Кој економски стимул ќе се покаже како функционален?

Џозеф Е. Стиглиц, Хамид Рашид

Владите низ светот реагираат силно на кризата од ковид-19, со комбиниран фискален и монетарен одговор, кој веќе достигна 10 отсто од светскиот БДП. Сепак, според најновата светска процена од одделот за економски и социјални работи на Обединетите нации (ООН), овие стимулативни мерки може да не ги зголемат потрошувачката и инвестициите за онолку колку што се надеваат политичарите.
Сегашните стимулативни мерки, разбирлив,о се искористија наеднаш, речиси и во паника, за да го спречат економскиот пад во пандемијата. И додека овој пристап не беше ниту насочен ниту прецизен, многу набљудувачи тврдат дека тоа беше единствената опција во тоа време. Без масовно стимулирање на ликвидноста за итни случаи, веројатно би имало банкроти насекаде, загуби на организацискиот капитал и уште потежок пат кон закрепнувањето.

Но сега е јасно дека пандемијата ќе трае многу подолго од само неколку недели, како што првично се претпоставуваше, кога беа донесени овие итни мерки. Тоа значи дека овие програми треба да бидат повнимателно разгледани и да се мисли на долгорочните цели. За време на периодите на длабока неизвесност, заштедите обично се зголемуваат, бидејќи домаќинствата и деловните субјекти подготвуваат готовина од страв за она што претстои.

Ниту тековната криза не е исклучок. Голем дел од парите што домаќинствата и деловните субјекти ги добиваат во форма на стимулирачки чекови, веројатно ќе мирува на банкарските сметки, поради загриженоста за иднината и намалувањето на можностите за трошење. Во исто време, банките најверојатно ќе треба да го чуваат вишокот ликвидност, поради недостиг од кредитоспособни баратели што сакаат да добијат заеми.

Не е изненадувачки тоа што вишокот резерви што се чуваат во американските депозитни институции речиси двојно се зголеми помеѓу февруари и април, од 1,5 илјада милијарди на 2,9 илјади милијарди долари. Ова огромно зголемување на банкарските резерви покажува дека стимулативните политики спроведени досега имаат слаб ефект на мултипликација. Јасно е дека само банкарските кредити нема да нè извадат од сегашниот економски ќор-сокак.

Да биде уште полошо, тековниот вишок на ликвидност може да биде голем удар врз општеството. Покрај вообичаените стравови од долгови и инфлација, исто така постои и добра причина за загриженост дека вишокот пари во банките ќе бидат насочени кон финансиските шпекулации. Берзите веќе секојдневно бележат огромна активност, а оваа нестабилност може, пак, да ја продолжи климата на зголемена неизвесност, што доведува до уште повнимателно однесување и ги намалува потрошувачката и инвестициите што се потребни за да се поттикне економското закрепнување.

Во овој случај би се соочиле со стапицата на ликвидноста и со застој во ликвидноста, односно масовно зголемување на понудата на пари и само ограничени намени од страна на домаќинствата и деловните субјекти. Добро осмислените мерки за стимул би можеле да помогнат откако ковид-19 се стави под контрола. Но сè додека пандемијата сè уште беснее, не може да има враќање во нормала.

Сега најважно е да се намали ризикот и да се поттикнат иницијативите за трошење. Сè додека фирмите се загрижени дека економијата ќе биде слаба во наредните шест месеци или една година, тие ќе ги одложуваат инвестициите, а со тоа ќе го одложат закрепнувањето. Само државата може да го прекине овој магичен круг. Владите мора сами да се погрижат за актуелните ризици, со тоа што ќе им понудат обесштетување на фирмите во случај економијата да не закрепне до одреден момент. Владите исто така треба да размислат за издавање ваучери за трошење за стимулирање на потрошувачката на домаќинствата. Ова веќе се применува во Кина, каде што локалните самоуправи од 50 града издаваат дигитални купони што може да се користат за купување разни стоки и услуги во одредена временска рамка. Датумот на истекување ги прави моќни стимуланси на потрошувачката и вкупната побарувачка на краток рок, кога тоа е најпотребно.

Бидејќи пандемијата веројатно ќе трае многу подолго отколку што првично се претпоставуваше, сепак ќе биде неопходен дополнителен стимул. Иако САД веќе потрошија три илјади милијарди долари за разни форми на помош без повеќе мерки, тие пари само ќе го продолжат животот на многу претпријатија на неколку месеци, наместо да ги спасат.

Еден пристап што функционира во неколку земји е да им се даде помош на фирмите под услов да ги задржат своите работници, да ги поддржуваат трошоците за плати и оние преостанатите во однос на намалувањето на приходите на претпријатието. Лошо подготвените програми за стимул не се само неефикасни туку се и опасни. Лошите политики може да придонесат за нееднаквост и нестабилност и да ја поткопаат политичката поддршка за владата токму кога е потребна за да се спречи економијата да западне во понатамошна рецесија. За среќа, постојат алтернативи. Но дали владите ќе ги преземат, останува да се види.

 

Авторот Стиглиц е добитник на Нобелова награда по економија и професор на универзитетот „Колумбија“, Рашид е поранешен главен директор за мултилатерални економски прашања во Министерството за надворешни работи на Бангладеш и висок советник во Бирото за развојна политика на УНДП.