Како светот да ја изгради одбраната против ширењето на омикрон

Првичната реакција на многу влади во светот за забрана на влез за патници од Јужна Африка и соседните држави по појавата на новиот сој на коронавирусот дејствува како очаен чекор, бидејќи мутацијата веќе се рашири. Меѓутоа, владите можеби се многу поподготвени отколку што се смета за справувањето со новиот сој

Постои едно општо верување дека не може постојано да има финансиски кризи. Импликацијата е дека финансиската криза предизвикува луѓето да бидат повнимателни, така што секоја банка, инвестициска фирма или инвеститор што ќе преживеат една криза, нема да преземат големи ризици наскоро. Но две години по почетокот на наметнатите карантини поради ковид-19, појавата на мутацијата омикрон ги принудува луѓето да го постават прашањето дали повторно ќе минуваме низ истото тоа.
Првичната реакција на многу влади во светот за забрана на влез за патници од Јужна Африка и соседните држави по појавата на новиот сој на коронавирусот дејствува како очаен чекор. Всушност, постојат три причини зошто владите можеби се многу подобро подготвени отколку што смета за што и да следува во иднина.
Прво, повеќето политичари досега ја сфатија клучната важност за одбрана на најранливите категории граѓани на вирусот. Што и да се случи, тоа значи дека ќе се обезбеди подобра заштита за домовите за стари лица и другите слични даватели на нега. Многу животи беа загубени во 2020 година, бидејќи политичарите во САД, Европа и во други делови од светот се соочија со тешкотии да ја сфатат важноста на оваа причина. Човештвото се надева дека вакво погрешно разбирање никогаш нема да се повтори.
Второ, вакцините дејствуваат. За ова прашање имаше широк политички консензус во 2020 година, а развојните програми за вакцини се истакнуваат како историски успех за јавно-приватните научни партнерства. Сепак, над 68 отсто од Американците досега се вакцинирани барем со една доза, а третата доза веќе е широкодостапна. Целта на САД останува да се вакцинираат што е можно повеќе луѓе во светот и државата треба да го зајакне темпото. Омикрон покажа уште еднаш дека ниту една земја не може сама да го спречи ширењето на ковид-19.

Трето, владите располагаат со значителни капацитети за тестирање на ковид-19. Кога овие капацитети беа развиени во 2020 година, некои луѓе изразија загриженост дека нема да има долгорочна потреба за нив. Но додека сè уште е актуелна дебатата за тоа кои тестови треба да се користат и кога, епидемиолозите и експертите за јавно здравје постигнаа голем напредок за тоа што функционира кај различни популации.
Идеално, секоја заедница, установи за згрижување деца, училишта, универзитети и компании би се заштитиле што е можно повеќе со вакцинација, поддржана со редовна програма за тестирање и внимателна употреба на маски (и други средства за спречување на ширењето на вирусот). Овие нивоа на заштита ги подобруваат шансите училиштата и работните места да продолжат со нормалното функционирање, дури и со појавата на нови мутации на коронавирусот. Сепак, САД сè уште се борат да ги надминат проблемите предизвикани од упорното негирање на поранешниот претседател Доналд Трамп дека ковид-19 претставува вистинска закана. Работата на службениците во јавното здравје беше нарушена од политички причини, што резултира со големи забуни (и митови) во комуникацијата на она што е важно во борбата со пандемијата.
Наследството на мешаните пораки на Трамп стана главна слабост во одбраната на САД од пандемијата, вклучувајќи ја и борбата против омикрон. Без тоа, САД ќе имаа повеќе вакцинирани лица, поголема подготвеност да се тестираат и помала одбивност кон маските. Страшната иронија на современа Америка е што многу од луѓето што се најмалку заштитени од новите мутации на вирусот се оние што посериозно ги сфаќаат Трамп и неговите ставови за јавното здравје.

Во 2020 година, Трамп и неговите сојузници тврдеа дека борбата против ковид-19 ја поткопа економијата, поради воведувањето на карантините. Таа логика отсекогаш беше погрешна. Локалните економии се затворија по наредба на гувернерите само кога болниците беа преплавени со заразени пациенти и не можеа да постигнат да му дадат секому лекарска нега. Преоптоварувањето на болниците е најнепосакуваното сценарио и мора да се избегнува по секоја цена. Ако итните служби не можат да функционираат, смртни исходи ќе се јавуваат од инфаркти и од несреќи со многу повисоки стапки. Ако се наруши стапката на третирање на малигните заболувања и други рутински процедури, уште повеќе луѓе ќе го загубат животот.
Во крајна линија, борбата против ковид-19 е токму тоа што треба да го направиме ако сакаме да избегнеме економски тешкотии. Карантините и повторното отворање на економиите е скапо за секого. Покрај сите очигледни директни трошоци, нарушувањата во синџирот на снабдување поттикнуваат големи флуктуации во цените и се чини дека придонесуваат за инфлацијата. Повисоката инфлација, пак, ја отежнува поддршката на централната банка на економијата, доколку таквата постапка е неопходна.
За жал, наследството на Трамп ѝ остави на администрацијата на Џо Бајден малку опции освен да го задржи курсот во заштита на старските домови, да убеди што е можно повеќе граѓани да се вакцинираат и да продолжи да ја подобрува достапноста на висококвалитетното тестирање. Сепак, истовремено, администрацијата мора да се соочи директно со неговото наследство. Кампањата против дезинформациите е една иницијатива што ветува, а за да ги заштитат економијата и своите животи, на Американците и на светот ќе им биде потребно многу повеќе од тоа.

Авторот е поранешен главен економист во ММФ, а актуелно е професор на школата за управување „Слоун“ на МИТ и копретседател на Политичката алијанса за ковид-19