Лидерите да се извинат за грешките во справувањето со пандемијата

Потегот на германската канцеларка Ангела Меркел за брзо повлекување на избрзаната одлука за карантин за Велигден беше изненадувачки, дури и шокантен, со оглед на нејзиното постојано смирено однесување. Уште поневеројатно беше извинувањето што го упати до парламентот, пред кој призна дека „грешката била нејзина, затоа што, на крајот на краиштата, таа ја носи одговорноста како канцеларка“ и длабоко се извини и побара прошка од народот. Меркел беше во право што ја промени одлуката, затоа што предложената мерка, договорена на долгата конференција доцна во ноќта на водачите на германската регионална влада, ќе ги затвореше виталните синџири на снабдување и ќе создадеше хаос во продавниците за храна пред ненадејното затворање. Овој потег можеби чинеше не само пари туку и животи.
Неколку влади беа искрени како Меркел за сопствените ограничувања. Низ целиот свет, пандемијата ги разоткри проблемите со кои се соочуваат демократиите кога тие реагираат на комплексни и состојби што брзо се менуваат. Кога владите се принудени да донесуваат толку многу одлуки, некои неизбежно ќе бидат неправедни, погрешни или, пак, и двете.

Одлуките за ограничувања на патувањето, правилата за карантини или вакцинацискиот приоритет сигурно ќе содржат одреден степен на арбитрарност. Сите се согласуваат дека суштинските работници треба да бидат изземени од карантинот, но не сите се согласуваат за тоа кој сè треба да спаѓа во оваа категорија. Дали наставниците спаѓаат тука? Покрај болничкиот персонал, кои други медицински работници треба да бидат вклучени? Пластичните хирурзи може да вршат процедури за разубавување, но исто така може да бидат потребни по страшна несреќа.
Политиките за патување носат и свои апсурди, особено кога се прават исклучоци за влијателните и познатите. Велика Британија неодамна воведе целосна забрана за патувања, но ги иззема „неопходните“ службени патувања. Соодветно на тоа, некои лица одеднаш сметаа дека е суштинско значење да се погрижат за имотот во странство. Вакцинациите се уште попроблематични. Постои силна причина зошто треба да се вакцинираат први жителите на старските домови и нивните старатели, бидејќи постарите лица се особено ранливи, а вирусот лесно се шири во заеднички живеалишта. Но постои и силна причина зошто треба да се вакцинираат младите луѓе, кои имаат поголема веројатност и потреба да се движат наоколу, поради што стануваат ризична категорија за лесно ширење на вирусот.

Главното прашање што се поставува е како да се направи правилниот избор. Треба ли луѓето да гласаат за одлуките или да пополнуваат анкети за мислење? Овој пристап едноставно би спротивставил некои демографски групи против други, затоа што секој би гласал за своите интереси. Сликата дополнително се усложнува со прашањето за коморбидитети, кои честопати се одлучувачки фактор дали вирусот е фатален. Најчести се дебелината, високиот крвен притисок, астмата и дијабетесот, кои се јавуваат во различни степени на сериозност и влијаат на некои демографски групи непропорционално.
Еднакво е тешко да се направат брзи процени на сложените научни податоци, особено кога има толку многу притисок да се произведат и дистрибуираат безбедни и ефикасни вакцини што е можно побрзо. Со актуализирање на некакви сомневања во врска со нивната безбедноста само се отвора патот за антиваксерскиот скептицизам и одбивноста кон нив. Уште еден од последните погрешни чекори на Германија беше прекинување на вакцинацијата со „Астра Зенека“ токму кога почна третиот бран на пандемијата.
Демократските влади исто така носат дополнителен товар од соочувањето со грешките од минатото. Кога одговорните ја прикриваат својата грешка, со тоа тие практично ја поткопуваат владата. Не е ни чудо што пандемијата ги продлабочи партиските поделби и посеа уште поголема недоверба во основните принципи на демократијата.
Корона-кризата може да даде две општи лекции. Прво, колку повеќе системот се заснова на правила, толку поцврсто може да управува со критиките. Карантините водени од јасни, предодредени критериуми се еден директен начин да се спречи ширењето не само на вирусот туку и на вината и цинизмот. Второ, проблемот со недостигот од вакцини и неправедната распределба може очигледно да се реши со производство на што повеќе дози.

Државите не можат да произведат сами големи количества на вакцини. Чудото од брзиот развој на вакцини зависеше од значителен број компании што се вклучија во конкурентен процес со јасна низа на иницијативи. Другите компании се фокусираа на производство на антивирусни лекови и никој не знаеше кој ќе успее и кој ќе излезе во ќор-сокак. Ниту еден владин план следејќи ја само интуицијата не можеше да ги направи сите вистински избори со знаењето што беше на располагање. Правилниот курс, отелотворен во операцијата „Ворп-брзина“ во САД, беше да се обезбедат федерални финансии и договори за резервација на широк спектар експериментални напори на приватните бизниси.
Овие два пристапа, односно рамката заснована на правила и иницијативи за конкуренција, изгледаат како класични одговори на старото прашање за тоа како државите треба да се вклучат во сложените економски и социјални процеси. Двата ја нагласуваат потребата за универзалност, наместо дискрециските одлуки, кои неизбежно даваат произволни резултати. Колку е поблиску придржувањето кон принципот, толку помалку има потреба за лути дебати и за политики доцна во ноќта или извинувања.

Авторот е професор по историја и меѓународни односи на универзитетот „Принстон“ и постар соработник во Центарот за иновации за меѓународно управување.