Како да се слушне гласот на народот

Светот нема да се обнови од пандемијата, ниту ќе има шанси да се справи со пошироките егзистенцијални закани како климатските промени, сè додека лидерите не внесат повторно доза надеж во политичкиот и граѓанскиот живот. За среќа, Универзалната декларација за човекови права нуди стратегија како да му се помогне на човештвото и како да се слушне гласот на народот

Пандемијата на ковид-19 предизвика промени во светот за милиони луѓе. Поточно, пандемијата ги разоткри и ги влоши длабоките нееднаквости во однос на расата, полот и класата во општествата и ја истакна неможноста на многу политички системи да одговорат на соодветни начини што ги штитат индивидуалните човекови права и достоинство. Светот ниту ќе се обнови од оваа криза ниту има какви било шанси да се справи со пошироките егзистенцијални закани, како што се климатските промени, сè додека уште еднаш не се внесе доза надеж во политичкиот и граѓанскиот живот
За среќа, во Универзалната декларација за човекови права веќе постои стратегија што ќе му помогне на човештвото кон патот напред. Декларацијата, усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации (ООН) во 1948 година, е исто толку релевантна денес, колку што беше и во услови на физичкото и морално опустошување предизвикано од Втората светска војна. Членот 1 од Декларацијата наведува неспорна и јасна вистина, а тоа е дека „сите човечки суштества се родени слободни и еднакви по достоинство и права“. За да ја реализираме оваа визија денес, ние мора да ги поттикнеме лидерите да ги надминат топлите зборови и да се посветат на значајни, изводливи и мерливи активности. Особено, тие треба да обезбедат правична глобална дистрибуција на вакцините против ковид-19 и да обезбедат соодветна финансиска поддршка за земјите што се најранливи на штетите од климатските промени. За почеток, земјите со високи приходи мора да преземат чекори за да ја постигнат целта во заложбите во рамките на механизмот „Ковакс“ на „Гави“, за да се обезбедат најмалку една милијарда дози на вакцини за најсиромашните земји во светот најдоцна до 1 септември 2021 година и повеќе од две милијарди дози до средината на 2022 година.

Морално е неправедно и, во здравствена и економска смисла, кусогледо за богатите земји да складираат големи резерви на вакцини против ковид-19 за сопственото население. Колку подолго коронавирусот опстојува и мутира во посиромашните земји, кои располагаат со помалку ресурси, толку човештвото како целина ќе биде подалеку од целосно уништување на заканата по животот и егзистенцијата. Во истиот дух, лидерите на Г7 и Г20 треба да ги поддржуваат повиците од Светската здравствена организација (СЗО) и Светската трговска организација (СТО) за доброволно лиценцирање и трансфер на технологија за производство на вакцини. Ако не успеат во таа намера, тие треба да поддржат итно одрекување од одредени права на интелектуалната сопственост според правилата на СТО, потег што неодамна го поддржа и американскиот претседател Џо Бајден.
За жал, на нивниот неодамнешен самит во Обединетото Кралство, лидерите на Г7 не покажаа разбирање за обемот на нивната одговорност за надминување на нееднаквостите што ги влоши пандемијата. Пошироко, ковид-19 ги откри недостатоците на ограничениот национализам и популистичката политика што ги презираат научните докази и емпатијата. Ниту една земја, без оглед на нејзината моќ или големина, не може сама да се справи со заканите по јавното здравство. Од суштинско значење е лидерите да учат од своите грешки и да ги следат препораките на стручниот Независен панел за подготвеност и одговор на пандемијата на СЗО. Само правилно финансирани, интегрирани и организирани здравствени системи ќе можат да ги издржат идните пандемии и здравствени кризи. Како што стојат работите, сепак, неуспесите на богатиот свет во справувањето со ковид-19 го зголемија дефицитот на доверба помеѓу глобалниот север и југ. Ова за возврат ќе го отежне постигнувањето договор на следниот клучен меѓународен дипломатски собир, а тоа е климатскиот самит КОП26 во Глазгов во ноември.

Сите земји треба да ги постигнат своите краткорочни цели за намалување на емисиите во пресрет на КОП26, а сè уште се чека тоа да го сторат најголемите загадувачи. Покрај тоа, богатите земји мора да ја обноват довербата така што ќе покажат како ќе ги зголемат придонесите за климатските финансии, вклучувајќи и поголем удел за адаптација, за да ги испорачаат одамна ветените 100 милијарди долари на годишно ниво во помош за земјите во развој да се борат против глобалното затоплување и неговите ефекти.
Две заемни теми се протегаат низ заедничките предизвици со кои се соочуваме во одбраната на човековите права, надминувањето на пандемијата и справувањето со климатската криза, а тоа се потребата за свесност од самозадоволство и одговорноста да се дејствува за општо добро. Во овие тешки времиња, сите можеме да се инспирираме од Нелсон Мандела, лидерот што никогаш не се поколеба во својата посветеност на човековите права и правда. Историска иронија е што Универзалната декларација за човекови права беше усвоена истата година кога Јужна Африка го започна режимот на апартхејдот, но Мандела веднаш ги виде моќта и потенцијалот на Декларацијата. Говорејќи во 1997 година како претседател на Јужна Африка, тој истакна дека „за сите противници на овој погубен систем, едноставните и благородни зборови на Универзалната декларација беа ненадеен зрак надеж во еден од нашите најмрачни моменти“. Денес, повеќе од кога било, треба повторно да ги откриеме и потврдиме принципите на солидарност и заеднички напори на Декларацијата што толку моќно ги повторуваше Мандела во текот на неговиот живот. Нашата задача сега не е „да градиме подобро на старите темели“, затоа што не можеме да се вратиме од статус квото што произведе нееднакви и нефункционални системи. Наместо тоа, ние мора „да градиме подобра иднина“, насочувајќи ги нашите напори со надеж, дисциплина и решителност да изградиме одржлив, мирен и праведен свет за идните генерации.

Авторката е поранешна претседателка на Ирска и висока комесарка за човекови права во ООН.