Може ли да се врати американската демократија?

САД со години беа бастионот на демократијата. Тие ја промовираа демократијата во светот. За огромна цена се бореа за неа против фашизмот во Европа за време на Втората светска војна. Сега борбата се води на домашна територија.
Американските квалитети како демократија отсекогаш имале свои маани. САД беа формирани како претставничка демократија, но само малкумина од граѓаните имаа право на глас и тоа генерално белите сопственици на имоти. По укинувањето на ропството, белците од југот на Америка се бореа речиси еден век да не им дозволат на Афроамериканците да гласаат, користејќи данок на личен доход и тестови за писменост, за сиромашните да не добијат право на глас. Тие ги добија своите гласачки права речиси половина век откако жените ги добија своите во 1920 година.

Демократиите со право ја ограничуваат доминацијата на мнозинството и затоа содржат одредени основни права што не можат да се негираат. Но во САД се случува обратното. Малцинството доминира со мнозинството и има мала почит кон нивните политички и економски права. Мнозинството Американци сакаат закон за контрола на оружјето, зголемување на минималната плата, гарантиран пристап до здравствено осигурување и подобра регулација на банките, кои ја предизвикаа финансиската криза од 2008 година. Сепак сите овие цели се чинат недостижни.
Ова делумно се должи на американскиот устав. Два од трите претседатели избрани во овој век ја презедоа функцијата иако ја немаа поддршката од народот. Да не постоеше Изборниот колеџ, вклучен во Уставот по инсистирање од помалку населените робовладетелски сојузни држави, Ал Гор ќе станеше претседател во 2000 година, а Хилари Клинтон во 2016 година.

Но фактот што Републиканската партија се потпира на заплашување, гласачки измами и слични напори за изборни манипулации, исто така придонесе да се спречи волјата на мнозинството. Пристапот на партијата можеби е разбирлив. Сепак, поради промената на демографијата, републиканците немаат изборна предност. Мнозинството Американци повеќе нема да бидат бели, а светот од 21 век и економијата не можат да опстојат во општество во кое доминираат мажите. Урбаните области во кои живеат мнозинството Американци, без разлика дали е на север или на југ, ја научија вредноста на различностите.

Гласачите во овие области на пораст и динамика исто така ја увидоа улогата на Владата дека таа може и мора да вложи во заеднички просперитет. Тие се откажаа од застарените идеи дури во неколку случаи прекуноќ. Затоа во едно демократско општество, само поткопувањето на самата демократија е единствениот начин за едно малцинство да ја зачува својата економска и политичка доминација, без разлика дали големите корпорации сакаат да ги експлоатираат работниците и потрошувачите, банките да ги експлоатираат позајмувачите или заглавените во минатото што сакаат повторно да создадат еден заборавен свет.

Оваа стратегија опфаќа повеќе тактики. Покрај поддржувањето на селективното доселување, републиканските претставници сакаа да ги спречат можните демократски гласачи. Повеќето сојузни држави под контрола на републиканците воведоа строги идентификациски контроли во изборните единици. Некои локални влади дури и ги исчистија избирачките списоци, го намалија бројот на изборни единици или го скратија нивното работно време.

Изненадувачки е колку Америка го отежнува гласачкиот процес, односно можноста да се искористи основното граѓанско право. САД се едни од неколкуте демократии што одржуваат избори во работен ден наместо во недела, што очигледно го отежнува начинот на гласање за граѓаните. Гласачкиот процес е сосема поразличен во Австралија, каде што граѓаните мора да излезат на гласање или, пак, во некои сојузни држави, како во Орегон, каде што се гласа преку пошта.

Покрај тоа, системот за масовно затворање, кој продолжува да ги гони Афроамериканците историски има тројна функција. Покрај тоа што обезбедува евтина работна сила и ја намалува висината на минималната плата (дури и денес, како што истакнува Мајкл Појкер од универзитетот „Колумбија“, околу пет отсто од американското индустриско производство се должи на затворениците), целта на овој систем беше да ги лиши осудениците од правото на глас.

Кога сè ќе пропадне, републиканците сакаат да им ги врзат рацете на избраните влади делумно со назначување судии во федералните судови, кои ќе ги укинуваат политиките на кои се противат нивните спонзори и поддржувачи. Во неколку најнови книги, како „Окована демократија“ на историчарката Ненси Меклин од универзитетот „Дјук“, и „Решението од еден отсто“ на политикологот Гордон Лејфер од Универзитетот во Орегон, се наведени интелектуалното потекло и организациските механизми на републиканскиот напад на демократијата.
Американските идеали за слобода, демократија и правда за сите можеби никогаш не беа целосно остварени, но сега тие се отворено под напад. Демократијата стана правило за, од и на малкумина, а правдата за сите е достапна само за белците и оние што можат да си ја дозволат.

Секако, ова не е само проблем во Америка. Во целиот свет, на власт се моќници што малку ја почитуваат демократијата: Реџеп Таип Ердоган во Турција, Виктор Орбан во Унгарија, Јарослав Качински во Полска и сега Жаир Болсонару во Бразил. Некои што се сеќаваат на минатото велат дека и ова ќе помине. Да се сетиме на сите лоши диктатори од 1930-тите. Да се сетиме и на Салазар во Португалија и на Франко во Шпанија, кои го преживеаја во периодот по Втората светска војна. Сите тие се зад нас.
Сеќавањата сепак треба да нè потсетат на човечките жртви на тие диктатори. Американците мора да се соочат со фактот дека нивниот претседател Доналд Трамп е соучесник во богатењето на денешните деспоти.

Ова е само една од многуте причини зошто е важно да се има демократски конгрес (изборите завршија со поделен конгрес, при што демократите го освоија Долниот дом, а републиканците го задржаа Горниот дом). Таквиот конгрес треба да ги контролира авторитарните тенденции на Трамп и да избира државни и локални претставници, кои ќе им го вратат правото на глас на оние што им следува. Демократијата е загрозена и сите имаме обврска да направиме сè што е во наша моќ да ја зачуваме.

Стиглиц е добитник на Нобеловата награда за економија во 2001 година