­Колку сме блиску до имунитетот на стадо

Бил Емот

Кога светот ќе има вакцинирано 80 отсто од возрасната популација? Ова е нивото што, според научниците, ќе биде доволно да се стекнеме со „имунитет на стадото“. Повеќето луѓе даваат одговор дека тоа ќе се случи во 2023 или 2024 година, нешто што сугерира постоење на длабок песимизам во врска со напредокот во вакцинирањето надвор од светот на богатите. Оттука, ветувањата дадени за време на самитот на Г7 за донација на милијарда дози во сиромашните земји во текот на оваа и следната година, на некои познавачи на состојбите им личат само на промена во „дарежливите правила на светската игра.“ Но нема потреба од очај, како ни од меѓусебни честитки на задоволство меѓу лидерите на Г7. Доколку може да се одржи тековната дневна стапка на вакцинирање, светот ќе ја постигне својата планирана цел во јануари 2022 година. Прв чекот кон ефикасна акција е да се убедиме себеси дека проблемот е решлив. Сходно на тоа, Глобалната комисија за постпандемиска политика – независна и непартиска група, составена од вкупно 34 најквалитетни научници и практичари од целиот свет, изврши процена и излезе со глобално „одбројување“ во однос на вакцините. На општо изненадување, дојдовме до сознание дека предизвикот е многу поизводлив одошто замислувавме, а и временски многу поблизок отколку што претпоставуваа владите на групата Г7. Математиката е едноставна, но прво треба да решиме дали Кина, најнаселената земја во светот, ќе ја сметаме за инспирација или за исклучок.

Според „Нашиот свет во податоци“, научна онлајн публикација што се фокусира на големи глобални проблеми, Кина во моментов произведува 17-20 милиони од вкупните 33-36 милиони дози вакцини што секојдневно се администрираат низ светот. Ако Кина е вклучена, целта за 80 отсто вакцинирано возрасно светско население ќе биде достигната за нешто повеќе од 200 дена; без учеството на Кина, ова се пролонгира до 370 дена. Се работи за важна разлика, зашто наместо во јануари 2022, линијата за „финиш“ би се достигнала дури во јули. Дури и во случај неопходниот праг да се зголеми на 90 отсто вакцинирани, ние сме веќе блиску до целта.

Да се позанимаваме малку со бројки. Светската популација изнесува 7,9 милијарди луѓе, од кои 5,85 милијарди се возрасни, 74 отсто. Доколку целта е имунизациска стапка од 80 отсто, вакцинација ќе им треба на 4,7 милијарди луѓе, што, со режим на вакцини во две дози, ќе изнесува вкупно 9,4 милијарди дози. Според податоците на „Нашиот свет во податоци“, до 11 јуни 2021 година низ светот се администрирани повеќе од 2,3 милијарди дози, значи, за аплицирање остануваат уште нешто повеќе од седум милијарди. Ако ова се подели на просечен дневен опсег од 34 милиони вакцинации, се добива приближен период од 211 дена, што нѐ доведува до крајниот рок јануари 2022 година.

Да, седум милијарди е многу голема бројка. Но погледнете што се случува: секојдневно Кина администрира 17-20 милиони дози, Индија нешто повеќе од три милиони, дури и Африка администрира речиси 900.000, што е зголемување од 37 отсто од почетокот на месецов.

Сѐ до неодамна, главна пречка и извор на фрустрација беше ограниченото снабдување со вакцини. Меѓутоа, производството нагло се зголемува од 420 милиони дози во април на 822 милиони дози во мај. Двата кинески производители на вакцини, „Синовак“ и „Синофарм“, учествуваа со повеќе од 50 отсто од вкупното производство. Производството на „Фајзер/Бионтек“ и „Оксфорд/Астра Зенека“ во ЕУ се удвои (од 69 на 140 милиони дози), додека бројот на дози на „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“ во САД порасна од 71 на 105 милиони. Единствените разочарувачки податоци стигнаа од Индија, во која производството од 76 милиони дози во април, падна на 62,6 милиони во мај.

Во месеците што доаѓаат, клучна пречка повеќе нема да претставува недостигот од снабдување, туку финансиските и логистичките предизвици, особено во посиромашните земји со ограничена инфраструктура и недоволна здравствена заштита. Ваквите пречки ќе можат да се надминат доколку богатите земји побрзо го пласираат на пазарот своето производство. Да сме на јасно, Кина најверојатно ќе одигра голема, можеби и главна улога во овој процес. Како најголем светски производител на вакцини против ковид-19 (иако со помалку софистициран асортиман од оној на Западот), Кина ќе го има имунизирано сопственото население до септември или тука некаде, снабдувајќи го остатокот од светот со обилниот вишок од произведените вакцини заедно со финансиска поддршка.

Токму затоа, западните ветувања што произлегоа од Г7, колку и да се добредојдени, реално се со големо задоцнување. Државите од Г7 ги нудат своите милијарда дози според распоред што е погоден за нив самите крајот на 2021 и цела 2022 година, но реалната побарувачка од сиромашните и земјите со среден приход доаѓа многу порано од тоа. Ова значи дека на Кина ѝ се овозможува огромен пазар и дипломатска можност да „влета“ со 500 милиони дози на месечно ниво во текот на последните четири месеци од 2021 година.

Доколку дојде до тоа, изненадувачки кратката временска рамка во однос на роковите за вакцинација во суштина уште повеќе ќе се скрати. Руралните делови од Африка и нестабилните делови од Латинска Америка ќе бидат соочени со најголемите предизвици, кои сепак можат да бидат надминати со помош на владите на богатите земји, вклучувајќи ја и Кина, како и на филантропските фондации. Кампањите за масовна вакцинација во неразвиените земји не се ништо ново. Успехот ќе зависи од широкоградоста, политичката волја и вербата дека решението е и потребно и остварливо.

Со новите варијанти на коронавирусот што рапидно се појавуваат и изблиците на нови епидемии на места за кои изгледаше дека го имаат ставено вирусот под контрола, ковид-19 останува глобален проблем. Досега би требало веќе да знаеме дека тој бара исто такво глобално решение. Сепак, наглото неодамнешно зголемување на резервите на вакцини укажува дека ваквото решение ни е веќе на дофат на рацете.

Авторот е поранешен главен уредник на весникот „Економист“ и еден од директорите на Глобалната комисија за постпандемиска политика.