Кој ќе ја пополни празнината на ЕУ по Меркел

Стратегијата предводена од Германија за чекање додека очајните времиња овозможат очајни мерки ја одржуваше Европската Унија непроменета, но исто така му даде простор на блокот да избегнува заземање цврсти ставови за важни прашања. Без разлика кој ќе ја наследи Ангела Меркел на позицијата германски канцелар, европските лидери ќе треба да почнат да носат вистински одлуки

Европскиот проект отсекогаш имал големи разлики во ставовите, но тие ретко предизвикувале сериозни последици, благодарение на Германија, која се покажа како вешт арбитер на спорови меѓу членките на Европската Унија (ЕУ), особено за време на 16-годишниот мандат на канцеларката Ангела Меркел. Со тоа што во септември завршува нејзиниот мандат, дали ЕУ ја очекуваат нови потреси или нешто полошо?
Кога Европа беше фокусирана исклучиво на консолидација на единствениот пазар, нејзините поделби беа првенствено економски. За време на еврокризата што започна во 2009 година, економските поделби се продлабочија, при што многу од „штедливите“ земји од северната еврозона се најдоа во судир со нивните наводно „расипнички“ јужни соседи. Дури кога изби пандемијата на ковид-19, европските членки се согласија за нешто што наликува на европскиот механизам за фискален трансфер, повторно благодарение на Меркел. Но дури и заедничкиот фонд за обнова наречен „Следна генерација на ЕУ“, има ограничен опсег, а националните планови за трошење според програмата не беа без контроверзии.
Економските разлики во Европа сега се совпаѓаат со зголемените политички поделби, кои течеа паралелно со насоката на ЕУ кон поширока интеграција. Иако отсекогаш постоеле несогласувања меѓу членките, со миграцијата како еден од најзначајните примери, најистакнатите поделби се однесуваат прво на членот 2 од Договорот за Европската Унија, а второ на надворешната политика на ЕУ. Членот 2 ги поставува основните принципи на ЕУ, кои се „почитување на човечкото достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и човековите права“. Но неговото толкување беше извор на значителен конфликт, а Полска и Унгарија се најдоа во центарот на контроверзиите.

По убедливата победа на парламентарните избори во 2010 година, унгарскиот премиер Виктор Орбан започна да го напаѓа владеењето на правото, поткопувајќи ги граѓанските слободи и значително проширувајќи ја извршната власт. Полската нелиберална владејачка партија Закон и правда (ПИС), по доаѓањето на власт во 2015 година, се фокусираше на напади врз судскиот систем. ЕУ ги препозна овие напади, па така во декември 2017 година, Европската комисија отиде дотаму што првпат се повика на членот 7 од договорот против Полска, со кој активира механизам за отчетност на владите на членките чии постапки се закана за владеењето на правото, човековите права или демократските принципи. Во септември 2018 година, Европскиот парламент го стори истото против Унгарија, но Советот на ЕУ допрва треба да донесе одлука. Во јуни 2019 година, Европскиот суд на правдата одлучи дека контроверзната реформа на полската влада во Врховниот суд на земјата го прекршила правото на ЕУ, бидејќи го поткопала принципот на „неменливост“ на судиите. Но ефектот на Комисијата за одговор на ваквите закани не е особено убедлив. Таа порача дека поради загриженоста за владеењето на право, двете земји може да не го добијат својот дел од средствата од фондот за обнова, но веќе ја одложи својата одлука за Унгарија и се очекува да го стори истото за Полска, иако двете влади ја искористија кризата со ковид-19 како изговор за дополнително зацврстување на нивната контрола.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, наместо да предизвика бранувања пред изборите во Германија, се чини дека ги положува своите надежи дека партијата на Орбан, Фидес, и полската ПИС ќе изгубат на следниот изборен циклус. Но ако Германија сакаше да преземе вистинска акција со активирање на членот 2, тоа и ќе се случеше. Всушност, државата ефикасно го предводеше отсуството на стратегија на Европа за да ги заузди своите нелиберални членки. Европскиот надворешнополитички ефект има слични разочарувачки резултати, со тоа што Германија повторно има свој удел од вината за недостиг од курс. Од односите на ЕУ со Турција до нејзиниот Сеопфатен договор за инвестиции со Кина, потпишан на последниот ден од претседателството на Европскиот совет на Германија, Унијата донесе голем број сомнителни одлуки.

Во однос на Русија, Германија зазеде јасен став, притискајќи за нормализација на односите. Токму таков симбол е неодамнешниот договор на Меркел со администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за завршување на изградбата на гасоводот „Северен тек 2“, кој ќе носи руски гас директно во Германија. Со поддршка на францускиот претседател Емануел Макрон, Меркел исто така побара ЕУ да го покани рускиот претседател Владимир Путин на самит. Наместо тоа, Советот на ЕУ неодамна одобри изјава со која се утврдува цврст став кон Русија што ја продлабочи клучната европска разлика што ги дели земјите во два блока, кои речиси совршено ја отсликуваат ерата од Студената војна.
Во Европа, Германија обично водеше, а нејзините партнери обично го следеа нејзиниот чекор. Со својата импресивна способност да ги подготви и да ги убеди своите партнери и противници, Меркел повеќепати ја повлече ЕУ од работ. Можеби не ги намали разликите, но сигурно знаеше како да работи со нив. Сега кога Меркел се повлекува, ЕУ е на чекор до пресвртница, момент над кој само германските гласачи имаат контрола. ЕУ го губи главниот арбитер и прашање е дали следниот германски канцелар ќе сака или ќе може да ја преземе таа улога.
Стратегијата предводена од Германија за чекање додека очајните времиња овозможат очајни мерки го одржуваше блокот непроменет. Исто така, таа ѝ овозможи на ЕУ да избегне заземање јасни ставови за важни прашања, честопати во корист на прекршителите на правилата и автократите. Без разлика кој ќе ја наследи Меркел, лидерите на ЕУ ќе треба да почнат да донесуваат тешки одлуки, почнувајќи од како ќе се справат со моќниците во и надвор од Унијата.

Авторката е поранешна министерка за надворешни работи на Шпанија, а актуелно е привремена предавачка на универзитетот „Џорџтаун“.