Како да се справи ЕУ со кризата од коронавирусот

Ниту намалувањето на каматните стапки ниту новите јавни трошења нема премногу да ги неутрализираат краткорочните ефекти од коронавирусот во Европа. Централните банки и властите треба да ѝ го објаснат ова на јавноста и потоа да се зафатат со помалку гламурозната задача за заштита на јавното здравство, приходите на домаќинствата и финансискиот систем

Даниел Грос

Ширењето на коронавирусот во Европа и во САД доведе до остра корекција на финансискиот пазар и предизвика низа повици за активни монетарни и фискални политики за да се спречи евентуалната рецесија. Но подетална анализа покажува оти овој пристап можеби нема значително да помогне.
Главна карактеристика на епидемијата на коронавирусот е неизвесноста. Технички, таа не претставува „црн лебед“, бидејќи и претходно имало други вакви пандемии. Но до пред неколку месеци, таа беше непредвидлива, а сега веќе би можела да има долгорочно влијание дури и покрај тоа што во моментот прецизно не може да се предвиди нејзината еволуција.
Од она што засега е познато, се чини дека вирусот се движи кон Запад. Во Кина, каде што првпат се појави вирусот, инфекциите драстично се намалуваат откако властите спроведоа радикални мерки, вклучувајќи и воведување карантин, што доведе и до запирање на економските активности во период подолг од две недели. Иако е прерано да се каже дали вирусот навистина е запрен, економскиот живот сега се чини дека постепено се нормализира, што значи дека „кинескиот шок“ можеби се намалува.
Спротивно на ова, во САД и во Европа се чини дека шокот од вирусот допрва почнува, со драматично зголемување на бројот на нови заразени што, пак, го зголемува ризикот од можна сериозна економска криза. Овој ризик е особено изразен во еврозоната, која можеби нема да може да преживее шок без економијата претходно да падне во криза.

Едно е сигурно, а тоа е дека директните фискални последици од епидемијата засега изгледаат решливо. Дури и Италија, земја што во моментот најмногу страда од вирусот, би можела да ги зголеми јавните трошења за мерки за ограничување на ширењето на вирусот, без притоа да ги прекрши фискалните правила на ЕУ. Ако ваквите трошоци драматично се зголемат, што е многу веројатно, бидејќи сега цела земја е во карантин, ЕУ би требало да ѝ понуди поддршка на Италија без да ѝ дозволи на Владата уште повеќе да го зголеми дефицитот. Токму членот 122.2 од Договорот за ЕУ му дозволува на Европскиот совет да ѝ додели финансиска помош на земја-членка, која се соочува со огромни тешкотии, предизвикани од исклучителни појави, кои се надвор од нејзина контрола. Оваа постапка треба да се активира веднаш.
Во секој случај, траекторијата на коронавирусот предвидува дека тој, веројатно, ќе се прошири уште повеќе, принудувајќи ги и преостанатите земји-членки на ЕУ да усвојат подраматични јавни здравствени мерки за сметка на економските активности, особено кај некои важни сектори како туризмот и патувањата.
Дополнително, мрежите на испораки ќе бидат загрозени не само поради привремено исклучување на кинеската извозна машинерија, туку и поради фактот од нарушувањата со кој се соочува овој сектор во Европа. Ниту намалувањето на каматните стапки ниту новите јавни трошења нема да сторат многу за решавање на краткорочните ефекти од ваквите шокови.

Од друга страна, посериозни проблеми, веројатно, ќе се појават во финансискиот систем. Многу фирми би можеле брзо да го намалат производството, но сепак водењето бизнис со „намален режим на работа за време во катастрофи“ чини пари, а долговите ќе доспеваат и ќе се зголемуваат. Во Европа, каде што трошоците за работна сила не можат да се намалат на краток рок, последиците од таквиот начин на работа допрва ќе се појават и можно е да бидат сериозни.

За да се надминат ваквите проблеми, потребен е трпелив пристап заснован на издржливост, заедно со „автоматски“ фискални стабилизатори, вградени во системите за социјална сигурност во Европа, кои ќе направат многу повеќе за да се намали ризикот од криза во однос на микроскопските намалувања на каматните стапки. Дополнителен фискален стимул би бил потребен само ако има економско стагнирање, по што би следувал период на ниска побарувачка. Фискалните правила на еврозоната не претставуваат никаква пречка за ваквите комбинирани политики, бидејќи тие се доволно флексибилни за да дозволат привремени дефицити, кои се резултат на пониски даночни приходи или фискална поддршка за секторите што се погодени од исклучителни појави.

Како и да е, епидемијата на коронавирус треба да послужи како потсетник за одржување претпазлива фискална политика во нормални времиња. Во исто време, земјите со ниски задолжувања и дефицити се во многу поповолна позиција да одговорат на економскиот шок од коронавирусот во однос на земји како Италија и Франција, кои не создадоа превентивен финансиски систем за вакви времиња.
Во време на големи шокови, властите се принудени да дејствуваат и да бидат видени дека дејствуваат. Но во такви случаи, вообичаените макроекономски инструменти, веројатно, нема да успеат. Централните банки и властите мора да ја информираат јавноста и да го објаснат тоа, а подоцна да се фокусираат на помалку гламурозната задача да ги штитат јавното здравство, приходите на домаќинствата и финансискиот систем во своите држави.