Епидемијата е шанса за ЕУ

Коронавирусот ќе ги тестира капацитетите на јавните здравствени системи и солидарноста во ЕУ. Унијата во минатото секогаш бележеше напредок во време на кризи и затоа епидемијата е шанса за ЕУ да создаде моќен механизам за справување со кризи, што ќе ги здружи ресурсите на земјите-членки

Лукреција Рајхлин

Со години се зголемуваа стравувањата дека „црн лебед“ ќе ги тестира капацитетите на ЕУ за справување со кризи. Со избивањето на епидемијата на коронавирус, тие стравувања станаа реалност и сѐ уште е нејасно дали ЕУ ќе може да одговори на предизвикот.
Епидемијата на коронавирус не е само стрес-тест. Таа, веројатно, ќе влијае врз целиот свет, што ќе доведе до синхронизирано забавување на порастот на економијата или дури и до појава на рецесија. Синхронизираните рецесии практично секогаш се подлабоки и подолготрајни од падовите што влијаат на индивидуалните економии и тие особено тешко ги поднесуваат отворените економии како таа на ЕУ.
Дополнително, бидејќи секоја членка на ЕУ се соочува со тежок шок, земјите на Унијата ќе бидат помалку способни да си помогнат една на друга, за разлика од периодот на финансиската и должничката криза во 2010 година. Италија досега е најмногу погодена. Но експертите предупредуваат дека вирусот ќе се прошири во цела Европа и дека секоја земја ќе се соочи со проблемот.
Невозможно е прецизно да се каже како точно ќе се шири епидемијата. Но таа неизвесност сигурно ќе го влоши економскиот пораст, бидејќи ќе ги поткопа инвестициите и ќе ја намали потрошувачката на семејствата.

Вирусот веќе ги наруши синџирите за снабдување и ја забави глобалната трговија, со предвидливо негативни ефекти врз приходите на компаниите и вработените. Туризмот и транспортот особено се погодени, не само како резултат на ограничувањата за патувања спроведени од државите, туку и поради доброволното „држење растојание“, кое го намалува движењето. Како резултат на тоа, целокупната побарувачка веќе се намалува, а тоа веднаш се одрази на намалувањето на цените на нафтата, што обично е предвесник на глобалната рецесија.
Шокот од коронавирусот дополнително ќе ја тестира и еластичноста на јавните здравствени системи, работните односи, но и формалните и неформалните механизми за солидарност во ЕУ. Доколку на пандемијата не се одговори со навремени политики, нејзините ефекти веројатно ќе бидат долготрајни, особено ако се активираат и дополнителните заштитни механизми.
Во ЕУ, капацитетот на одговор на ефектите од кризите зависи од членка до членка. Дури и кај релативно добро „опремените“ економии, решавањето на потенцијалните проблеми е оставено на ад хок мерките на државите, кои имаат ограничен потенцијал. Експертите посочуваат оти решението на состојбите лежи во координирана акција на здружен финансиски фронт за проблемите.

Ова не значи дека треба само да им се дозволи на државите да имаат поголеми фискални дефицити. Иако можеби краткорочно ќе помогне, тоа ќе го зголеми задолжувањето на државите (како што покажа Италија). Пред една деценија научивме дека тоа може да го загрози опстанокот на еврозоната. Монетарната политика може да помогне на различни начини со обезбедување ликвидност. На пример, може да се побара од банките да им позајмуваат на малите и на средните претпријатија. Централните банки треба да ги искористат сите средства за да ги намалат инфлациските притисоци од падот на цените на нафтата.

На ЕУ во моментот ѝ е потребен координиран фискален стимул. Таа во моментот нема инструмент за поддршка на членките при заеднички шокови. Европскиот механизам за стабилност може да биде активиран во екстремно сценарио, но тој нема да биде соодветен и доволен, исто како и Европскиот фонд на солидарност.
Пандемијата на коронавирус претставува можност ЕУ да создаде моќен механизам за справување со кризи, кој ќе ги здружи ресурсите на членките и ќе ги пренасочи кон координирана фискална политика. Идејата за ваков „фонд за осигурување“ не е нова идеја, а неколку економисти ја разработуваа за време на минатата криза, кога наголемо се дебатираше за можните реформи.

ЕУ досега бележеше најголем прогрес во време на кризи. Таква криза е и пандемијата на коронавирус. Токму сега е момент ЕУ да спроведе координирани акции, градејќи институции, кои можат да се покажат како ефикасни и во некои наредни кризи.
Актуелниот геополитички контекст би требало да ја поттикне желбата на ЕУ да изгради механизми за справување со кризи. Во 2008 година, доминираше меѓународната соработка, а САД покажаа како одличен партнер на Европа. Денес, пак, сме сведоци на подем на изолационизмот, предводен токму од САД. На пример, Федералните резерви на САД не се консултираа со никого кога неодамна решија да ја намалат каматната стапка.
Коронавирусот треба да биде предупредување за политиките на сите влади во светот. Токму затоа ЕУ треба сега да ги увери своите граѓани дека навистина е подготвена да реагира на предизвикот.

Авторката е бивша директорка за истражувања на Европската централна банка