Европа да се обедини против новата хибридна војна од Истокот

Како што наближува зимата, ветриштата од Истокот предизвикуваат проблеми во Европа. Меѓу најновите махинации се ценовните шокови на гасот во Централна и во Источна Европа, миграциската криза по должината на границата на Белорусија со Литванија, Летонија и Полска, обновената мобилизација на источната граница на Украина.
Иако оваа кампања има повеќе цели, сепак главната е поделба и слабеење на Европската Унија (ЕУ). Тоа значи да се добие одобрение од Германија за гасоводот „Северен тек 2“ што е можно побрзо, нарушување на пазарот на гас во Унијата, со цел да се вратат долгорочните договори во советски стил со поврзување на цената на гасот со онаа на нафтата, слабеење на Украина и принудување на Молдавија да се откаже од својот Договор за европска асоцијација и наместо тоа да се приклучи на руската Евроазиска економска унија.
Исто така, од Истокот постои тенденција да се испраќаат пробни балони за да се види што може да се извлече пред да се зададе удар ако се укаже можност. Тоа значи дека Западот ќе треба брзо да реагира за да се соочи со сè што му претстои. Најголемата грешка што може да се направи во одговорот на провокациите е да не се реагира или да се реагира пребавно или преслабо. Како што тврди Кир Џајлс од „Чатам хаус“, Западот мора да признае „дека конфронтацијата не може да се избегне, затоа што веќе се случува“. Историјата покажува дека „некои сили од Истокот ја ценат силата, а не ги сакаат компромисот и удопството“. За среќа, Западот веќе има на располагање многу ефективни алатки, а со доаѓањето на новата германска влада постои простор за ново стратегиско размислување во однос на ривалските земји.
Војната за гас треба да биде доволно лесна за борба. На 21 јули, САГ и Германија излегоа со заедничка изјава за „Северен тек 2“, во која ја наведоа нивната „решителност да побараат одговорност од Русија за нејзините активности со наметнување трошоци преку санкции и други алатки“.

По четиримесечна ескалација, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден треба да се чувствува должна да го прекине своето откажување од одобрените санкции во Конгресот за „Северен тек 2“, а германската влада треба да се согласи со тоа. Но ако американската администрација не сака да реагира, тогаш во спротивно може Конгресот со додавање нови задолжителни санкции во Законот за овластување на националната одбрана за фискалната 2022 година.
Европа сега со соочува со недоволни резерви на гас поради маневрите на „Газпром“. Рускиот државен енергетски гигант поседува една четвртина од капацитетот за складирање гас во Германија, Австрија и во Холандија. Очигледното решение за ЕУ е да им забрани на странските доставувачи да поседуваат складишни капацитети на територија на блокот и да наметне минимални нивоа на резерви во постојните капацитети. Бидејќи Унијата е единствениот купувач на гасот на „Газпром“, таа треба да почне да работи колективно за да ја намали зависноста од овој енергент. Иако администрацијата на Бајден не е против изградбата на „Северен тек 2“, таа сепак одби да се меша во европската криза со гасот. Тоа треба да се промени и САД треба да пристапат кон снабдување на Европа со течен природен гас, сега кога Стариот Континент веќе има изградено капацитети за примање испораки на овој енергент.
Што се однесува до кризата на белоруската граница, светот е сведок на нов тип хибридна војна, поттикната од белорускиот претседател Александар Лукашенко. НАТО и ЕУ треба да ја препознаат состојбата како таква и да им понудат целосна поддршка на Полска, Летонија и на Литванија. Советот за надворешни работи на ЕУ беше во право што ги санкционираше сите авиокомпании и фирми што беа вклучени во трговијата со луѓе од Блискиот Исток до белоруската граница. САД треба да го следат примерот со зајакнување на сопствените санкции кон Белорусија.

Откако Бајден ја презеде функцијата, САД цврсто застанаа во одбрана на Украина, јужниот сосед на Белорусија. Посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа во септември беше пресвртен настан. Покрај тоа, не помалку од тројца секретари на кабинетот на САД веќе остварија посета на Украина оваа година, а на 10 ноември, Вашингтон усвои изненадувачки силна американско-украинска повелба за стратегиско партнерство. Според документот, САД се обврзуваат да го поддржат правото на Украина да одлучува за својот иден надворешнополитички курс без надворешно мешање, вклучувајќи и во однос на аспирациите на Украина да стане дел од НАТО.
Згора на овие ветувачки случувања, украинската влада штотуку го назначи својот најпочитуван член, Олексеј Резников, за нов министер за одбрана. Директно од рововите во Донбас, тој ќе замине наскоро во посета на Вашингтон. Меѓутоа, ЕУ, НАТО, Германија и Франција треба да преземат чекори. Барем сите овие земји се изјаснија против однесувањето на некои странски земји со Украина во изминатиот период. Импресивно е тоа што Велика Британија донесе одлука да испрати 600 специјалци во Украина.
Ако новата германска влада е сериозна за обезбедувањето на мирот во Европа, единственото најефективно решение е да се зајакнат источните граници на континентот. Украина со години се спротивставува на надворешните влијанија од Истокот, служејќи како бедем за остатокот од Европа. Германија не е подготвена да се брани, па затоа треба да ѝ помогне на Украина да го стори тоа.

Авторот е истакнат соработник на стокхолмскиот Форум за слободен свет.