Европската централна банка да ги финансира дефицитите од ковид-19

Пандемијата на коронавирусот предизвика комбиниран негативен шок со невиден интензитет во испораката и побарувачката. Двете сфери имаат значително влијание врз производството на стоки и услуги, а затоа што приходите на сите на крајот произлегуваат од производството, приходите на домаќинствата нагло ќе опаднат. Со тоа што многу економии веќе се во надолен тренд и се движат кон рецесија, постои опасност дека опаѓањето ќе биде самостојно и постојано ќе се продлабочува.
Шоковите во понудата и побарувачката, веројатно, ќе предизвикаат многу домино-ефекти. Компаниите со големи фиксни трошоци, кои претрпуваат ненадеен пад на приходот, брзо ќе се соочат со финансиски тешкотии, па дури и банкрот. Кога ќе се случи тоа, банките и другите субјекти што им позајмиле пари на овие компании, исто така, ќе се најдат во неволја. Затоа, големите економски шокови често можат да доведат до банкарска криза.

Но домино-ефектот не запира тука. Владите, исто така, можат да се соочат со фискални опасности кога ќе се обидат да ја ублажат кризата. Во случајот со актуелната пандемија, националните влади ќе треба да ги спасат деловните субјекти од банкрот со давање финансиска поддршка и субвенции, да им помагаат на работниците со финансирање шеми за привремена невработеност, а можеби дури и ќе треба да ги спасуваат големите банки. Уште полошо, сево ова мора да се направи во време на намалување на даночните приходи, што значи дека државните дефицити и нивоата на јавниот долг ќе се зголемат.

Видовме како функционираа овие домино-ефекти за време на финансиската криза 2007-2008 г. Разликата сега е во тоа што првичниот шок не започна на финансиските пазари и потоа се пренесе во реалната економија. Наместо тоа, денешните шокови произлегоа од реалната економија и ги соборија финансиските пазари. Но како и во минатото, оваа криза бара итни мерки за да се направи повеќе простор меѓу акцијата и реакцијата. Да го замислиме ова како едно макроекономско „социјално дистанцирање“.

Како би изгледало ова во практика? Прво, националните влади мора да интервенираат на масовно ниво за да обезбедат финансиска поддршка за погодените компании и домаќинства чии приходи се најзагрозени. Повеќето европски влади изгледа дека веќе се подготвени да го сторат тоа. Проблемот е во тоа што големи фискални експанзии од страна на членките на еврозоната би се покажале како проблематични. Затоа е важно Европската централна банка да се вклучи и да ја спречи кризата кај владите на членките. Бидејќи тие немаат друг избор, освен да ги поддржуваат погодените компании, неликвидните банки и домаќинствата со намалени приходи, со што би можеле да влезат во опасни води. Земјите со најголемо зголемување на долгот како резултат на корона-кризата, како Италија, Шпанија и Франција, се меѓу четирите најголеми економии во еврозоната.

За да се надмине ризикот од паника на пазарот на обврзници, ЕЦБ треба да се подготви за откуп на обврзниците на загрозените влади.
Во секој случај, ЕЦБ вети дека ќе служи како последен заемодавец на европските банки и ја реактивира својата програма за квантитативно олеснување, преку која ќе откупи дополнителни државни обврзници на секундарните пазари. Иако квантитативното олеснување ќе обезбеди одредено олеснување за националните влади, сепак, тоа нема да биде доволно. ЕЦБ мора да оди еден чекор подалеку и да биде подготвена да ги откупи државните обврзници на примарните пазари, ефикасно да издаде пари за финансирање на буџетските дефицити на членките за време на кризата. Ако ЕЦБ се вклучи во монетарно финансирање на буџетскиот дефицит на членките, најверојатно, во процесот ќе се придружат и многу други централни банки низ светот. Добрата страна на таквиот пристап е тоа што ги поштедува националните влади од издавање нов долг.

Ваквиот предлог може да наиде на многу противења. Од правен аспект, Договорот за функционирање на Европската Унија ѝ забранува на ЕЦБ да се вклучи во монетарно финансирање на дефицитите на националниот буџет. Но адвокатите на ЕЦБ, со нивната невидена генијалност, сигурно можеа да го заобиколат ова ограничување. На крајот на краиштата, самата иднина на еврозоната зависи од тоа. Може да се јави противење врз основа на образложението дека монетарното финансирање ќе предизвика инфлација. Сепак, под сегашните околности, нема шанси да се случи тоа. Ако ништо друго, Европа сега се соочува со дефлациска динамика, а монетарното финансирање само би го спречило овој тренд. Веднаш штом ќе престане дефлациската динамика, ЕЦБ може да го запре монетарното финансирање.

Порано или подоцна, ЕЦБ мора да прифати дека монетарното финансирање како поддршка за дефицитарните трошоци е неопходно не само за ублажување на кризата од ковид-19 туку и за спречување на надолен дефлациски циклус што може да ја уништи еврозоната. Време е да почнеме да размислуваме надвор од шаблонот.

Авторот е професор по европска политичка економија на Лондонската школа за економија