Европеизираната слабост на Германија

Тесниот исход на германските избори означува пресвртница во историјата на државата, сигнализирајќи конечно распаѓање на речиси двопартискиот систем што долго време ја карактеризираше политиката на Западна Германија, а потоа и на обединувањето на Германија по 1990 година. Заедно, старите две доминантни партии, Социјалдемократите (СПД) и Демохристијанската унија/Христијанско-социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ), обезбедија само околу половина од гласовите. Резултатот сугерира дека Германија претрпи нов степен на европеизација, стекнувајќи некои од најпогубните карактеристики на политиката од соседните земји. Резултатот е тоа што поделбите и паранојата сега ќе доминираат во германскиот политички живот.
Политиката на Западна Европа во повоениот период се потпираше на наизменично менување на десноцентристичките (демохристијански) и левоцентристичките (социјалдемократски) партии. Партиите што ги претставуваа овие две широки позиции беа нужно центристички, бидејќи мораа да се натпреваруваат за она што политиколозите го нарекуваат „просечен гласач“. Партија што се залагаше за премногу оданочување и прераспределба ќе ја навредеше средината, како и партијата што се спротивставуваше на солидарноста и покажуваше недоволна посветеност кон социјалната држава. Сега, исто така, се чини дека и Германија е насочена кон повеќепартиски систем со бескрајни преговори и неизбежно комплицирани коалициски договори.
Најочигледниот губитник на изборите оваа година е ЦДУ на канцеларката во заминување, Ангела Меркел, која беше на власт подолго од која било друга партија во историјата на Германија. До минатата деценија, ЦДУ и нејзината баварска сестринска партија ЦСУ, генерално можеа да сметаат дека ќе освојат над 40 отсто од гласовите. Дури и кога доби само 33 отсто на изборите во 2017 година (во споредба со 20,5 отсто за СПД), сепак се појави како најсилна партија и де факто коалициски лидер. Но овој пат, ЦДУ/ЦСУ доби само 24 отсто од гласовите, а СПД ги надмина со 25,7 отсто. Наједноставното објаснување е тоа што христијанскиот елемент на демохристијанската база се намали бидејќи Германија стана сѐ повеќе секуларна. Германскиот електорат, исто така, покажува широко распространето чувство на копнеж за нешто ново. Заминувањето на Меркел претставува крај на една ера, а многу Германци сега сметаат дека е време за промена.

Сепак, Германците исто така ги мачи носталгијата. Тие копнеат по времето кога нивната безбедност беше релативно загарантирана, а се грижат дали нивната земја може да одговори на предизвиците на светот што брзо се менува. По старомодниот провинцијализам на канцеларот Хелмут Кол во 1980-тите и 1990-тите години, Меркел дојде на власт во 2005 година ветувајќи нов поглед, но на крајот, таа понуди само своја верзија на истиот провинцијализам.
И покрај новите поделби, исходот на изборите сè уште е многу германски во смисла дека постои длабок суштински консензус. Со исклучок на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и екстремната левица Линке, сите партии се натпреваруваа за центарот, сите сериозно ги сфатија еколошките прашања и сите се трудеа да им понудат на гласачите изводливи решенија за проблемите во земјата. На крајот, германските гласачи не беа соочени со крајно поларизиран избор. АфД и Линке остварија полоши резултати отколку пред четири години.

За време на кампањата, Зелените, СПД и ЦДУ/ЦСУ се претставија како наследници на Меркел. Кандидатот на ЦДУ за канцелар, Армин Лашет, нагласи континуитет и партиска припадност. Кандидатот на СПД, Олаф Шолц, беше министер за финансии во минатата влада и се обиде да се поврзе со брилијантното наследство на поранешниот канцелар Хелмут Шмит, кој исто така беше од Хамбург и кој постојано се бореше со левото крило на СПД. Конечно, Аналена Баербок од Зелените има сличност со младата Меркел, која и самата беше отпишана од ривалите, а медиумите сметаа дека е лесна категорија.
Борбата на изборите главно се водеше врз основа на карактерот и личната привлечност. Прашањето не беше кој има подобра програма, туку кој е најсигурен. Единствен исклучок беше Слободната демократска партија (ФДП), која се залага за малку повеќе фискален конзервативизам. Со освоени околу 11 отсто од гласовите, ФДП може да игра значајна улога во коалициските преговори.
Клучна карактеристика на меркелизмот беше нејзината стратегија за градење консензус, или она што нејзините критичари би го нарекле демобилизација. Таа секогаш се обидуваше да создаде впечаток дека нема навистина важни прашања што би зазеле централно место на изборите и дека има малку реални алтернативи за главната позиција што таа ја претставува.

Но како што видовме во Велика Британија и во САД во последниве години, една од најразорните последици од новиот популизам е неговото уривање на довербата во изборните резултати. Некои Германци сега земаат пример од ова за да бараат злонамерно мешање во изборите. Додека Зелените изгледаа дека имаат значителна поддршка во анкетите на почетокот на изборната кампања, таа потоа опадна можеби поради бранот кампањи на социјалните медиуми со цел да ги убедат младите дека партијата поддржува апсурдни забрани во животниот стил. Приврзаниците на Зелените сега се прашуваат дали овие кампањи беа резултат на поцврстиот став на нивната партија во однос на Русија и на Кина.
Германија сакаше да се откаже од провинцијализмот, но доби само комплексност. Алтернатива сè уште нема, а политичкиот систем сега изгледа помалку транспарентен и поизложен на манипулации од порано. Идната влада ќе се одлучува зад затворени врати, што е загрижувачко прво поглавје во следната ера на политика во најмоќната европска земја.

Авторот е професор по историја и меѓународни односи на универзитетот „Принстон“.