Крајот на НАТО?

Карл Билт

Замислете си руска интервенција врз земја на НАТО и потоа замислете си како ќе реагира Трамп. Дали тој ќе му се јави на Путин за да го праша што се случува? Дали ќе се повика на колективната одбрана според членот 5 од договорот за НАТО или можеби ќе се колеба, ќе ги оспори разузнавачките агенции, ќе ги омаловажи сојузниците и ќе ги потврди демантите на Путин? Ова се вознемирувачки прашања што треба да му се постават на Трамп

Што остана од НАТО и од трансатлантскиот поредок по неодамнешната бурна недела на американскиот претседател Доналд Трамп во Брисел, Британија и во Хелсинки, каде што го бранеше рускиот претседател Владимир Путин од обвинувањата за сајбер-војување од страна упатени од разузнавачките служби на Америка? Гледајќи како се одвиваат настаните низ розови очила, може да се мисли дека најважната стратегиска алијанса на Западот е повеќе или помалку во ред, па дури и станува посилна. Но, всушност, НАТО е во опасност, а неговата судбина сега лежи во рацете на Трамп.

Пред и за време на самитот на НАТО, имаше многу превирања за воените трошоци на земјите-членки како дел од бруто-домашен производ (БДП). Се очекува секоја членка да го зголеми своето трошење на два отсто од БДП до 2024 година, но Трамп се чини дека мисли дека ова веќе требало да се направи. И на самитот на Алијансата, тој одеднаш повика на нова цел од четири отсто од БДП, што е повеќе дури и од трошењето на САД.

Факт е дека во изминатите неколку децении, примарниот фокус на НАТО беше на мировните операции на далечните места, наместо на неговата суштинска функција на територијална одбрана. За повеќето европски земји-членки, мировната дивиденда од операциите на Алијансата ги оправдува намалувањата на националните воени буџети.
Но, овој став се промени во 2014 година, кога Русија го анектираше Крим и почна тајни воени напади во Источна Украина. Оттогаш буџетите за одбраната на земјите-членки на НАТО се зголемија просечно за околу четири отсто годишно, со што е можно постигнувањето на целта до 2024 година.

Уште побитно, тврдењето на Трамп дека САД носат неправедно голем дел од товарот за колективната одбрана на НАТО е во најмала рака сомнително. Воениот буџет на САД можеби изнесува колку и 72 отсто од вкупните трошоци за одбрана на сите земји-членки на НАТО, околу три четвртини од американските воени трошоци се насочени кон други региони, а не кон Европа. Околу половина од буџетот за одбрана на САД се троши за одржување на военото присуство во Пацификот, а уште една четвртина се троши за операции на Блискиот Исток, стратегиската нуклеарна команда и контрола и за други сфери.

Покрај тоа, иако САД значително ги зголемија трошоците за одбрана во Европа во изминатите неколку години, вреди да се запамети дека повеќето американски сили и капацитети таму всушност се фокусирани на геостратегискиот лак од Индија до Јужна Африка. Со капацитети како Рамштајн, Ферфорд, Рота, Виченца и Сигонела, САД долго време ја користеа Европа како место за распоредување на силите на друго место. И капацитетите за рано предупредување и за надзор што ги одржува САД во Британија и во Норвешка се распоредени таму за да го бранат континенталниот дел на САД, а не Европа.

Факт е дека вкупната европска потрошувачка за одбрана е двојно поголема од она што САД го трошат за европската безбедност, а исто така е и двојно повеќе од тоа што Русија го троши за одбрана, според процените добиени на американскиот универзитет за национална одбрана.

Критичното значење на американската команда и контрола и на разузнавачките сили во Европа не треба да се минимизира, но барем треба да се стави во контекст. Американската армија можеби ротираше бригади со тешка опрема за воени вежби во Европа, но нејзините постојано стационирани војници се опремени само за ограничени интервенции.

Затоа НАТО мора да продолжи да го подобрува својот одбранбен капацитет во Европа. Минимално, Европа има потреба од повеќе воени сили, и тие сили треба да бидат опремени за брзо распоредување во критични области. Новата команда за мобилност што се формира во Германија е ветувачки прв чекор.

И, сепак, предностите на Русија во однос на НАТО имаат помалку врска со ресурсите отколку со командата и контролата. Бидејќи станува збор за една земја, воените сили на Русија се поинтегрирани, и можат да бидат распоредени побрзо во исполнувањето на стратегиските директиви од Кремљ. Таквата состојба беше јасна на Крим во 2014 година и во Сирија наредната година.

Од своја страна, НАТО има длабоко интегрирана командна структура за силите што му се доделуваат. Но тоа нема голема важност, ако политичките одлуки за распоредување на силите или операциите за лансирање не се преземат навреме. Во секој воен судир, единството на волјата и брзината на носење одлуки на високо ниво го одредуваат исходот.

Проблемот е што иако воениот капацитет на НАТО всушност се подобрува, политички капацитет за носење одлуки се влошува. Замислете што ќе се случи ако една земја-членка на НАТО брзо реагира дека Русија почнала операција на нејзина територија како таа на Крим. Потоа, замислете дека американските разузнавачки агенции потврдуваат дека чинот на агресија е навистина во тек, наспроти негирањето на Путин.

Конечно, замислете како Трамп може да одговори. Дали ќе му се јави на Путин за да го праша што се случува? Дали Путин ќе даде уште една „неверојатна понуда“ за да им помогне на американските иследници да стигнат до вистината? Уште поважно, дали Трамп брзо ќе се повика на принципот на колективна одбрана според членот 5 од Северноатлантскиот договор или можеби ќе се колеба, ќе ги оспори разузнавачките агенции, ќе ги омаловажи американските сојузници и ќе ги потврди демантите на Путин? Ова се навистина вознемирувачки прашања што треба да му се постават на американски претседател. Тие сега ќе висат над главата на Европа на неодредено време.

Авторот е бивш премиер и министер за надворешни работи на Шведска