Зошто субвенциите можат да го победат карантинот

Многу европски влади се обидуваат да се борат против вториот бран на пандемијата на ковид-19 со наметнување „полесен карантин“, кој обично вклучува ограничувања во работењето на рестораните, кафулињата и некои несуштински продавници. Претпоставката зад овие делумни затворања е дека ризикот од инфекција е голем кога луѓето се мешаат во затворени простори. Неодамнешен труд објавен во списанието „Нејчр“ дава дополнителни докази дека местата како ресторани, спортски сали и кафулиња можат да играат голема улога во ширењето на коронавирусот.
Строгите затворања доведоа до помасовни народни протести (особено во Франција и во Италија), бидејќи се закануваат по егзистенцијата на многу сопственици на мали продавници и ресторани. Овие сектори веќе се најдоа под притисок на електронската трговија пред пандемијата, а многу маргинални оператори стравуваат дека не можат да преживеат дури и краток втор карантин. Владите се обидуваа да помогнат со обесштетување на загубените приходи. Но во многу случаи компензацијата беше доцна испратена, делумна и тешко целеше кон економски најранливите категории.
Сепак, владите можеби не треба да сметаат на строги рестрикции ако ја разгледаат алтернативата за даноците или субвенциите. Ваквите фискални мерки досега не играа никаква улога во таканаречените нефармацевтски интервенции во борбата против пандемијата, иако тие може да ги постигнат истите цели како физичкото дистанцирање. Конкретно, Владата може да даде субвенција за секој сопственик на продавница или на ресторан што сака да го затвори своето претпријатие на одреден период (да речеме, еден до три месеци).

Подолго затворање би било подобро затоа што тоа би помогнало да се одржат инфекциите со ковид-19 на ниско ниво во текот на преостанатиот дел од зимата.
Кога ќе се затвори голем дел од продавниците, политичарите треба да спречат преостанатите да не се преполнуваат. Но тие веќе го регулираа групирањето пред воведувањето на новите ограничувања за вториот бран со барање до клиентите да одржуваат минимално растојание меѓу нив. Оваа регулатива треба да се одржува во наједноставната можна форма, за што е потребен минимален број квадратни метри простор по клиент.
Владата може да започне со одредување субвенции во однос на паушал за квадратен метар, исплатен однапред на сопственикот на каков било бизнис подготвен да затвори (за продавници и ресторани) на неколку месеци. Дозволена ќе биде достава и продажба преку интернет. Операторите потоа би ги пресметале своите можности од другите начини за продажба. За оние што најмалку можат да се приспособат, прифаќањето на субвенцијата може да биде најдобрата опција. Во принцип, би било подобро да се спроведе обратна аукција, според која, трговците ја доставуваат цената по која би биле подготвени да затворат. Но можеби сега нема доволно време да се организира сево ова.

Слична разлика меѓу општествените и приватните интереси постои во однос на климатските промени. Во случај на климатски промени, политичарите во голема мера се согласуваат дека данокот на емисии е посоодветен отколку субвенциите за оние што се грижат за животната средина. Политичарите треба да ја применат оваа лекција за контрола на пандемијата.
Во една статија од 1960 година, добитникот на Нобелова награда за економија, Роналд Коаз, тврди дека, под услов да се занемарат трошоците за трансакции, ефикасното решение за проблем што вклучува разлика помеѓу општествените и приватните трошоци не треба да зависи од распределбата на правата на сопственост. За контрола на пандемијата, интересите на општеството ги претставува Владата што ги одржува ниските трошоци за трансакции. Клучното прашање што се поставува е дали правото на одлука за затворање на една продавница или ресторан го поседува сопственикот или му припаѓа на општеството. Фактот што владите обезбедуваат некаква компензација за време на карантините укажува на тоа дека тие признаваат дека одлуката дали да останат отворени треба да му припадне на сопственикот. Следствено на тоа, субвенции што би поттикнале затворање на рестораните и на продавниците би биле посоодветни отколку да се даночат.

Субвенциите за затворање на бизнисите нудат голем број предности. Тие ќе обезбеди надомест на приходот за најмаргиналните бизниси со разумни фискални трошоци, додека истовремено ќе ги намалат општествените интеракции во продавниците и во рестораните. Субвенциите за затворање на продавниците треба да бидат особено привлечни за продавници и ресторани што веќе се соочуваат со финансиски тешкотии и чии сопственици имаат најголема тенденција да протестираат против строгите карантини. Тоа ќе ја избегне потребата на политичарите да прават произволни разлики помеѓу основните и несуштинските добра.
Друга подолгорочна предност на овој пристап е тоа што ќе ги охрабри сопствениците на мали продавници да се модернизираат (или да се откажат од пазарот). На тој начин, политичарите можат да помогнат да се надмине многу силниот отпор кон структурните промени во овој сектор.
Лекцијата е јасна. Бидејќи вториот бран на пандемијата ѝ се заканува на Европа, владите треба да го сменат пристапот со тоа што ќе ги натераат сопствениците на ресторани, кафулиња и продавници да земат платен одмор наместо да им наложат да ги затворат. Таквата политика ветува многу пониски фискални и општествени трошоци и ќе биде политички полесно да се издржат претстојните тешки зимски месеци.

Авторот е директор на Центарот за европски политички студии.