Каде е моралот на пазарот на вакцини?

Еклатантната глобална нееднаквост во пристапот до вакцините против ковид-19 е интелектуален и морален неуспех. Пандемијата е јасен повик за да се размислува надвор од комфорната зона на економската рационалност и мора да се препознаат туѓите интереси како свои

Бидејќи вториот бран на пандемијата на ковид-19 ја надминува сериозноста на првиот, сѐ поочигледни стануваат два нејзини тека. Пандемијата се намалува, постепено и нерамномерно во побогатите земји, но се разгорува во неколку економии во развој, особено во Индија, но исто така и во различен степен во земји како Бангладеш, Пакистан, Турција, Филипини, Етиопија и Кенија.
Постојат многу причини за оваа поделба, но нееднаквиот пристап до здравствената заштита, особено големите разлики во пристапот до вакцините, е невозможно да се игнорира. Уште во јануари, генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејезус, истакна дека биле дадени над 39 милиони дози вакцини во најмалку 49 од побогатите земји, но само 25 дози во една земја со ниски приходи.
Досега во светот се дадени повеќе од една милијарда дози на вакцините, но и натаму постојат огромни разлики. Сејшелите се на врвот на оваа листа, со тоа што целосно вакцинираа 59 отсто од своите граѓани, а по нив следуваат Израел (56 отсто), Чиле (34 отсто) и САД (30 отсто). Бразил е 43-ти на глобално ниво, со тоа што целосно е вакцинирано само 5,9 отсто од населението, додека Индија и Бангладеш имаат многу ниска стапка од 1,8 отсто и 1,7 отсто, соодветно. Во некои земји во Супсахарска Африка, буквално никој не е вакциниран.
Со оглед на тоа дека вакцината против ковид-19 е неопходно добро како храната, ваквите сериозни разлики треба да ни ги отворат очите. За проблемот да биде уште поголем, многу богати земји складираа огромни резерви на вакцини како мерка за претпазливост. До пред неколку месеци, активистите за пристап до лекови и отворена наука се надеваа дека тежината на пандемијата ќе ги тргне настрана заштитата на интелектуалната сопственост и пазарниот монопол со патентите.

Лани во мај, СЗО во функција го стави фондот за пристап до технологии за борба против ковид-19 за да го поттикне широкораспространетото доброволно споделување на интелектуалната сопственост поврзана со пандемијата. Слично на тоа, механизмот „Ковакс“, исто така основан минатата година, требаше да обезбеди субвенционирани вакцини за сиромашните земји, со финансиска поддршка од богатиот свет.
Ако размислиме за неуспехот на светот да обезбеди правичен пристап до вакцините против ковид-19, барем ќе имаме помала веројатност да ги оставиме сиромашните земји на цедило во иднина. Светот потфрли интелектуално и морално. Со најдобри намери, плановите и предлозите на многу активисти посветија малку внимание на индивидуалните иницијативи. Иако е правилно да се апелира до корпорациите да се однесуваат морално, сепак наивно е да се претпостави дека така ќе постапат.
Можеме да замислиме иднина во која луѓето ќе инвестираат во креирање знаење и ќе го споделат нивниот труд преку еден отворен систем, наместо да целат кон личен профит. Но јасно е дека многу сме далеку од оваа идеја. Засега, мора да им дозволиме на приватните играчи да стекнат права врз интелектуалната сопственост што ја создаваат за да осигуриме дека инвестираат во скапи истражувања.
Во исто време, има можност за значително намалување на профитот на фармацевтските фирми, со тоа што би се принудиле да ги продаваат производите поевтино и да им овозможат на генеричките производители да продаваат во одредени региони, без да ги погазат иницијативите на фармацевтската индустрија за вложување во истражувањето. За ова правилно да се направи, треба да ја разбереме структурата на пазарите за производи базирани на знаење, како што се новите вакцини.

Во моментов, ние не успеваме во намерите, бидејќи на пазарот има силна конкуренција и приватни договори. Според неодамнешниот труд од Институтот за ново економско размислување, владите и фармацевтските компании минатата година склучија 44 билатерални договори за вакцини, од кои многу имаат неоткриени детали и слабо дефинирани клаузули за излез додека сиромашните земји беа изоставени во голема мера.
Потребна ни е теоретска рамка за да го разбереме овој пазар. Во моментов, тој личи многу на американскиот закон за монопол од 1989 година, кој им овозможуваше на фирмите да поставуваат цени, но забрануваше тајни мултилатерални договори за поддршка на цените, а со текот на времето овие закони постепено станаа поостри.
Денес ги поставуваме правилата на пазарот на вакцини додека сме заробени во магла на несигурност. Од она малку што го знаеме, јасно е дека правата на интелектуална сопственост мора да продолжат да играат улога, барем засега.

Од друга страна, фармацевтските компании остваруваат несомнено поголем профит отколку што е потребно за да ја одржат својата иницијатива за иновации (особено со оглед на тоа колку од нивната интелектуална сопственост резултирала од јавно финансирани истражувања). Во големите пандемии, како што е сегашната, фармацевтските компании треба да добиваат паушални плаќања за да се покријат трошоците, да им се одземат дел од патентите и да им се дозволи на генеричките фирми масовно да ги произведуваат неопходните вакцини.
На долг рок можеме да одиме понатаму и да нагласиме дека успехот на едно општество не зависи само од профитот. Популарниот слоган „Никој од нас нема да биде безбеден сè додека сите не бидат безбедни“ значи да се повикаат богатите да бидат помалку себични, бидејќи помагањето на другите е во нивен личен интерес. Но пандемијата е јасен повик да почне да се размислува надвор од комфорната зона на економската рационалност и да се препознаат туѓите интереси како свои.

Каушик Басу е поранешен главен економист во Светската банка и економски советник во Владата на Индија, а актуелно е професор по економија на универзитетот „Корнел“ и соработник на институтот „Брукингс“.