Добро управување и информирање во ерата на работење од дома

Многу менаџери оваа година ја третираат промената на работната средина предизвикана од пандемијата како стандардно далечинско работење, иако воопшто не е така во практика и се претпоставува дека може да влијае врз моралот на вработените. Иако канцелариските работници се во многу подобра положба од суштинските работници за време на пандемијата, сепак незгодна беше ненадејната промена кон далечинско работење, а не треба да се занемари нејзиното влијание.
Експертите по лидерство и когнитивните научници можат да потврдат дека одбивноста кон промените не се однесува толку на самата промена колку на губењето на контролата и стравот од неизвесност. Во однос на ова, кај луѓето се активира дефанзивниот механизам кога ја губат моќта за донесување одлуки за нивниот живот. Во едно скорешно истражување за влијанието на ковид-19 врз менталното здравје, истражувачите открија дека возрасните испитаници во САД и во пет европски држави, кои сметаат дека други луѓе или случајноста го диктира она што им се случува, покажале поголеми симптоми на влошено ментално здравје.

Постои голема разлика меѓу личниот избор за работа од дома и ненадејното принудување на ваков чекор. Иако секому му одговара избегнувањето на секојдневниот превоз од и до работното место, сепак просечниот канцелариски работник не беше ментално и финансиски подготвен за го претвори својот дом во импровизирана канцеларија додека истовремено се одвиваат други обврски во однос на воспитувањето на децата, учењето и грижата за постарите. Многу семејства не живеат во домови каде што многу лесно постои простор за да се изведе лесно далечинската работа, а некои од домашните средини на вработените не можат да дадат успешни резултати во работата. Затоа менаџерите треба да преземат неколку чекори за да ја олеснат далечинската работа на вработените, но и со вистински информации да го канализираат успехот кон профит.
Најпрво треба да постојат реални очекувања. Многу работници носат голем товар и се соочуваат со притисоци од повеќе страни. Менаџерите можат да избегнат нивно оптоварување со тоа што би ги елиминирале непотребните извештаи и процедури и би биле максимално транспарентни со роковите. На пример, ако се одложи важен состанок со клиент, менаџерот треба веднаш да ги извести сите што биле вклучени во работата за да можат да им дадат предност на другите дневни задачи.

Исто така, менаџерите не треба да очекуваат веднаш да се одговори на електронските пораки, затоа што постојаното чувство на итност кај вработените придонесува за појава на синдромот на исцрпеност. Треба да се избегне испраќање електронска пошта надвор од работното време, особено доцна навечер или за време на викендите, а исто така вработените не треба да очекуваат, ниту од нив да се бара веднаш да одговорат на пораките по истекот на работното време.
Менаџерите не треба да настојуваат вработените постојано да бидат достапни. Многу честа појава сега е заморот од постојаните видеоконференции, а некои од вработените може да се соочат со немање услови за секој од членовите на семејството да има свој личен простор во домот за да ги извршува своите обврски во далечинското работење или учење. Жените обично се најмногу погодени од ваквиот начин на работа бидејќи се принудени да ја одржуваат рамнотежата во работните и домашните обврски. На пример, вработените жени треба да најдат начин како во текот на денот успешно ќе ја извршуваат работата што од нив се бара и наедно да им овозможат на другите членови од семејството непречено да ги извршуваат нивните работни и образовни обврски. Исто така жените често се цел на критики и притисоци дека во својот дом треба да се однесуваат и да изгледаат еднакво исто како во канцеларија, а од друга страна е присутен и товарот за неплатениот труд.

Менаџерите треба да најдат алатки за да ги надградат постигнувањата на вработените дури и во услови на пандемија. Вистинските проверени информации од вработените кон работодавците да се насочат кон една цел, а таа да биде успехот на компанијата. Поради тоа што вработените секојдневно се изложени на голем број лоши вести и секакви содржани на дигиталните платформи поврзани со пандемијата, добро би било да се признае и препознае нивната корисност на работното место. Со наоѓањето нов начин на валоризација на трудот, би се стимулирала продуктивноста на работното место, а со тоа и целокупната добивка на фирмата. Така, на вработените ќе им се овозможи да имаат чувство на заеднички удел во остварувањето на профитот и зголемувањето на производството. Менаџерите треба да ги искористат достапните ресурси и да најдат начини за да креираат сценарија од кои корист ќе имаат еднакво вработените и фирмата. Некои од фирмите веќе нудат поволности за својот кадар, како услови за згрижување деца, практика и дополнителни обуки. Доколку менаџерите немаат доволен увид на кои од вработените им е потребна помош, тоа можат да го сторат преку анонимна анкета и потоа да проценат како соодветно да ги прераспределат ресурсите со кои располагаат.

За жал, во ерата на работа од дома, дополнителен проблем претставува ширењето дезинформации и секакви непроверени содржини во сајбер-просторот. Со самото далечинско работење, особено со работа од дома, вработените се соочени со недоволна заштита на податоците, а домашните мрежи се особено ранливи на разни видови злонамерни напади. Поради зголемената потреба за далечинско работење и учење и очекувањата дека ваквиот тренд ќе продолжи и во иднина, Европската Унија е меѓу првите што ќе воведе закон за заштита на дигитални податоци и ќе бара од големите технолошки компании да отстрануваат штетни содржини, говор на омраза и дезинформации. На овој начин особено би се заштитиле помалите компании и наедно нивните вработени од упади во чувствителни информации и лични податоци.
Приспособувањето на ненадејните промени бара труд од двете страни, затоа менаџерите, но и работниците не треба работењето од дома да го третираат како луксуз. Канцеларијата случајно се пренесе во домот поради неочекуваниот гостин, ковид-19, кој не покажува знаци дека наскоро ќе си замине.

Авторката е когнитивна научничка и претседателка на колеџот „Бернард“ на универзитетот „Колумбија“.