Духот на инфлацијата кружи низ светот

По долгогодишна ниска инфлација, цените се зголемија речиси насекаде во последните месеци. Енергијата и стоките се главни предводници, благодарение на застојот во снабдувањето по укинувањето на карантините. Иако ваквите пречки нашироко се гледаат како привремени, што подразбира дека инфлацискиот скок наскоро ќе исчезне, други фактори околу ова прашање подразбираат дека тоа нема да се случи. Главен меѓу овие подолгорочни фактори е брзиот раст на парите. Повеќето монетарни агрегати (не само парите од централната банка) се зголемија со силно темпо, но се чини дека ова не ги загрижува централните банки и многу економисти.
„Квантитативната теорија“ тврди дека причинско-последичниот однос на инфлацијата зависи од парите до цените. Но останува фактот дека номиналните плати и цените на стоките и услугите не можат да растат без соодветна експанзија на парите. И силниот монетарен раст со текот на времето, исто така, може да ги зголеми ризиците во развојот на цените на активата и финансиската стабилност.

По повеќе од една деценија во која различни фактори, меѓу кои се глобализацијата и демографските промени, извршија надолен притисок врз цените, светот сега би можел да се најде на прагот на поширока економска „режимска промена“. Зголемувањето на трошоците за здравствена заштита во општествата што стареат, намаленото темпо на глобализација, нарушувања во синџирот на снабдување и неодамнешните апели за повторно враќање на производството во региони со повисоки трошоци, претставуваат нови извори на надворешен притисок врз цените. Под овие услови, платите, исто така, може да добијат нагорен притисок.
Во време кога централните банки речиси копнеат за нешто повисока инфлација и го игнорираат брзиот раст на парите, ваквата промена во реалниот сектор веројатно ќе укаже на промена од дефлаторна во инфлациска средина. Треба ли да очекуваме враќање на стагфлацијата? Тешко е да се каже, бидејќи доживуваме исклучително висок степен на еден вид неопределена неизвесност, за која економистот Френк Најт тврди дека е невозможно да се интегрира во традиционалните прогнози. Покрај драматичните структурни промени што ги претрпи глобалната економија во последниве години, пандемијата може да создаде услови за последици што во моментов не можеме да ги предвидиме.

Уште полошо е што централните банки главно се потпираат на модели што изгубија голем дел од својот капацитет за предвидување пред многу години, поради нивниот недостиг од одржливи теоретски објаснувања за тоа што ги одредува финансиските текови, премиите на ризиците и цените на активата. Повеќе од една деценија по финансиската криза во 2008 година, главните модели на рамнотежа што ги користат централните банки едвај ја земаат предвид големата хетерогеност меѓу домаќинствата во смисла на богатство, долгорочни кредити, неосигурени ризици и формирање на очекувањата. Како такви, тие немаат капацитет за да ги замислат сложените ефекти што ги имаат систематските политики или системските шокови врз распределбата на богатството и нееднаквоста, а со тоа и врз вкупната побарувачка.
Без тие сознанија, може да се претпостави само дали силниот монетарен раст ја одразува претпазливата заштеда како резултат на зголемената нееднаквост, инфлацискиот фискално-монетарниот шок или и двете. Ова е особено проблематично во свет каде што централните банки масовно ја прошируваат базата на пари со купување средства по високи цени од мала група релативно богати и информирани инвеститори.
Очекувањата играат клучна улога во предвидување на идната инфлација. Но што ако тие очекувања, по толку години многу ниска инфлација, сега сѐ повеќе гледаат назад отколку напред? Бидејќи стравот од инфлација исчезна од повеќето радари, можеби е разбирливо што неодамнешните зголемувања на цените ќе се сметаат за привремени. Но бидејќи монетарните политики имаат долго и променливо временско заостанување, ризично е да се почека откако веќе корени ќе пушти повисоката инфлација пред да започне да се намалува квантитативното олеснување или да се зголемуваат каматните стапки. На крајот на краиштата, каков кредибилитет ќе имаат централните банки ако очекувањата за инфлација веќе ги загубија темелите? Во една крајна неизвесна средина, преголемото потпирање на подолгорочната стабилност од очекувањата за инфлација е ризичен потег.

Покрај силниот монетарен раст, денешното извонредно високо ниво на приватен и јавен долг претставува уште еден непресметлив ризик. Одржливоста на јавните финансии во високозадолжените земји лежи на разнишана основа и е високоизложена на шокови што можат да доаѓаат од многу економски или геополитички извори. Не предвидувам неизбежно враќање на високата инфлација. Но загрижен сум за силниот монетарен раст и неговите детерминанти, почнувајќи од масовните купувања државни обврзници од страна на централните банки. Централните банки се чинат премногу сигурни за овој ризик. Тие исто така ја игнорираат зголемената несигурност во сегашната средина. Во случајот на еврозоната, некои набљудувачи започнаа да предвидуваат ниска инфлација и номинални каматни стапки, високи јавни дефицити и зголемена фискална и финансиска доминација. Но со оглед на зголемувањето на нееднаквоста во богатството и веројатноста финансиските инвеститори на крајот да ја изгубат довербата во одржливоста на јавните финансии, не е јасно дали таквите услови ќе бидат политички одржливи. Единствената сигурност е дека не може да се исклучи ниту финансиски колапс ниту инфлациски бран.

Авторот е поранешен главен економист и член на одборот на Европската централна банка, а актуелно е претседател на Центарот за финансиски студии на универзитетот „Гете“ во Франкфурт.