Зеленски – сламка на спасот за Украина?

По одржувањето на вториот круг од гласањето за избор на претседател на Украина, во кој со огромна разлика во добиените гласови во првиот круг во своја полза се соочија до вчера политичкиот анонимец, артистот Владимир Зеленски и досегашниот претседател украинскиот текстилен магнат Петро Порошенко, со извесно задоцнување, Централната изборна комисија на Украина пред два дена ги објави конечните резултати од овие избори, според кои Зеленски освоил огромни 73,22 проценти од гласовите на многубројниот украински електорат, а неговиот противник Порошенко разочарувачки само 24,45 проценти од гласовите на украинските граѓани.

Овој неочекуван изборен резултат во земјата, која веќе петта година со сета поддршка од своите западни и американски поддржувачи, во име на нивната политика и стратегија на таканареченото „источно партнерство“, се соочува со големи внатрешни економско-социјални проблеми и со надворешнополитичка и воено-територијална и безбедносна криза со својот источен сосед Руската Федерација, ја покажува длабоката разочараност на украинскиот народ од политиката на водењето на земјата од страна на постојната власт и од своето досегашно, како што самите го квалификуваат, „крајно корумпирано и криминализирано државно и политичко раководство“ на земјата.

Украинскиот народ, од кој огромен дел по избувнувањето на кризата, заради „непочитување на основните човекови права и слободи“, перманентно ја напушта земјата, а се проценува дека досега околу седум милиони Украинци веќе ја напуштиле и живеат како бегалци во соседните Русија, Белорусија, Молдавија и други земји, со овој чин само го покажува својот протест против наметнатата состојба и неспособноста или неподготвеноста на највисокото државно раководство да најде излез и да ја спаси земјата од ваквата ситуација.

Од кои причини искусниот шведски и европски политичар Карл Билт во ваквиот исход на плебисцитарното украинско изјаснување за тоа кому да му се довери натамошното управување и водење гледа „прогрес и успех на широката украинска демократија“, која демек дошла до тој степен што и највисоката државна власт станува достапна до секој граѓанин, па макар и за една политички неопитна и сѐ уште недокажана личност, за сега останува нејасно. Така, и во случајов на можеби добриот и популарен во Украина артист Владимир Зеленски, со сѐ уште непознати и непотврдени политички атрибути на харизматичен и способен државен лидер. Без идеолошка, политичка и партиска поддршка и без верификувани платформа и програма, Зеленски не ќе може успешно да се справи и да се снајде во инаку зовриената и жестока атмосфера во највисоките кругови на политичко-олигархиската сцена во Украина.

Тоа, и покрај огромната поддршка и изразената доверба на украинските избирачи кон новоизбраниот претседател Зеленски, може да се покаже и како главен хендикеп во натамошното освојување и етаблирање на доверената власт и нејзино реализирање преку поддршката на парламентарните механизми на украинската Врховна Рада, како главен носител на законодавната и извршната власт во земјата. И во таа смисла доаѓаат и првите загрижувачки шпекулации дека уште во првиот постизборен контакт на стариот и новоизбраниот претседател, Порошенко „изразил подготвеност да ја прифати премиерската функција на земјата ако му биде понудена“.

Инаку, што се однесува до развојот и иднината на украинско-руските односи и решавањето на постојните проблеми меѓу двете земји по доаѓањето на Зеленски на власт, засега и на двете страни владее напнато дипломатско исчекување, без некаков видлив оптимизам. До денес нема потврдени официјални изјави од двете страни, иако новоизбраниот украински лидер сѐ уште е неинаугуриран (се очекува, ако сѐ биде во ред и не дојде до некаков неочекуван развој на ситуацијата, инаугурацијата на Зеленски да се одржи на 27 мај годинава). Потоа се очекува новиот претседател да распише вонредни парламентарни избори за претставници во украинската Врховна Рада, чин што Порошенко и неговата владејачка партија ќе се обидат да го спречат, или барем одложат или одолжуваат некое неопределено време. Како ќе се одвиваат работите и ќе успее ли Зеленски да им одолее на многуте силни странични притисоци и влијание, ќе покаже времето. Некаква почетна надеж засега се бара во изјавата на новопечениот украински претседател Зеленски дека тој е подготвен за соработка и наоѓање заедничко прифатливо решение за проблемите со соседна Русија во рамките на Спогодбата од Минск, познат и како мировен проект на КЕБС „Нормандска четворка“, кој во моментов е во состојба на статус кво, поради тврдиот и упорен непопустлив став на украинската страна и на досегашниот украински претседател Порошенко овој проект да не успее. Единствениот услов што го поставува Зеленски е размена на воените заробеници меѓу завојуваните страни, врз принципот „сите за сите“. Москва засега воздржано молчи и го чека натамошниот развој на ситуацијата во Украина. Единствена новина во целата ситуација е меѓу двата украински круга потпишаниот указ на рускиот претседател Путин, со кој се олеснува процедурата за жителите со руска националност од Доњецката и Луганската област во Украина за добивање руски пасош, што од страна на украинската власт се оценува како „нов руски предизвик и провокација“ во меѓусебните нарушени односи.

Дали и колку најновиот развој на ситуацијата во Украина ќе се вклопи во стратегијата на Запад за реализација на Источното партнерство, а со тоа и во шемата на Билт за „демократско“ освојување на Запад и на НАТО на руското опкружување, кое опфаќа и други постсоветски земји од Кавказ и Средна Азија, ќе остане главен фактор за детерминирање на судбината и на нарушените воено-стратегиски односи и соработка меѓу Запад-Исток и САД и Руската Федерација.

Авторот е поранешен македонски дипломат