Колку ќе чини геополитичката моќ на ЕУ?

Поранешната германска министерка за одбрана, Урсула фон дер Лејен, го презема кормилото на Европската комисија. Таа вети дека ќе раководи со „геополитичка“ Европска комисија, сметајќи дека Европа треба да биде понагласена во своите односи со другите земји и поцврсто да ги следи своите интереси низ светот, особено во однос на другите големи сили.

Бидејќи на ЕУ ѝ недостигаат армија или централна тајна служба, таа мора да користи економски политики за да ги постигне своите геополитички цели. Но начинот на кој функционира механизмот на политики на Европа во практика, сугерира дека не е добро приспособен за проектирање на моќта во странство. Најважната алатка за спроведување политики на ЕУ е трговијата, која е една од ретките области во кои блокот дејствува како единка. ЕУ традиционално ја водеше својата трговска политика по конвенционални трговски линии, за да го зголеми пристапот до пазарот за европските извозници и да заштити одредени домашни сектори (особено земјоделството).

Може ли оваа политика да се употреби за геополитички цели? Подеталниот преглед на конкретните примери не укажува на тоа. Конечно, ЕУ треба да ги отвори своите пазари за увоз на земјоделски производи од Северна Африка, за да го поттикне растот во тој регион и да го засили протокот на економски мигранти во Европа. Но противењата на италијанските, шпанските и на другите одгледувачи на маслинки ја блокираше оваа опција. Слично на тоа, ЕУ долго време фаворизира увоз на банани од клучни земји (претежно поранешни колонии) што сака да ги задржи во својата орбита. Но таквата политика има мала економска смисла и ги прекршува правилата на Светската трговска организација. Зошто да се ограничи увозот на банани од земји што можат да ги произведат поевтино? Како што покажуваат овие и многу други примери од реалниот свет, заобиколувањето на трговските принципи за геополитички цели едноставно не е компатибилно со мултилатералниот трговски систем заснован на правила. Тука не се споменува ни принципот на СТО за „недискриминација“. Всушност, подредувањето на трговската политика на поширока геополитичка агенда ќе бара од ЕУ да ги занемари самите принципи што постојано ветува дека ќе ги поддржува и брани.

Друга област за потенцијална (погрешна) употреба на економските средства се однесува на „блиското соседство“ на ЕУ. Многумина во Европа стравуваат дека со обезбедување евтини средства за инфраструктурни проекти за многу држави, вклучувајќи и некои земји-членки на ЕУ, кинеската иницијатива „Појас и пат“ (БРИ) постепено се шири на периферијата на континентот. Но дали овој предизвик го оправдува откажувањето од принципите на добро управување.

Земете го примерот со Балканот, каде што ЕУ поддржува многу градежни проекти. Секој од овие проекти е подложен на строга анализа на трошоците и придобивките, а во планински регион со слаби локални економии, трошоците за изградба на патишта или железници се високи. Предлозите за нови автопатишта за поврзување на релативно малите центри на население може да имаат поддршка од локалните политичари, но тие едноставно немаат економска смисла. Институциите за финансирање на ЕУ – Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој – генерално советуваат против таквите проекти. Наспроти тоа, Кинезите докажаа дека се повеќе од подготвени да градат автопати што не водат никаде. Ако ЕУ го следи примерот и почне да финансира проекти на Балканот за да ги задржи овие земји блиску до неа, каква и да е добрата волја со ваквите проекти, таа веднаш ќе исчезне штом ќе се појават трошоците за нивно одржување и за сервисирање на нивните долгови. Многу земји што се пријавиле за БРИ можат да го потврдат тоа. Исто така, треба да се запомни оти подобрата поврзаност на стоки, услуги, капитал и луѓе кон периферијата на ЕУ не е секогаш синоним за побрз локален пораст. Со јакнење на ефектите од агломерацијата, подлабоката економска интеграција може да ја засили тенденцијата на талентирани и образовани луѓе да ја напуштат својата татковина и да бараат можности на друго место.

Една област каде што ЕУ би можела изводливо да ги искористи економските средства за геополитички цели е развојната помош. Самата ЕУ е четвртиот по големина донатор на помош во светот, а нејзините земји-членки колективно трошат трипати повеќе на помош, што претставува повеќе од половина од вкупната помош за развој на земјите на ОЕЦД. Земјите што добиваат најголем дел од ЕУ – Пакистан, Сирија, Авганистан, Етиопија и Сомалија – исто така се и извори на најмногу мигранти. Според тоа, ЕУ има витален интерес да им помогне на овие земји да напредуваат. Но корупцијата и лошото економско управување, а не недостигот од средства, го попречуваат развојот на овие земји. Значи, Европа би можела да ја канализира помошта кон неколку фаворизирани земји во обид да го зголеми влијанието, но ќе ризикува да ги поддржи корумпираните елити што не направиле ништо за да го поттикнат развојот. Парите од ЕУ може да имаат значително позитивно влијание во други земји со помалку геополитичко значење. Ако овие земји пропуштаат средства што инаку би ги добиле, помошта за развој на ЕУ ќе стане помалку ефикасна.

ЕУ економски сѐ уште може да се споредува со Кина или со САД и затоа често е примамливо да се верува дека нејзината економска сила може да се преточи во геополитичка моќ. Но ЕУ ќе треба да се откаже од некои свои основни принципи за да тргне по тој пат. Прашањето е дали тоа навистина вреди?

Авторот е директор на Центарот за проучување на европските политики