Европа на утрешнината

Секои пет години, Европската Унија вежбa самосвест. Изборите за Европскиот парламент ни дозволуваат да се погледнеме себеси во огледало и да го анализираме текот на времето. Сепак, овие избори беа посебни. Тоа беа први избори по имигрантската криза, референдумот за брегзит и изборот на Доналд Трамп за американски претседател. Во овие бурни години, нашиот поглед постојано се фокусираше кон огледалото. По гласањето, нашиот одраз конечно ја добива јасноста по која копнееме.

Изборите за Европскиот парламент обично се означуваат како „избори од втор ред“. Нискиот одзив на гласачите, кој постојано се намалува од првите избори во 1979 година, се чини дека укажува дека Европејците не им придаваат доволно значење на европските избори (што не беше случај на последните избори). Три месеци пред изборите годинава, само 33 отсто од европските граѓани знаеја дека ќе се одржат во мај, а само пет отсто ги знаеја точните датуми. Пред еден месец, само 26 отсто од Германците беа запознаени со својот сонародник Манфред Вебер, водечки кандидат на Европската народна партија (ЕПП) за претседател на Европската комисија.

Сепак, анкетите за јавното мислење даваат многу посветла слика. Најновото истражување на Евробарометар покажа дека речиси седум од десет Европејци, со исклучок на Британците, веруваат дека нивната земја има корист од интеграцијата – највисок процент од 1983 година. Повеќето британски граѓани, патем, сега го делат истиот став.

Сепак, одредено политичко отуѓување се појави низ цела Европа и влијаеше на сите нивоа на владеење. Проблемот беше особено изразен во земјите што последни се приклучија кон ЕУ. Источноевропејците имаат тенденција помалку да му веруваат на политичкиот систем отколку Западноевропејците. Така, не изненадува што тие главно излегуваат да гласаат во помал број, и на европски и на национални избори. Институционалното незадоволство и слабиот одзив се исто така распространети меѓу младите Европејци воопшто, и покрај фактот што тие се многу поевропски настроени од просечните граѓани.

Покрај тоа, заврши медениот месец за генерациите што со голема надеж гледаа како еволуира европскиот проект во втората половина на дваесеттиот век. Бугарскиот политичар Иван Крастев тврди дека наместо да стигнеме до „крајот на историјата“, како што Френсис Фукујама првпат оцени во 1989 година, се чини дека повеќето луѓе стигнаа до крајот на интересот за историјата. Како што вели Крастев, заедно со Марк Леонард и со Сузи Денисон од Европскиот совет за надворешни односи, ЕУ беше создадена од општества што се плашеа од своето минато. Сега Европејците се плашат од иднината.

Иако сѐ уште е од суштинско значење да се нагласи улогата на европската интеграција како гарант на мирот по Втората светска војна, на ЕУ ѝ се потребни дополнителни извори на легитимитет. За жал, економските предизвици и предизвиците поврзани со миграцијата во изминатите години (со кои многу лошо се справија и ЕУ и нејзините членки), на крајот имаа спротивен ефект. Ова создаде можност националистички и популистички партии да добијат поддршка поради ветувањата дека со сегашните и со идните предизвици (на пример, растечката демографска криза) ќе се справат со стратегии од идеализирано минато, како што е националната изолација.

Сепак, хаосот на брегзит испрати моќна порака дека ветровите се многу студени надвор од ЕУ. Британија трепери, само што ја подотвори вратата. Географските растојанија, тесните економски врски и релативно малиот економски товар на европските земји се неизбежни реалности. Европските граѓани го забележаа тоа и не е ни чудо што националистичките и популистичките партии на континентот престанаа да размислуваат за излез од ЕУ.

Овие партии не се согласуваат околу многу прашања, но наоѓаат заедничка основа во нивниот ксенофобичен антиимиграциски дискурс. Во овој поглед, мора да се нагласи дека правото на азил е меѓународно признаено, дека миграцијата во целина може да помогне во спротивставување со нашиот демографски пад и дека има далеку помалку имигранти во индустријализираниот свет отколку што генерално се верува. Спротивставувањето на неконтролираната миграција е разумно. Вртењето на грбот на нашите соседи не е. Тука не станува збор само за хуманитарни императиви. Надворешната и внатрешната безбедност, на крајот на краиштата, се неразделно поврзани.

Во секој случај, прашањето што најмногу се однесува на Европејците денес не е имиграцијата, туку економијата. Еден од најголемите предизвици денес е нееднаквоста, која се зголемува во речиси сите земји на ОЕЦД. Во меѓувреме, европската поделба на север-југ, исто така, се засили како резултат на економската криза. Иако земјите-членки на ЕУ не можат да ги избегнат своите одговорности, европските институции мора да направат повеќе за промовирање на кохезијата преку нов социјален договор, кој треба да опфати сè, од технолошки поместувања на пазарот на трудот до одржливоста на животната средина.

Колку и да е парадоксално, факт е дека дури и кога вербата во ЕУ беше сериозно разнишана, европската интеграција продолжи без пауза во изминатата деценија. Се разбира, има долг пат пред нас. Но, ЕУ никогаш досега немаше поефикасни алатки за справување со економските и финансиските предизвици, кои можат да се појават. Ако ЕУ сака да продолжи по овој пат по изборите и ако сака да ја зачува својата улога на мултилатерален актер во свет, кој сѐ повеќе се карактеризира со натпреварот меѓу големите сили, тогаш релативно тивкото мнозинство за интеграција ќе мора да стане погласно и да се мобилизира.

Преку интроспекцијата на изминатите години, Европејците конечно успеаја да создадат заеднички политички простор. Наместо да им дозволат на националистичките популисти да го користат против нив, проевропските партии мора да градат трансформациска приказна, фокусирана на иднината. Како и австрискиот писател Штефан Цвајг, понекогаш можеме да уживаме во носталгијата по „вчерашниот свет“. Но, исто како и Цвајг, мора да останеме ангажирани во прогресивни проекти, како мирната, интегрирана Европа, која тој не доживеа да ја види. На приврзаниците на европското единство можеме да им дадеме најголема почит ако не дозволиме единството да биде парализирано од носталгијата и ако се заложиме за изградба на една Европа на утрешнината.

Авторот е бивш генерален секретар на НАТО и шеф на дипломатијата на ЕУ