Како се избори Германија со коронавирусот

Во споредба со многу други држави, Германија добро се справи со кризата од ковид-19 што се должи на соодветно финансираниот здравствен систем, технолошкиот напредок и одлучното лидерство. Но покрај сите посебни карактеристики на германскиот систем, постои нешто што сите држави можат да го искористат, а тоа е силната посветеност во градењето јавна доверба

Германија честопати се смета за позитивен пример за справување со пандемијата на ковид-19. Успеа да го спречи преоптоварување на нашиот здравствен систем, ја израмни кривата на инфекции, а бројот на тешки и смртни случаи е помал отколку во многу други земји. Но ова нè прави понизни, а не самоуверени.
Постојат три причини зошто Германија релативно добро засега се справува со оваа криза. Прво, германскиот систем на здравствена заштита добро функционираше пред кризата и секој има целосен пристап до медицинска нега. Ова не е заслуга само на сегашната влада туку на системот што беше изграден во текот на многу претходни. Со одлична мрежа на општи доктори достапни за справување со поблаги случаи на ковид-19, болниците можеа да се фокусираат на потешко болните.

Второ, Германија не беше првата земја што беше погодена од вирусот, а со тоа имаше време да се подготви. Иако секогаш има на располагање релативно голем број болнички кревети, особено во одделите за интензивна нега, исто така сериозно беше сфатена заканата од ковид-19 уште од самиот почеток. Соодветно на тоа, нивниот капацитет во земјата многу брзо беше зголемен од 12.000 на 40.000 кревети.
Трето, во Германија се наоѓаат многу лаборатории што можат да тестираат за вирусот и во земјата има многу истакнати истражувачи од областа, што објаснува зошто овде беше развиен првиот брз тест за ковид-19.

Со население од околу 83 милиони жители, можат да се вршат до еден милион дијагностички тестови на ден, а наскоро ќе има капацитети за месечно извршување на околу пет милиони тестови за антитела.
Никој не може со сигурност да предвиди како ќе се развива пандемијата за неколку недели или месеци. Ние не наметнавме полициски час во државата, но побаравме од граѓаните доброволно да останат дома. Како и многу други земји, веќе два месеца живееме под строги ограничувања на јавниот и на приватниот живот, а ваквиот одговор беше неопходен и ефикасен.

Сепак, последиците од карантинот не можат да се игнорираат, па затоа постепено се обидуваме да се вратиме во нормала. Намалувањето на заштитните мерки е исто толкав ризик како и нивното воведување. Иако работиме во услови на длабока неизвесност, можеме да бидеме свесни за опасноста што ја претставува вториот бран на епидемијата. Само времето ќе покаже дали сме донеле правилни одлуки, па затоа внимавам да извлечам лекции од кризата во овој момент.

Прво, клучно е владите да ја известуваат јавноста не само за она што го знаат туку и за она што не го знаат. Ова е единствениот начин да се изгради довербата потребна за борба против смртоносен вирус во демократско општество. Ниту една демократија не може да ги присили своите граѓани да го променат своето однесување, барем не без да плати висока цена. Но за да го одржи овој успех, Владата мора да ги дополни навремените информации за вирусот со отворена јавна дебата и план за излез од кризата.
Второ, покрај информирање на јавноста, владите треба да покажат дека се потпираат на граѓаните за да ја разберат ситуацијата и што налага таа. Германските граѓани знаат дека враќањето во нормала не е можно без вакцина. Сè додека нашите одлуки за тоа каде и како ги олабавуваме ограничувањата се со јасни и разумни критериуми, веруваме дека германските граѓани ќе ги поддржат. Нашите одлуки треба да бидат водени од докази и да го истакнуваат намалувањето на ризикот од инфекција. Знаеме дека физичкото растојание е најефикасна заштита, а одржувањето на основната хигиена уште повеќе го намалува ризикот.

Трето, пандемијата покажа зошто меѓусебно поврзаниот свет има потреба од светски одговор за справување со кризи. За жал, мултилатералната соработка стана потешка последниве години, дури и меѓу блиските сојузници. Од сегашнава криза гледаме колку си требаме едни со други. Ниту една земја не може да се справува сама со пандемија. Ни треба меѓународна координација, а ако институциите што постојат за оваа намена не функционираат доволно добро, мора да работиме заедно за да ги подобриме.
Четврто, ние Европејците

мора да се преиспитаме како се однесуваме со глобализацијата и да признаеме дека од клучно значење е произведувањето неопходни основни производи како медицинска опрема во рамките на ЕУ. Треба да ги збогатиме нашите синџири на снабдување за да не бидеме целосно зависни од една земја или регион.
Како и повеќето кризи, и оваа нуди можности. Во многу аспекти, таа го извади најдоброто од нас, односно новото чувство на заедница, поголема подготвеност за помош и ја подобри флексибилноста и креативноста.

Несомнено, среднорочните последици од пандемијата ќе бидат тешки. Но и покрај сите тешкотии и неизвесности што претстојат, јас сум оптимист. Во Германија и во други земји видовме за што се способни нашите либерални демократии и граѓани.

Авторот е министер за здравство на Германија