Како можеме да ја споредиме рецесијата од ковид-19 со претходните

Историски длабоката рецесија од ковид-19 се чини дека ја мина критична точка во повеќето земји. Но сегашните приватни и официјални предвидувања, ако се точни, подразбираат дека повеќето економии нема да се вратат на нивните стари патеки до крајот на 2022 година. Многу нешта нема да зависат само од развојот на пандемијата, пронаоѓањето ефикасен лек и вакцина туку и од монетарната, фискалната, трговската и регулаторната политика што се спроведува. Затоа политичарите и критичарите ги испитуваат претходните случувања во потрага по ефикасен одговор.

Сите рецесии се разликуваат во нивните причини. Неколку рецесии по Втората светска војна во САД се јавија како резултат на зајакнувањето на монетарната политика од страна на американските Федералните резерви за да се контролира зголемувањето на инфлацијата. Длабоките рецесии од 1973-1975 и 1981-1982 година се случија по големите нафтени шокови. Спротивно на тоа, големата финансиска криза во САД од 2008-2009 година беше предизвикана од криза што произлезе од презадолжените финансиски институции. САД спроведоа сериски социјален инженеринг за да им овозможат кредити на луѓе што обично не ги исполнуваат условите, што предизвика цените на становите и соодносот на долговите на домаќинствата да достигнат неодржливо ниво, што резултира во трета голема рецесија во повоената ера.
Рецесијата предизвикана од ковид-19 се должи на невидено строгите рестриктивни мерки на движење што ја запреа целата „несуштинска“ економија. Она што започна како шок во снабдувањето, брзо прерасна во пад на побарувачката поради наглото зголемување на невработеноста, големата неизвесност од економското обновување, онлајн трговијата и порастот на личните заштеди.

По длабоките рецесии обично следуваше брза обнова, како што се покажа во периодот на годишен раст на БДП над четири отсто во 1970-тите и 1980-тите години. Слично на тоа, по помалите рецесии обично следуваше релативно побавна обнова. Во периодот по големата финансиска криза од 2008 година следуваа осум години на годишен раст од два отсто со половична брзина. Силна обнова, како во минатите случаи, ќе спасеше 20 милиони работни места во рок од четири години. Постојат многу можни објаснувања за ваквите слаби резултати. Едното се должи на владиниот обид да промени огромни сфери од економијата со „Обамакер“, банкарството и енергетските регулативи, а второто е дека политичкиот одговор ги наруши работните иницијативи.
Финансиската криза резултира со воведување низа монетарни и фискални мерки за стимулирање на економијата. Во 2007 година, американскиот долг во однос на БДП изнесуваше 35 отсто. По кризата, САД во 2009 година воведоа фискални мерки што го вклучуваа стимулативниот пакет вреден 800 милијарди долари, потоа следната година беа воведени слично даночно олеснување и закон за придобивки за невработени, како и програма за замена на автомобили вредна три милијарди долари. До 2013 година, соодносот на долгот во однос на БДП се зголеми повеќе од двојно и достигна 72 отсто, а во администрацијата на Обама дефицитот на буџетот беше најголем по Втората светска војна, иако под власта Трамп го надмина тој рекорд.

Пред пандемијата на ковид-19, невработеноста беше на историски најниско ниво, инфлацијата беше под контрола, а задолженоста на домаќинствата беше многу пониска во однос на БДП од периодот пред финансиската криза. Корпоративниот долг беше висок, но не влијаеше врз тековните трошоци. Во администрацијата на Трамп, федералните дефицити и долг останаа високи според стандардите за просперитет. Како одговор на пандемијата, Федералните резерви веднаш усвоија политики на бескаматни стапки, во последен момент спасија неколку пазари, воведоа помош вредна седум илјади милијарди долари и го укинаа традиционалниот постепен пристап. Фискалните мерки што ги одобри Конгресот како поддршка за бизнисите и домаќинствата изнесуваа неколку илјади милијарди долари. Трамп сега издаде извршни наредби за да се одложи плаќањето даноци, со што ќе се обезбеди дополнителна помош за домаќинствата.
Бидејќи заздравувањето од финансиската криза по 2008 година беше толку бавно и покрај силното враќање на берзата, малкумина на почетокот на оваа година размислуваа за него како можен одговор на уште една голема рецесија. Во рецесијата предизвикана од ковид-19, економските услови се премногу поврзани со текот на пандемијата за да можат со сигурност да го прогнозираат текот на обновата. Падот во производството и вработеноста беше многу поголем и се случи многу побрзо отколку во финансиската криза, а раното посакувано нагло закрепнување се чини дека забавува и најверојатно ќе продолжи со поскромно темпо.

Веројатно долгорочните ефекти вклучуваат огромна загуба на малите бизниси и човечкиот капитал (поради невработеност и упатства само преку Интернет), потрајни телекомуникации, забрзување на дигиталната трансформација и зголемена концентрација и намалена конкуренција во некои сектори.
Лекциите за стимулирање засновани врз академските истражувања укажуваат на тоа дека креаторите на политиките треба да ја одложат новата регулатива сè додека не закрепне економијата, фокусирајќи се на дополнителни фискални мерки за намалување на даноците и спроведување кредибилен план за фискална консолидација како налози за услови, за да се избегне полоша форма кога ќе дојде следната голема криза.

Авторот е професор по економија на универзитетот „Стенфорд“ и поранешен претседател на Советот за економски прашања на претседателот Џорџ Х.В. Буш во периодот 1989-1993 година.