, повеќе од 100 земји со низок и среден приход сè уште ќе треба да вратат комбинирани 130 милијарди долари од долгот оваа година што е околу половина од долгот кон приватните доверители. Со одложување на поголемата економска активност и драстично намалување на фискалните приходи, многу земји нема да можат да ги исполнат платежните обврски. Другите ќе собираат ограничени ресурси за да ги исплаќаат доверителите, а притоа ќе ги кратат потребните здравствени и социјални трошоци. Трети, пак, дополнително ќе се задолжат што навидум сега е полесно поради зголемената ликвидност од централните банки низ целиот свет. Од изгубената деценија во Латинска Америка во 1980-тите до последната грчка криза, постојат мноштво болни потсетници за тоа што се случува кога земјите не можат да ги вратат своите долгови.

Светската должничка криза денес ќе резултира со губење на милиони работни места, а ќе поттикне нестабилност и насилство низ целиот свет. Многумина ќе бараат работа во странство што ќе ги оптовари граничните контроли и доселеничките системи во Европа и во Северна Америка. Нова скапа миграциска криза ќе го одвлече вниманието од итната потреба за решавање на климатските промени. Ваквото кошмарно сценарио може да се избегне ако дејствуваме сега.
Како резултат на квантитативното олеснување, јавниот долг (претежно во државни обврзници) на државите со ниски и средни приходи речиси тројно се зголеми од последната светска финансиска криза во 2008 година. Годинава во март, Обединетите нации (ООН) побараа олеснување на долгот за најнеразвиените држави во светот. Неколку земји од Г20 и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го одложија отплаќањето на јавниот долг до крајот на годината и побараа од приватните доверители да го сторат истото тоа. Но не е изненадување тоа што барањата беа игнорирани.

Како резултат на тоа, многу, ако не и повеќето, од придобивките од олеснувањето на долгот од официјалните доверители ќе ги добијат приватните доверители, кои не сакаат да обезбедат какво било олеснување. На крајот, повторно товарот ќе падне врз даночните обврзници во земјите доверители за прекумерното преземање ризици и несовесното позајмување од приватни чинители. Единствениот начин да се избегне ова е да се воведе сеопфатен прекин на долгот што ќе ги вклучува и приватни доверители. Но без силно дејствување од земјите каде што се склучуваат договорите за заем, приватните доверители веројатно нема да прифатат таков аранжман. Затоа, овие влади мора да се повикаат на кризните состојби за да се воведе сеопфатен прекин на исплатата на долговите.
Но прекинот нема да го реши системскиот проблем на прекумерна задолженост. Затоа веднаш треба темелно да се преструктуираат долговите. Почесто, несоодветното преструктурирање е проследено со ново во рок од пет години, со тоа што најголем товар ќе падне врз оние во должничката земја.

Вака на долг рок губат и доверителите. За среќа, постои и една малку користена алтернатива, а тоа е доброволен откуп на јавниот долг. Откупот на јавниот долг често се применува во корпоративниот свет и се покажа ефикасен во Латинска Америка во 1990-тите години и во последната грчка криза. Главната цел би била да се намалат должничките оптоварувања преку обезбедување значителни намалувања на вредноста на државните обврзници и со минимизирање на изложеноста на ризични приватни доверители. Но програмата за откуп може да биде дизајнирана за да ги унапреди здравствените и климатските цели, со тоа што корисниците ќе ги трошат парите, кои инаку би се пренамениле во долгови за создавање јавни добра.
Како што објаснивме во неодамнешниот труд објавен од Центарот за истражување на економската политика, ММФ може да раководи со мултилатерална програма за откуп, која може да ги користи веќе достапните ресурси и дополнителни средства од светски конзорциум на земји и мултилатерални институции.

Државите на кои не им е потребна целосна распределба на Специјалните права за користење на средства (СДР) би можеле да ги донираат или да ги позајмуваат во новата програма. Така би се обезбедиле дополнителни ресурси. За да се обезбеди максимално намалување на долгот за даден трошок, ММФ може да организира аукција и притоа да откупи само ограничен износ на обврзници.
Вообичаената критика на ваквите предлози е дека тие би го уништиле меѓународниот пазар на капитал. Но искуството покажува поинаку. Преструктурирање на долгот ќе мора да следува, а единственото прашање е дали ќе биде добро изведен. Нашите предлози би помогнале во постигнувањето на оваа цел, а со тоа и зајакнување на пазарот на капитал.

На крајот на краиштата, сепак, ние не треба да бидеме загрижени за состојбата на пазарот на капитал, туку за благосостојбата на луѓето во земјите во развој. Сега постои итна потреба за олеснување на долговите во текот на пандемијата. Тоа мора да биде сеопфатен процес и да ги вклучува приватни доверители, но да не значи само одолговлекување долгот. Имаме алатки за да го направиме тоа. Потребна ни е само политичката волја.

Стиглиц е добитник на Нобелова награда по економија, професор на универзитетот „Колумбија“, главен економист на институтот „Рузвелт“ и поранешен постар потпретседател и главен економист во Светската банка. Рашид е поранешен генерален директор за мултилатерални економски прашања во Министерството за надворешни работи на Бангладеш, шеф на мониторингот за светска економија во Одделот за економски во ООН.