Илузијата на глобалниот поредок заснован врз правила

Меѓународното право денес е моќно против немоќните и немоќно против моќните. Сѐ додека е така, глобалниот поредок заснован врз правила ќе остане смоквин лист за насилното остварување на националните интереси

Кога заврши Студената војна, многумина експерти очекуваа нова ера, во која геоекономијата ќе ја одредува геополитиката. Тие предвидоа дека со напредокот на економската интеграција, поредокот заснован врз правила ќе фати корен глобално. Земјите ќе го почитуваат меѓународното право или ќе се соочат со големи трошоци. Денес таквиот оптимизам изгледа по малку наивно. Дури и кога меѓународниот легален систем значително порасна – поддржан од, на пример, конвенциите на ОН, глобалните договори како Парискиот климатски договор и Меѓународниот кривичен суд – владеењето на силата продолжи да го гази владеењето на правото. Можеби ниту една земја не ја искористи ваквата состојба на работите, како што го стори тоа Кина.

Земете ги на пример кинеските проекти за брани на реката Меконг, која тече од кинескиот дел на Тибетското плато до Јужно Кинеско Море, преку Мјанмар, Лаос, Тајланд, Камбоџа и Виетнам. Со изградбата на 11 мегабрани во близината на границата на Тибетското плато, Кина непоправливо му наштети на речниот систем и предизвика поголем еколошки проблем, вклучувајќи го и навлегувањето солена вода во делтата на Меконг, што доведе до повлекување на делтата. Денес Меконг тече на своето најниско ниво во изминатите сто години, а сушите се интензивираат во земјите по течението на реката. Тоа ѝ дава на Кина моќна предност над своите соседи. И покрај тоа, Кина не се соочи со последици за злоупотребата на водите на Меконг. Затоа не треба да изненадува тоа што земјата гради или планира уште најмалку осум мегабрани на Меконг.

Кинеските постапки во Јужно Кинеско Море можеби се и подрски. Месецов беше одбележана шестгодишнината од почетокот на големата кинеска програма за култивирање на земјиштето во важниот стратегиски коридор, кој ги поврзува Индиски и Тихи Океан. Со изградбата и милитаризирањето на вештачки острови, Кина ја измени регионалната геополитичка карта без истрелан куршум – или некој меѓународен трошок.

Не треба да се заборави дека во јули 2016 година, меѓународниот арбитражен трибунал, основан од Постојаниот суд за арбитража (ПСА) во Хаг, пресуди дека кинеските територијални барања во Јужно Кинеско Море немаат доволно легитимитет во согласност со меѓународното право. Но кинеските лидери едноставно ја отфрлија пресудата, нарекувајќи ја „фарса“. Ако не се смени нешто, американскиот план за воспоставување „слободен и отворен Индо-Пацифик“, ќе остане само парче хартија.
Кинескиот отворен презир кон пресудата на ПСА е во остра спротивност со индискиот одговор на пресудата од трибуналот, воспоставен од ПСА, која му додели на Бангладеш речиси 80 отсто од 25.600 квадратни километри од спорната територија во Бенгалскиот Залив. Иако одлуката не беше едногласна (за разлика од едногласната пресуда на трибуналот за Јужно Кинеско Море) и содржеше очигледни грешки – бидејќи остави голема „сива зона“ во заливот – Индија веднаш ја прифати. Всушност, во периодот 2013-2016 година, три различни трибунали, формирани од ПСА, пресудија против Индија во споровите со Бангладеш, Италија и Пакистан. Индија ги испочитува сите пресуди.

Пораката е јасна: за големите и влијателни земји, почитувањето на поредокот заснован врз правила е избор – избор што Кина не сака да го направи. Наспроти ваквото досие, можната правна постапка на Виетнам за неговите територијални спорови со Кина – која се меша во виетнамските нафтени активности во својата ексклузивна економска зона во Јужно Кинеско Море – најверојатно нема да има многу влијание. Виетнам знае дека Кина ќе ја игнорира секоја пресуда против неа и ќе ја искористи својата трговска предност за да го казни својот помалку моќен сосед.
Токму поради ова многу е потребен механизам за спроведување на меѓународното право. Спорови помеѓу државите секогаш ќе се појавуваат. Мирот бара механизми за нивно праведно и ефикасно решавање, како и засилено почитување на постојни граници. И покрај тоа, малку е веројатно наскоро да се појави таков механизам. Сепак, Кина не е сама во несанкционираното кршење на меѓународното право: нејзините колеги постојани членки на Советот за безбедност на ОН – Франција, Русија, Британија и САД – го прават истото тоа. Тоа се неколкуте земји на кои Повелбата на ОН им ја додели задачата за одржување на меѓународниот мир и безбедност.

Денес меѓународното право е моќно против немоќните и немоќно против моќните. И покрај тектонските промени во економијата, геополитиката и околината, тоа по сѐ изгледа ќе остане така, при што најмоќните држави го користат меѓународното право за да им ја наметнат својата волја на другите, додека и самите го игнорираат. Сѐ додека е така, глобалниот поредок заснован врз правила ќе остане смоквин лист за насилното остварување на националните интереси.

Брама Челани е професор по стратегиски студии при Центарот за политичко истражување во Њу Делхи и предавач на берлинската академија „Роберт Бош“.