Маршалов план за светското здравје

Пандемијата на ковид-19 ја зголеми свеста за значајните недостатоци во нашата урбана инфраструктура и го истакна нашиот недостиг од внимание кон тоа како човечкото здравје, природните системи и изградената средина комуницираат во утврдувањето на светското здравје. Сега е јасно дека нашиот економски систем го зголемува недостигот од храна, нашите улици му даваат приоритет на моторизираниот сообраќај наместо на физичките вежби, а нашите куќи го зголемуваат ризикот од пренесување болести. Можеме и мораме да направиме промени со започнување смела нова инвестициска програма за светското здравје.
Во најдобар случај, неуспехот целосно да се решат неповолните импликации на постојните животни средини претставува пропуштена шанса за овозможување здрави заедници. Во најлош случај, тие активно придонесуваат за ширење и за пренос на болеста.

Една позитивна карактеристика на тековната криза е брзото усвојување иновативни мерки за да се намалат непосредните економски влијанија на пандемијата. Ова покажува дека можеме да одговориме брзо на системските неуспеси кога ќе постои волја.
Исто така, ние мора радикално да ги преиспитаме нашите изградени животни средини за да можат да го зајакнат непосредниот одговор на пандемијата и да послужат како двигатели за подобрување на долгорочното здравје. Иако градовите ќе бидат главната база за тестирање на реформите за унапредување на здравјето и благосостојбата, исто така ќе биде неопходно да се подобрат постојните системи за управување со здравството.
Иако неколку светски филантропски иницијативи се обидоа да ги подобрат урбаното здравје и отпорноста, несомнено со позитивни резултати, на недостатоците на денешните системи им требаат посуштински промени. Едноставно кажано, на светот му треба нов Маршалов план за светско здравје, сличен на Новиот договор за постпандемична обнова.

Таквиот план би служел како светски водич преку усогласување на иницијативите и менување на стандардните однесувања кон заедничката цел на одржлив здрав урбан развој. Ова ќе бара склучување договор и учество на национални и локални самоуправи, приватни истражувачи, инвеститори и мултилатерални организации, за што ќе биде потребно време. Владите и приватниот сектор треба да работат на три прашања.
Првично политичарите не треба да ја сметаат издржливоста само како краен резултат. Покрај тоа, тие мора да се справат со „проблемот на игнорирање“ што е резултат на временското и просторно растојание помеѓу изложеноста на здравствени ризици и последователните исходи, особено кога станува збор за хронични болести. На крајот, политичарите ќе треба да го решат „проблемот на погрешен џеб“.
Веќе постојат алтернативи на тековниот пристап за економски развој заснован на БДП. Бутан разви бруто-национален индекс за среќа, според кој се раководат неговите политичари додека Алијансата за благосостојба на економија се залага за економски систем базиран на благосостојба, кого го усвоија владите на Нов Зеланд, Исланд, Шкотска и Велс. Но решавањето на трите прашања споменати погоре ќе бара финансирање и инвестирање во здравствените системи.

Тука би можеле да помогнат мултилатералните институции за финансирање на развојот (МДФИ), како што се африканските и азиските развојни банки. Како некомерцијални организации што обезбедуваат капитал за проекти за економски развој преку широк спектар на членки, ваквите институции се посебно позиционирани да управуваат со план токму како Маршаловиот.
Прво, МДФИ има моќ да ги собере шефовите на земјите-членки и лидерите на приватниот сектор за да развиваат и да одобрат заедно таков план, истовремено земајќи ги предвид регионалните разлики. Второ, МДФИ може да услови кредити за развој на урбаната инфраструктура според планот за експлицитно разгледување на здравствените влијанија на проектот и стратегиите за промовирање на здравјето.
Според планот, кредитните институции ќе одлучат како да го мобилизираат и распоредат финансискиот капитал врз основа на тоа каде се најскапите здравствени проблеми и каде најдобро се спречуваат болестите. Тие исто така ќе истражуваат креативни стратегии за да ги охрабрат меѓусекторските политики и да финансираат соработка со проекти, кои го унапредуваат светското здравје. Ваквиот пристап би можел дополнително да ја поттикне јавната политика, со тоа што главен придонес за здравјето ќе биде индикаторот за успешност на стратегиите, политиките и иницијативите за развој на урбаната инфраструктура.

Катастрофалното влијание на ковид-19 ја истакна итната потреба за амбициозни, сеопфатни реформи наместо растечки, постепени мерки. Светски Маршалов план за подобрување на светското здравје би значел воведување радикално нов пристап и би бил значаен чекор кон зачувување на иднината на градовите што се развиваат брзо. Покрај финансиите и инвестициите од јавниот и приватниот сектор, ќе биде потребно и општественото движење (предводено од младите) да ја поттикне постојаната побарувачка за стабилно закрепнување од пандемијата, поддржано со истражување во науките, уметностите и хуманитарните науки. Спречувањето токсични одлуки во урбанистичкото планирање и развојот на инфраструктурата е од суштинско значење за да се намали изложеноста на болести, да се намали потребата од здравствена заштита и да се создадат подобри градови и подобро здравје за сите.

Авторката е докторка по јавно здравје и урбан епидемиолог, висока соработничка во клинички истражувања на универзитетот „Кембриџ“ и почесна професорка на Универзитетот во Кејп Таун.