Информациска (анти)револуција

Големите сили му даваат голем фокус на ваквиот модел на војување, креирање мислење во државите, особено кај генерациите што се подготвуваат да бидат креатори на политичките правци на нивните држави

Во оваа колумна нема да го вкрстам мечот со (нај)популарниот автор на темите за јавната дипломатија и меката моќ за политичка доминација на меѓународната политичка сцена. Напротив, ќе го дополнам во делот за технолошките иновации и моќта на социјалните мрежи како инструмент за доминација на меѓународната сајбер-политичка сцена. Станува збор за Џозеф Нај, професор на „Харвард“ и автор на многубројни книги и трудови за јавната дипломатија, политика на мека моќ, индоктринација и слични теми, кои визионерски беа предвесник на тоа што следуваше.

Несомнено дека Нај ја терминира меката моќ речиси до перфекција во изминатиот период, а нејзината употреба од страна на државите преку недржавните актери беше школски модел за тектонски политички, па и цивилизациски потреси што се случија во последната декада. Иако во својата колумна тој невешто прави паралела на меката моќ со социјалните мрежи и моќта на Интернет како медиум воопшто, сепак основата што ја има поставено уште на почетокот на деведесеттите години на минатиот век не е променета. Социјалните мрежи, од кои, патем, тој е фасциниран, не се ништо друго туку само алатка за реализирање на она што тој го даде како теоретска основа. Сајбер-просторот е варијација или поле каде што зема примат неговата мека моќ. Како пример тој во колумната ги наведува и американските избори.

Должен сум да дадам мало објаснување и да презентирам мал дел од сопствените истражувања направени за улогата на социјалните мрежи во креирањето политика. Во периодот пред Трамп (тоа е многу популарно кај младите Американци, како што е популарно кај христијаните пред нашата ера и по нашата ера) медиумите креираа една нова перцепција кај американските граѓани во однос на американските избори. Имено, перцепцијата е дека Трамп ја доби победата благодарение на лажните вести што беа ширени од оваа социјална мрежа (иако не треба да се заборават Реддит, Гугл плус или Твитер). Слободниот Американец почувствува моќ, моќ да ги казни оние што ги сметаше за виновни. Па, така, гласачите гласаа за Трамп не затоа што се согласуваат со него туку затоа што лутината што ја чувствуваат кон еден скршен политички систем можеа да ја канализираат токму на гласачкото ливче.

Понатаму, најголем дел гласачи на Трамп беа Американци или, како што се нарекуваат себеси, отпадници. Тие се чувствуваат како дисиденти на еден застарен политички систем, кој не дава нови перспективи. Па така, на социјалните мрежи можеше да се забележи дека најголемите фејсбук-групи го носеа името „отпадници“ и истите тие имаа најголем број членови. Психолошката индоктринација од социјалните мрежи направи буквално бум за време на изборите. Немањето законска регулатива за сајбер-просторот предизвика буквално сатанизирање на демократите (иако во голем дел и имаше основа за тоа). Германија во пресрет на парламентарните избори во 2017 година иницира закон со кој се предвидуваат затворски казни за сите што ќе шират лажни информации што му одат во прилог на некој од кандидатите. Кон ова се придружи и Франција, барајќи од „Фејсбук“ да создаде паметен алгоритам што ќе ги филтрира ваквите вести. Денес „Фејсбук“ речиси до перфекција го разви овој превентивен модел за стигматизирање на оние што шират говор на омраза или сатанизираат одредена политичка личност.

Па, така, денес Фејсбук не е ист како некогаш – што би рекол еден мој пријател „тоа е како да одиш на рок-забава трезен“.
За жал, теоретската основа на Нај за меката моќ беше поставена повеќе медијаторски отколку да биде злоупотребена од разни актери. Па, така, на пример, Гај Верховстад, поранешниот белгиски премиер и претседател на Сојузот на европските либерали и демократи во европскиот парламент, смета дека е потребна демократска контрола на социјалните мрежи, особено околу нивното влијание во политичките процеси. Тоа, само по себе, е оксиморон, бидејќи несомнено на тој начин се прави и контрола на јавното мислење, што е спротивно на слободата на мислење и говорење. Како и да е, за Закерберг и корисниците на Фејсбук започнува нова ера на користење на социјалните мрежи. Ваквиот револуционерен осврт на креирање јавно мислење за секоја тема, вклучувајќи и теми од секојдневниот живот, а кои не се поврзани со политиката, создава и креира нова перцепција кај интернет-корисниците. Затоа големите сили му даваат голем фокус на ваквиот модел на војување, креирање на мислење во државите, особено кај генерациите што се подготвуваат да бидат креатори на политичките правци на нивните држави.