Која е причината за недостиг од тестирања за ковид-19?

САД се најбогатата земја во светот, која располага со десет од 20-те најголеми дијагностички компании. Сепак, не само што забележаа повеќе смртни случаи од ковид-19 од која било друга земја туку и се силно изложени на постојана ескалација. Причината е едноставна, а тоа е дека нема доволно дијагностички тестови.
За време на појава на епидемија, лековите и вакцините, разбирливо, добиваат големо внимание. Но дијагностиката е, всушност, првата линија на одбраната против пренесувањето, особено за заболување како ковид-19, кое може да се шири од асимптоматски носители. Како што покажуваат различните искуства на САД и на Јужна Кореја, тестирањето може да биде разликата помеѓу ограничувањето на епидемијата и катастрофата.

Појавата на ковид-19 почна со слична траекторија и во двете држави, при што бројот на потврдени случаи се зголеми со споредлива стапка. Но Владата на Јужна Кореја брзо презеде активности за создавање пазар за брза иновација и исполнување на побарувачката за тестирање, така што ги зајакна капацитетите на 15.000 теста на ден и формира центри со шалтерски систем за нивно спроведување. Од 20 март, Јужна Кореја спроведе над 300.000 теста за ковид-19, стапка што надминува 6.000 теста на милион жители, и покрај тоа што не располага со ниту една од 20-те најголеми дијагностички компании. Нешто повеќе од две недели откако достигна 100 потврдени случаи, државата ја спушти кривата, со многу малку нови случаи на ден.

Од друга страна, во САД, поради одложената владина интервенција, пазарите сами се справуваа со забрзаната побарувачка. Заклучно од 20 март, државата изведе приближно 100.000 теста, во просек околу 300 на милион луѓе. Новите случаи, а и бројот на жртвите, продолжуваат да растат. Едноставно кажано, брзата интервенција на Владата функционираше во Јужна Кореја, додека „невидливата рака“ на пазарот не успеа во САД.
Владите секако може да се справат со недостатоците на пазарот, но најчесто користените механизми сè уште бараат прво да се јави побарувачка, што не важи за дијагностицирање пандемични болести сè додека не се појави епидемија. Националните влади, кои се предмет на политички и идеолошки ограничувања, не можат да се потпираат секогаш на создавање пазари со истата брзина што ја покажа Јужна Кореја. Затоа реактивното создавање на пазарот не е решение.

Наместо тоа, националните влади треба да поддржат создавање глобална координативна платформа за подготвеност за пандемија. Ваквата платформа може да го преземе водството во собирање и здружување на капиталот што би се насочил кон брз развој, давање и дистрибуција на дијагностика за пандемиски болести.
Планот за таква платформа веќе постои. Коалицијата за иновации за епидемиска подготвеност (ЦЕПИ) е координативен механизам насочен кон унапредување на развојот на вакцините и олеснување на клиничката потврда, масовното производство и резервите. Со намалување на неизвесноста и минимизирање на нарушувањата, ЦЕПИ ги прави пазарите за вакцини посигурни, подостапни и подинамични.

ЦЕПИ се потпира на традиционалното (големи грантови од влади и фондации) и на иновативното финансирање (приноси од инструменти како Меѓународен фонд за финансирање на имунизација или ИФФИ). Во случај на епидемија, ЦЕПИ користи инструменти како Напредни заложби на пазарот (AMC) или опсежни гаранции што може да бидат структурирани преку механизми како Глобалниот фонд за здравствени инвестиции и „ИновФин“ или како условни заложби до ИФФИ и здружението за вакцинација „Гави“, што ќе овозможи да се забрза производството.
Овој план лесно може да се искористи за дијагностика. Потребен е само еден специјализиран субјект како институција или иницијатива што ги користи истражувањата и развојот со пристап до пазарот. Сè друго би можело да функционира исто како ЦЕПИ. Таков ентитет дури би можел да работи директно со ЦЕПИ.

Партнерството за дијагностицирање и вакцини, изградено на заедничка платформа за пристап до пазарот и финансирање, може да ги намали неефикасностите и трошоците. Во пандемично сценарио, додека истражувачите развиваат и тестираат вакцини, дијагностиката може да се примени брзо и широко, со што драстично се спречува пренесувањето на болеста.
Пандемијата на ковид-19 покажа дека, оставени сами на себе, пазарите нема да дадат подготвена дијагностика, која е неопходна за време на епидемија. Исто така, се покажа дека овој неуспех може брзо да предизвика катастрофа во јавното здравство, дури и во напредни економии со водечки дијагностички фирми.

Освен ако не се преземат активности за да се поправи овој неуспех и да се обезбеди широк пристап до тестирање за ковид-19 (и тестирање за идни појави на болести), тогаш треба да се стравува што може да ги очекува посиромашните земји.

Авторот е научник од Харвард и член на работната група на Г20 за социјална кохезија