Лекции од пандемијата за намалување на екстремната сиромаштија

Во изминатите шест години, проектот „Дневниците од Хришипара“ ги следеше дневните трошоци на 60 сиромашни семејства во рурален Бангладеш. Анализата на собраните податоци, особено промените во потрошувачките навики што се јавија за време на пандемијата, откриваат четири области во кои политичарите можат да се вклучат и да помогнат

Дури и кога богатите земји почнуваат да ја гледаат светлината на крајот од тунелот на пандемијата, земјите во развој се борат да го спречат ширењето на ковид-19. Но постојат важни лекции од изминатата година што можат да им помогнат на владите да смислат поефективни политики и програми за поддршка на нивните најсиромашни жители во услови на континуирани епидемии и карантини.
Еден вреден извор на такви лекции е проектот „Дневниците од Хришипара (ХДДП), кој ги следи дневните финансиски трошоци на 60 сиромашни домаќинства во рурален Бангладеш во последните шест години. Анализата на собраните податоци, особено промените во потрошувачките навики што се случија за време на пандемијата, открива четири области каде што владите треба да се вклучат.
Прво, политичарите треба да обезбедат пристап до готовина за итни случаи. Сиромашните во руралните средини се навикнати на шоковите по нивната егзистенција. Сушите и поплавите се типични карактеристики на нивниот живот, како и сериозните болести и загубата на работните места. Но тие обично имаат некаков пристап до помош, односно можат да ги искористат семејните мрежи за заемна помош или да позајмуваат од микрофинансиски институции, лихвари, пријатели и семејство.
Ова не важеше за време на пандемијата на ковид-19. Ограничувањето на движењето значеше дека домаќинствата не можат да го посетат поширокото семејство за да бараат финансиска поддршка. Дури и да беа во можност, со тоа што егзистенцијата на сите во исто време беше страшно ограничена, пријателите и семејството често немаа што да понудат. Строгите карантини на многу места ги принудија давателите на микрофинансии и други финансиски институции да се затворат, што ги спречи домаќинствата да бараат заеми, па дури и да ги повлечат своите заштеди. Шеесетте домаќинства во студијата од Бангладеш ги запреа речиси сите финансиски трансакции за време на карантините што ги воведе тамошната влада. Ова ја нагласува итната потреба за големи безусловни трансфери на пари од државата, што ќе им се исплаќаат директно на сиромашните со минимална документација. Кога имаме криза од вакви размери, не е време за фискална исправност.

Второ, треба да се поддржи капацитетот на сиромашните луѓе да ги користат агенциите и претприемачкиот дух. Домаќинствата во Хришипара реагираа брзо и беа снаодливи во одговорот на шокот што го предизвика ковид-19 и покажаа импресивни вештини за управување со парите. Понекогаш ова добиваше претприемачка форма. На пример, Самарт, земјоделец што одгледува земјоделски култури и млечни крави на мала парцела, брзо препозна дека бариерите во патниот транспорт ги зголемуваат цените на стоките од главниот град, со што ги намалуваат цените на локалните производи што обично се извезуваат. Така, Самарт купуваше производи од локални земјоделци по многу ниски цени и ги продаваше на привремен уличен пазар што го постави во Хришипара. Локалните жители, кои не смееја да ги напуштат нивните населби, ја обезбедија побарувачката, а Самарт ги зголеми неговите дневни приходи за време на карантинот.
Политичарите ретко ги земаат предвид ваквите претприемачки инстинкти во подготвувањето програми за поддршка на сиромашните. Ова треба да се промени со политики што ги поттикнуваат и наградуваат овие инстинкти и ја подобруваат способноста на сиромашните домаќинства да ги искористат. Приватниот сектор исто така има своја улога. Финансискиот сектор особено треба да развие флексибилни производи што ќе им овозможат на сиромашните луѓе да ги искористат шансите што ќе им се понудат. Ова исто така бара владите да обезбедат непречен пристап до финансиски услуги за време на карантините.
Трето, на сиромашните им е потребна дарежлива помош во храна, особено за време на карантините. Дури и во најтешките околности, учесниците во проектот најдоа начини да дојдат до храна, но по цена на драстично намалување на другите расходи. Нашата анализа покажува нагло намалување на периодичните трошоци на домаќинствата, освен храната, во првиот месец на карантините (април 2020 година). Покрај тоа, само во октомври, неколку месеци по укинувањето на карантините, тие трошоци се вратија на нивоата пред пандемијата.

Последно, готовинските резерви на домаќинствата со ниски приходи треба да бидат заштитени. Повеќето од учесниците во проектот чуваа готовина дома за итни случаи. Пандемијата и особено недостигот од пристап до заштеди значеше дека тие ги чуваа тие пари за да купат храна и да задоволат други основни потреби. Владата и финансискиот сектор треба да најдат начини не само да помогнат во обезбедувањето на овие домашни резерви туку и да им олеснат на сиромашните да ги дополнат. Проширувањето на обемот на исплата на готовина и ефикасноста на исплатата се од клучно значење, како и отворените агенти за мобилни пари за време на кризи.
„Дневниците на Хришипара“ покажуваат дека, за време на карантините во пандемијата, сиромашните мораа да се грижат претежно за себе. Благодарение на нивната генијалност, вештините за управување со пари, личните врски и минатото планирање кризи, тие успеаја да преживеат. Но тие исто така мораа да дадат големи жртви. Бидејќи владите смислуваат стратегии за поддршка на сиромашните не само за време на карантините туку и во идните кризи, тие треба да размислат за она што се случи со домаќинствата во Бангладеш за време на пандемијата, така што следниот пат, такви жртви нема да бидат потребни.

Ристо Ренко е истражувач во Светскиот институт за истражување на развојната економија при Универзитетот на Обединетите нации (УНУ-ВИДЕР). Стјуарт Радерфорд е основач на „Шохоз шончој“. Кунал Сен е директор на УНУ-ВИДЕР.