Европејците бараат пополитичка ЕУ

Жан Писани-Фери

Најважниот исход од неодамнешните избори за Европскиот парламент не е ниту тоа што конзервативците и социјалдемократите загубија мандати, ниту, пак, фактот дека екстремно десничарските националисти добија помалку гласови од очекуваното. Најважниот резултат е тоа што гласачите излегоа во многу поголем број отколку што се очекуваше. Од првите европски избори во 1979 година, па сѐ до изборите во 2014 година, одзивот постојано опаѓаше, постепено намалувајќи се од 63 на 43 проценти. Пред пет години, помалку од половината од гласачите излегоа да гласаат во 20 од 28-те земји-членки на Европската Унија, поткопувајќи го демократскиот легитимитет на Европарламентот. Експертите отворено го доведоа во прашање значењето на изборите, што не ги отсликуваат интересите на гласачите. Се тврдеше дека ЕУ им припаѓа на дипломатите и на технократите, а не на граѓаните.

Годинашниве избори беа спектакуларен пресврт на тој тренд. Одзивот се зголеми во 20 земји, достигнувајќи во просек 51 отсто. Навистина, во некои земји изборите беа одржани истовремено со националните избори, или, пак, беа искористени како алатка за домашни политички пораки. Но раскинувањето со минатото беше премногу остро и прешироко за да се објасни со обична коинциденција. Анализата на изборните резултати ќе ни покаже кои категории на гласачи излегоа во најголем број. Во меѓувреме, најдобро објаснување е дека многу граѓани одлучија дека влогот овојпат е голем. Поради тоа што гласачите ја сметаат ЕУ како вистински играч во повеќе прашања (климатски промени, миграција, тероризам), тие одлучија да го искажат нивниот избор и да испратат парламентарни претставници кои би ги бранеле нивните ставови и интереси.

Нешто важно исто така беше во прашање кога беа одржани претходните избори во 2014 година. Еврозоната едвај излезе од нејзината најдолга рецесија и сѐ уште беше заглавена во мерките за штедење. Но политичките одлуки тогаш во најголем дел беа во рацете на националните влади. Дали се потребни реформи и дали изборите се соодветни, во најголем дел го подели електоратот по должината на национални линии. Тоа беше прашање на преговори помеѓу германската канцеларка Ангела Меркел и нејзините колеги, а не транснационално прашање што граѓаните сакаат да го решат во согласност со нивниот политички избор.

Доколку одзивот го следеше интересот на изборите, прашањето сега е што може да испорача новиот Европарламент. Во стандардната демократија, изборите типично водат кон формирање на ново мнозинство и соодветни политички промени. Во ЕУ, сепак, парламентот е само еден играч при одредувањето на политиката, заедно со Европската комисија (именувана од земјите-членки) и Европскиот совет (составен од шефовите на држави или влади). Ваквата поставеност имплицира дека постои само слаба врска помеѓу изборните резултати и политичките приоритети.

Покрај тоа, парламентарните коалиции исто така се карактеризираат со инертност. Според вообичаените стандарди, оддалечувањето од Европската народна партија (ЕПП) и Социјалистите и демократите (С&Д), двете доминантни партии, би било доволно значајно за да предизвика промена на мнозинството: тие комбинирано загубија 11 отсто од гласовите и 80 мандати, во корист на Алијансата на либерали и демократи (АЛДЕ), Зелените и десничарските националисти (чија наклонетост сѐ уште не е решена). Сепак, бидејќи нема очигледна алтернативна коалиција со мнозинство, сето ова ќе значи проширување на сегашната алијанса, вклучувајќи ја АЛДЕ или и АЛДЕ и Зелените. ЕПП и С&Д ќе останат доминантни играчи, обезбедувајќи политички континуитет.

Бидејќи не е федерација, ЕУ не може да биде водена од чисто политичка влада. Но подемот на паневропските дебати и појавувањето на паневропски интереси што ги преминуваат националните линии, имплицира дека Унијата не може да биде раководена ниту од политички глува институција. Непосредно по неговото именување на претседател на Еврокомисијата во 2014 година, Жан Клод Јункер фамозно изјави дека сака таа да биде „силен и политички тим“ што ќе работи врз основа на „политички договор“ со парламентот. Јункер беше многу критикуван за тоа што беше сметано за напуштање на неутралноста кон националните влади од различни бои, но тој имаше поента: ако гласачите ги сметаат европските политички прашања за прашање на политички избор, тогаш Европската комисија не смее да биде само технократско тело.

Неодамнешните избори сугерираат дека сѐ поголем дел од европските гласачи поинаку ги гледаат работите од националните влади. И додека гласачите јасно ги искористија своите гласови за да изразат политички избор, многу малку влади се подготвени за пополитичко лидерство на ЕУ. Како што се поделени околу крајната цел на европските интеграции, и соочени со националистички притисок дома, тие остануваат непријателски расположени кон давањето поголем авторитет на ЕУ или дозволувањето на Комисијата да ги спроведува своите права на пополитички начин. Во суштина, повеќето влади денес се залагаат за статус кво.

Сепак, за пет години, ЕУ или ќе го испорача тоа што граѓаните со право го сметаат за европско општо добро или ќе ги загуби релевантноста и легитимитетот. Како да се одговори на ова барање додека истовремено се задоволуваат претпочитањата на владите за стабилност и компромис помеѓу суверените држави, е контрадикција со која се соочува Унијата. Од тоа дали оваа контрадикција ќе може да биде решена ќе зависи дали граѓаните ќе останат заинтересирани за европските избори или на крајот ќе се откажат и ќе останат дома.

Писани-Фери е професор на Европскиот универзитетски институт и дел од белгиската експертска група „Бругел“.