ЕУ се врти во круг

Во своето прво официјално обраќање пред Европската Унија (ЕУ), претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, понуди широк преглед на моменталната динамика. Таа ги промовира неодамнешните достигнувања на Европа и ги идентификува нејзините цели за следните години. Таа посвети значајно внимание на Европскиот зелен договор и на дигиталната агенда, а повика на завршување на банкарската унија и интеграција на пазарот на капиталот. Во нормални времиња, тоа ќе беше солидна, ако не и особено инспиративна изведба. Но ова не се нормални времиња.
Точно, важни се политиките и активностите што ги опиша Фон дер Лејен. Но во овој момент, ниту една политика нема доволно да ги зајакне темелите на ЕУ. Ниту една голема програма или зголемување на буџетот нема да го обезбеди нејзиниот напредок. Ниту еден износ на заеднички долг нема да го гарантира неговиот опстанок. За да преживее и да напредува, на Европа ѝ треба сеопфатна визија што ја доловува ширината на предизвиците со кои се соочува, да воспостави чувство на заедничка цел меѓу сите граѓани и да ја поттикне народната поддршка.

Лидерите на ЕУ веќе долго време продаваат шуплив концепт на европско државјанство, кој ги нагласува правата, наместо одговорностите и распределбата на товарот. Тие покажаа што прави ЕУ, но не и за што служи ЕУ. Многумина одбиваат воопшто да дискутираат за прашањето. Тие веруваат дека одговорот е очигледен, а тоа е дека Европа е неизбежна, а Европејците се неминовно меѓусебно поврзани во судбоносна заедница.
Но многу граѓани не го гледаат тоа на тој начин. Доколку не им се даде поубедлив одговор, единственo неизбежна ќе биде пропаста на ЕУ. Постоеше зрак на надеж дека лидерите на ЕУ ја препознаваат потребата од активно вклучување на европските граѓани. На пример, како дел од хаотичниот компромис што доведе до нејзина потврда како претседател на Комисијата во 2019 година, Фон дер Лејен излезе со идејата за конференција за иднината на Европа, поточно за платформа за ангажирање на граѓаните во широка дебата за тоа како треба да изгледа ЕУ и како да се постигне тоа.
Но иницијативата е одложена поради пандемијата на ковид-19. Дури и ако се спроведе, тоа најверојатно ќе следи други многу промовирани напори за информирање на граѓаните, како што беше разочарувачката иницијатива за консултации со европски граѓани за 2018 година.

Дискусиите ќе добијат големо медиумско внимание, ќе биде изработен извештај и ќе биде објавено официјално соопштение. Тогаш ќе се појави друга криза, а лидерите на ЕУ ќе заборават на тоа. Единственото трајно влијание ќе биде оставката, па дури и незадоволство што ќе го чувствуваат граѓаните што учествувале.
Конференцијата за иднината на Европа беше сведена речиси на минимум во обраќањето на Фон дер Лејен, бидејќи таа зборуваше за постпандемиската организација на здравствените компетенции во рамките на ЕУ. Покрај тоа, Европскиот совет веќе ја отфрли можноста за каква било промена на договорот што произлегува од конференцијата. Колку се поангажирани граѓаните со Европа, толку помалку ќе им требаат нивните национални влади да дејствуваат како посредници. Истата загриженост ја поттикна спротивставеноста за данокот на европско ниво, со што ЕУ директно би станала одговорна пред граѓаните.
Но ако иницијативата нема вистински влогови, нема да наиде на прием кај граѓаните. Истото важи и за европскиот проект пошироко, односно ако граѓаните не чувствуваат припадност во ЕУ и немаат чувство дека судбините им се врзани за нивните сограѓани Европејци, тие тогаш ќе понудат само пасивна поддршка.

Пасивната поддршка всушност нема да ги доведе ЕУ или нејзините членки таму каде што треба да бидат.
Изненадувачки е тоа што во 2020 година, 11 години по кризата во еврозоната, претседателката на Европската комисија сè уште повикува да се заврши банкарската унија во нејзиното прво официјално обраќање. Нејзината изјава за миграцијата дека е „европски предизвик“, на кој можеме да најдеме решение, „ако сите сме подготвени да правиме компромиси“, беше изјавата што требаше да се даде и да се постигне договор за неа уште во 2015 година, кога беше екот на миграциска криза. Дури и нејзиниот коментар за Белорусија беше во празно, со оглед на неуспехот на ЕУ да се договори за санкциите против режимот на претседателот Александар Лукашенко. На овој начин ЕУ се врти во круг.
Време е да престане вртењето во круг. Во крајна линија, ако ЕУ преживее, на крајот ќе мора да ги измени договорите. Тоа ќе биде можно само со активна поддршка од Европејците, кои се чувствуваат како да се дел од истата приказна и дека за некои ќе заврши добро само ако заврши добро за сите. Поларизацијата и поделбите што го карактеризираат денешното политичко опкружување не се изговор за понатамошно одложување на промените, туку тие се причини за дејствување.

Пандемијата на ковид-19 може да се искористи за добро, не само за нагласување колку се поврзани нашите судбини, туку и да го промениме начинот на кој живееме и размислуваме за светот. Со толку многу влог, ЕУ има ретка можност да го искористи сегашниот момент и да го вметне во нова конфигурација што ја одразува вистинската и одржлива европска визија.

Авторката е поранешна министерка за надворешни работи на Шпанија и поранешна висока потпретседателка и советничка во Светската банка, а актуелно е вонредна професорка на универзитетот „Џорџтаун“.