Крај на светот каков што познава моќта

Колумната лево обработува економска тема. Судирот меѓу САД и Кина на економски план. Мене економија генерално не ме интересира. Како и сè друго, злоупотребена е. Најчесто за создавање економски кризи по кои богатите стануваат уште побогати, а сиромашните посиромашни. Сегашнава „тепачка“ меѓу САД и Кина, очигледно ја загрижува светската моќ. Светската елита, ако сакате попрецизно. Оние што го владеат светот. Оние што сакаат да бидат архитекти на човечките судбини. А кога се тие загрижени или вознемирени, мене сеедно ми е. Понекогаш ми е драго кога имаат главоболки. Ете, како сега. Посебно кога на глобалистите не им оди од рака. Ним сега им се случува тоа и на политички и на економски план. Што, секако, е поврзано. Нервозата е поради силата што полека ја добиваат нивните политички противници. Тие ги нарекуваат националисти и популисти. Јас, суверенисти.

Не ја избрав колумната на Јошка Фишер за да се конфронтирам со него на економски план. Тој, всушност, и не прави некоја сериозна анализа. Повеќе прераскажува што се случува. Добро, предупредува до што ќе доведе тоа, ама па и не звучи толку застрашувачки. Освен за сегашните владетели на светот. А тоа е океј. Минатиот пат со конфронтирав со Солана. Тој ги анализираше европските избори. Потресите што може да се случат. Стравот од суверенистите. Стравот од незадоволството на народот.

Фишер тука ја објаснува економската приказна. Стравот е секако присутен. Нивните две колумни прават целина. Политичката и економската страна. Со целината сакам да дебатирам.

Крајот на светот каков што го знаеме. Убав наслов. За мене тоа е име на роман од Ерленд Лу. Генијален, модерен, норвешки автор. Меѓу другото има напишано трилогија составена од насловите „Доплер“, „Волво камиони“ и „Крај на светот каков што го знаеме“. Зошто го споменувам ова? Главниот лик во трилогијата Доплер, ги напушта, како што самиот вели, своето брилијантно семејство, брилијантите пријатели, брилијантната кариера, брилијантното норвешко општество. Оди да живее во шума со еден обичен див лос. Потоа скита по Норвешка. На крајот станува порноглумец. Тоа е бунтот на поединецот против брилијантноста на светот. Лажната брилијантност. Таа брилијантност отуѓува, го празни умот, ја укинува душата. На нивно место доаѓаат трката за пари, потрошувачкото општество, робување на корпорациите и маркетингот, војната за кариера, себичноста и саможивоста. Нема да ги анализирам романите на Лу. Ако е таква речиси совршената Норвешка, како ли е во далеку понесредените држави? А незадоволството низ светот сè повеќе расте. И тоа не зборувам за земјите од третиот свет, туку за Европа и за САД. Тука се води сега политичката битка меѓу суверенистите и глобалистите.

Издвојувам три цитати од колумната на Јошка Фишер:
1. „По три децении движење кон единствен глобален пазар регулиран со правилата на Светската трговска организација, меѓународниот поредок претрпе фундаментални промени“.
2. „Опасноста не е само во тоа што економските ривалства, протекционизмот и трговските ограничувања ќе го загрозат светскиот просперитет“.
3. „Сепак, со прекинот на трговските односи со Кина, САД ќе направат огромни трошоци на своја сметка“.

Се согласувам со сите три констатации. Глобалниот пазар и меѓународниот поредок навистина влегуваат во фаза на промени. Може се и фундаментални. Тоа е добро. Треба да им се одземе севкупната моќ на глобалистите. Тој нивни глобален пазар само ним им носи профит. Ако не се случи некој потрес, промена, влегуваме во нешто што јас го нарекувам робовладетелска демократија. Слично на атинската од античко време. Кога двесте-триста мажи одлучувале за сите други. Тоа е привидна демократија каде што полека, преку моќта на мал број луѓе, остатокот од светот запаѓа во потрошувачко ропство. И околу загрозувањево се согласувам. Само што нема да го загрозат светскиот просперитет, туку нивниот, на моќниците. Досега тие создаваа вештачки кризи по кои милиони обични луѓе банкротираа, остануваа без куќи, а банките за сметка на граѓаните инкасираа огромни суми пари. А дека САД ќе претрпат трошоци од економскава тепачка со Кина, сосема е неважно. Ќе преживеат. Многу е поважно да не почне вистинска војна. Со Иран, на пример. Оти кога САД тераат вистински војни, милиони не преживуваат.

Сакам да кажам дека е добро што се тресе тлото под нозете на она што јас го нарекувам изопачена моќ. И на политички и на економски план. А војната меѓу Трамп и „Хуавеи“ ќе ја преживееме. И човештвото, и лосовите и камионите „волво“, и порнофилмовите. Многу полесно отколку што светот ги преживува вистинските војни и фингираните економски кризи. А планетата нека се менува. Нека стане биполарна, нека се одземе моќта од рацете на еден центар. Оти овие отидоа предалеку. Не само што им го одземаат економскиот суверенитет на државите, туку го сакаат под своја контрола и политичкиот и националниот. Ако продолжеа вака сами, без никој да им се спротивстави на неконтролираната моќ, еве ја каде ни мавта од блиската иднина Орвеловата држава. Европа сериозно го чувствува тоа. Затоа луѓето се незадоволни, протестираат. Затоа резултатите од европските избори ја изненадија елитата. Не е ни чудо што креваат толкава паника. Постојано слушаме за опасноста наречена Трамп, Путин, Орбан или Салвини. Проблемот за елитата е што овие ги зајакнуваат сопствените држави. И на политички и на економски план. Си го враќаат полека одземениот суверенитет. Создаваат нови правила. Отвораат нови пазари. Не верувам дека ќе воспостават рај, ама добро е малку да се дестабилизира пеколот.

Да заклучам. Започнува крајот на светот каков што го познаваат глобалистите. Нивната „брилијантност“ се покажа како забегана и речиси изопачена. Ние, остатокот од светот, сиромашниот свет, многу корист не видовме. Не знам дали нештата ќе се променат на подобро, ама за почеток добро е што почнаа да се менуваат.