Министерство за здравство: Опфатот на вакцинација мора да е 95 отсто

Вакцинирањето е дел од здравствената култура, но и должност и обврска за сопственото и за колективното здравје. Ефектите на вакцините се докажани со сериозни медицински студии и науката дава сериозни аргументи за придобивките. Не постои друга поефективна медицинска технологија што го заштитила и го унапредила човековото здравје како вакцините. Токму на новите вакцини, лекови и медицинска технологија се должи продолжувањето на животниот век за 30 години. Многу е важно да ги вакцинираме децата

Пред четири месеци, кога прогласивме епидемија од морбили во општината Бутел, предупредивме дека постои можност епидемијата да се рашири на територијата на целата држава. Кога го сторивме тоа, бевме критикувани во јавноста дека нема простор за паника. И немаше паника, но знаевме дека тоа е исправен чекор и веруваме дека ако не го направевме тоа, ситуацијата сега ќе беше поразителна. Прво, затоа што затекнавме вкупно 16.360 деца невакцинирани со МРП-вакцина само во Скопје. Токму во Скопје од почетокот на епидемијата се вакцинирани вкупно 12.848 деца до 14-годишна возраст. Во другиот дел од државата, од 26.495 невакцинирани деца, досега се вакцинирани вкупно 8.320 деца до 14-годишна возраст со прва или со втора доза.

Тоа значи дека вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП-вакцина од почетокот на епидемијата во целата држава изнесува 21.168, односно 49 отсто од вкупниот број невакцинирани деца. Родителите сериозно ги сфатија нашите апели за вакцинација. Но не требаше да дојде до оваа состојба. Изгубената доверба во квалитетот на вакцините и силната антивакцинална кампања, на која се инсистираше последните десетина години, си го зедоа данокот. Родителите го направија единственото разумно решение, ги вакцинираа децата. Но, секако, очекуваме опфат од 95 отсто, само тогаш ќе бидам задоволен. Здравјето на децата е пред сѐ.

Кампањата за имунизација е во тек. Очекуваме дека многу скоро ќе ги достигнеме тие 95 отсто, кои се неопходни за да се спречат епидемии. Само со стапка на вакцинација од над 95 отсто од населението ќе обезбедиме колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширење на вирусот меѓу популацијата. Сите деца што се невакцинирани, за да се заштитат од заболувањето, треба веднаш да се вакцинираат. Станува збор за болести што се одамна искоренети токму поради вакцинацијата.
Вакцинирањето е дел од здравствената култура, но и должност и обврска за сопственото и за колективното здравје. Ефектите на вакцините се докажани со сериозни медицински студии и науката дава сериозни аргументи за бенефициите од вакцинирањето. Не постои друга поефективна медицинска технологија што го заштитила и го унапредила човековото здравје како вакцините. Впрочем, токму на новите вакцини, лекови и медицинска технологија се должи продолжувањето на животниот век за 30 години во однос на минатото. Многу е важно да си ги вакцинираме децата.

Изменет е правилникот за прием на деца во градинките, бидејќи токму кај децата на таа возраст процентот на невакцинирани е највисок. Во согласност со важечките закони, Уставниот суд веќе одлучувал по претставки на граѓаните дека, сепак, колективното здравје е над индивидуалното и никој по својата волја нема право да го загрозува правото на децата да бидат здрави.