Ефектот на Трамп врз надворешната политика на САД

Однесувањето на американскиот претседател Доналд Трамп на неодамнешниот самит на Г7 во Бијариц, Франција, беше критикувано како невнимателно и деструктивно од многу аналитичари. Други, пак, тврдат дека медиумите и набљудувачите им посветуваат преголемо внимание на личните каприци, твитови и политички игри на Трамп. На долг рок, тврдат тие, историчарите ќе го сметаат однесувањето на Трамп само за ситен грев. Поважното прашање е дали мандатот на Трамп докажа дека претставува голем пресврт во американската надворешна политика или е само мало историско скршнување.

Актуелната расправа за Трамп отвора едно долгогодишно прашање, дали најголемите историски исходи се производ на човечки избор или, пак, тие во голема мера се само резултат на преголеми структурни фактори, произведени од економски и политички сили што се надвор од човечка контрола.
Некои аналитичари ја споредуваат историјата со брза река, чиј тек е обликуван од климата, врнежите од дожд, геологијата и топографијата, а не од тоа што го носи реката. Но дури и да е така, човечките фактори не се само мравки што стојат на дрвото носено од речната струја. Тие повеќе личат на сплавари што се обидуваат да управуваат со дрвото и да се одбранат од карпите – понекогаш ќе се превртат, а понекогаш и ќе успеат да се упатат кон посакуваната дестинација.

Разбирањето на изборот на лидерите и неуспесите во американската надворешна политика во текот на изминатиот век може подобро да нè подготви да се справиме со прашањата со кои се соочуваме за време на претседателскиот мандат на Трамп. Водачите во секоја ера мислат дека се занимаваат со уникатни промени, но човечката природа останува иста. Изборот може да биде важен. Дејствувањето може да има еднакви последици како и недејствувањето. Неуспехот на американските водачи да дејствуваат во 1930-тите придонесе за создавање на пеколот на Земјата, исто како и одбивањето на американските претседатели да употребат нуклеарно оружје, кога САД имаа монопол врз него.

Дали ваквите главни избори беа определени од ситуацијата или од некоја личност? Пред еден век, Вудро Вилсон прекина со традицијата и ги испрати американските сили да се борат во Европа, но тоа можеби можеше да се случи и со секој друг водач (да речеме, Теодор Рузвелт). Големата разлика на Вилсон беше во моралистичкиот тон на неговото оправдување и контрапродуктивноста во неговото тврдоглаво инсистирање на сѐ или ништо при вклучувањето во Друштвото на народите. Некои го обвинуваат морализмот на Вилсон за сериозноста на враќањето на Америка кон изолационизмот во 1930-тите.
Френклин Рузвелт не беше во можност да ги вовлече САД во Втората светска војна до Перл Харбор, а тоа можеше да се случи со конзервативен изолационист. Поврзувањето на Рузвелт со заканата од Хитлер и подготовките за соочување со неа, беа клучни за учеството на САД во војната во Европа.

По Втората светска војна, структурата на биполарност на двете суперсили ја постави рамката за Студената војна. Но стилот и времето на американската реакција, можеби, ќе беа различни ако Хенри Валас (од кого Рузвелт се откажа како потпретседател во 1944-та), наместо Хери Труман, станеше претседател. По изборите во 1952 година, изолационистот Роберт Тафт или цврстото претседателство на Даглас Мекартур можеа да го нарушат релативно непреченото консолидирање на стратегијата на Труман за ограничување, со која потоа претседаваше неговиот наследник Двајт Ајзенхауер.
Џон Ф. Кенеди беше клучен за спречувањето на нуклеарната војна за време на Кубанската ракетна криза, а потоа и за потпишувањето на првиот договор за контрола на нуклеарно оружје. Но тој и Линдон Џонсон ја заглавија земјата во непотребното и скапо фијаско, војната во Виетнам. На крајот од векот, структурните сили предизвикаа ерозија на Советскиот Сојуз, а Михаил Горбачов го забрза периодот на распаѓање на Советскиот Сојуз. Но воената консолидација и преговарачките вештини на Роналд Реган и капацитетите за справување со кризи на Џорџ Буш Постариот, одиграа значајна улога во постигнувањето мирен крај на Студената војна.

Со други зборови, водачите и нивните вештини се важни. Во извесна смисла, ова е лоша вест, бидејќи тоа значи дека однесувањето на Трамп не може лесно да се отфрли. Поважно од неговите твитови е неговото слабеење на институциите, сојузите и на меката моќ на привлечност на Америка, за кои анкетите покажуваат дека паднале под водство на Трамп. Тој е првиот претседател во изминатите 70 години што му сврте грб на либералниот меѓународен поредок што САД го создадоа по Втората светска војна. Генералот Џејмс Метис, кој поднесе оставка од функцијата секретар за одбрана на Трамп, неодамна се пожали дека претседателот ги занемарува сојузите.

Претседателите треба да користат и тврда и мека моќ, комбинирајќи ги на начини што се комплементарни, а не контрадикторни. Макијавелистичките и организациските вештини се од суштинско значење, но исто така е и емоционалната интелигенција, која произведува вештини за самосвест и самоконтрола, како и контекстуалната интелигенција, што им овозможува на водачите да ја разберат динамичната средина, да профитираат од трендовите и соодветно да ги применуваат другите вештини. Емоционалната и контекстуалната интелигенција не се силен адут на Трамп.

Теоретичарот за лидерски способности, Гаутам Мукунда, посочува дека лидерите што внимателно се филтрираат преку воспоставените политички процеси често се предвидливи. Џорџ Буш Постариот е добар пример. Други се нефилтрирани и начинот на кој настапуваат додека се на власт варира многу. Абрахам Линколн беше релативно нефилтриран кандидат и беше еден од најдобрите американски претседатели. Трамп, кој не извршувал јавна функција пред да го освои претседателскиот мандат, во политиката влезе од светот на недвижнини и на телевизиски шоуа. Тој се покажа извонредно умешен во совладувањето на современите медиуми, пркосејќи им на конвенционалната мудрост и на деструктивната иновација. Додека некои веруваат дека тоа може да даде позитивни резултати, како на пример со Кина, други се скептични.

Улогата на Трамп во историјата може да зависи од тоа дали тој ќе биде реизбран. Институциите, довербата и меката моќ може повеќе да еродираат ако тој биде на власт осум, а не четири години. Но, во секој случај, неговиот наследник ќе се соочи со променет свет, делумно поради ефектите од политиките на Трамп, но и поради големите структурни поместувања во светската политика – од Запад кон Исток (со подемот на Азија) и од државни кон недржавни актери (кои ќе ја зголемат моќта поради сајбер-сферата и вештачката интелигенција). Како што забележа Карл Маркс, ние ја создаваме историја, но не под услови што самите ги избираме. Американската надворешна политика предводена од Трамп останува отворено прашање.

Авторот е професор на „Харвард“