Инвестирање во феминистичкиот мир

За време на пандемијата на ковид-19, јавниот живот во поголемиот дел од светот беше во голема мера запрен. За две милијарди лица што живеат во држави зафатени со конфликт, насилството и хаосот сепак не запреа. Некои од светските конфликти ескалираа или беа поттикнати за време на кризата при што нанесоа нови катастрофални удари по инфраструктурата и здравствените системи, кои само што почнаа да се обновуваат. На светско ниво продолжуваме да инвестираме многу повеќе во алатки за војување отколку во темелите за мир.
Сепак, пости и некој што работи на мирот. На 23 март на почетокот на пандемијата, Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации (ООН), побара прекин на огнот во светот за да им се овозможи на земјите да се фокусираат на корона-кризата и да им дозволат на хуманитарните организации да им понудат помош на најпогодените населенија. Над 100 женски организации од Ирак, Либија, Палестина, Сирија и од Јемен брзо реагираа на барањето со заедничка изјава во која се залагаа за широко примирје поради ковид-19 што може да послужи како основа за траен мир.
Не треба да изненадува тоа што жените се меѓу првите што го поддржаа апелот за прекин на огнот.

Неодамна, владите и граѓанските општества се здружија за да го одбележат усвојувањето на Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ООН, со која првпат се признаа клучните улоги на жените во првите борбени редови од градењето на мировните напори. Токму жените, вклучувајќи ги и девојките, ја вршат долготрајната, напорна работа што ги поткрепува формалните договори од голем калибар, кои сè уште се постигнуваат во преговори каде што тие се исклучени. На пример во Сирија, жените преговараа за прекин на огнот за да го овозможат протокот на хуманитарна помош, работеа во болниците и училиштата, дистрибуираа храна и лекови и ги документираа кршењата на човековите права. Во јужен Судан, жените посредуваа и решаваа племенски спорови за да спречат понатамошни конфликти да ескалираат во насилство. Жените исто така предводат клучни работи во заложбите за мир преку образовни програми што ги учат младите дека конфликтот може да се избегне. Феминистичките организации одамна апелираат за нуклеарно разоружување, контрола на оружјето и прераспределба на фондовите од воени во општествени инвестиции.
Овие апели се од суштинско значење, но не го добија посакуваниот одзив, како во случајот на апелот на ООН за прекин на огнот во текот на пандемијата на ковид-19. Според норвешкиот совет за бегалци, во периодот од два месеца по апелот на Гутереш, оружениот конфликт во 19 држави раселил најмалку 661.000 лица.

Освен ако не ги слушнеме жените и ги пренасочиме нашите инвестиции од воени во мировни, катастрофата ќе продолжи. Лани, светските воени трошоци достигнаа 1,9 илјади милијарди долари по најголемиот годишен раст во последната деценија. Во последните 25 години, всушност двојно се зголемија трошоците во одбраната, откако значајната Пекиншка декларација и платформа за акција побара од владите да ги „препознаат и да се справат со опасностите од оружениот конфликт и негативниот ефект на прекумерните воени трошоци“. Повеќе оружја и војници значат помалку ресурси за 55 отсто од светското население, вклучувајќи речиси две третини од децата во светот, кои немаат доволна општествена заштита поради што се изложени на бруталните социо-економски последици од пандемијата. Воената моќ нема да им помогне на 83-132 милиони луѓе, кои поради ковид-19 ќе останат без доволно храна во 2020 година.
Нашите пари не треба да ги вложуваме во алатки за уништување, туку во еден вид „феминистички мир“, кој ќе ги поддржува основните социо-економски права за сите. Ова значи гаранција на поширока социјална заштита и обезбедување суштински услуги, како здравствена заштита, детска грижа и образование. Обезбедувањето вакви услуги докажано ја намалува нееднаквоста како резултат на конфликтот. Пандемијата ја нагласи клучната важност и на други услуги. На пример, центрите за заштита на жртви на родово насилство забележаа зголемена работа за време на карантините поради коронавирусот, со што се јави потребата за зголемување на финансиската поддршка. Покрај тоа, владите треба да обезбедат доволни резерви на медицинска и лична заштитна опрема што често ја снемува за време на пандемијата, дури и во најбогатите земји.

Феминистичкиот мир исто така значи дека сечиј глас ќе биде слушнат, така што сите групи ќе бидат целосно и значајно вклучени во донесувањето одлуки за нивните животи. Организациите на жени треба да имаат важна улога во помошта на жените и другите маргинализирани групи да добијат пристап до процесите за донесување одлуки и да им ги обезбедат потребните ресурси и доверба да учествуваат. Но повторно тоа зависи од вложување дополнителни средства. Билатералната помош за женските организации во слаби држави или во такви погодени од конфликт во 2017-2018 година просечно изнесуваше 96 милиони долари годишно, што е само 0,005 отсто од светските воени трошоци.
Покрај катастрофата што ја предизвика кризата со ковид-19, таа исто така претставува генерациска можност да се изградат поинклузивни економии и општества во кои ќе нема простор за насилен конфликт. Здружените напори за демилитаризирање на светот и градењето на феминистичкиот мир, како што е почеток на светскиот прекин на огнот проследено со сеопфатно преиспитување за досегашната распределба на средствата, мора да заземат централно место во оваа визија.

Авторката е извршна директорка на Организацијата за жени на ООН.