Доаѓа ли зимата во ЕУ?

Една популарна приказна вели дека изборите за Европскиот парламент во мај ќе бидат „трет чин“ од популистичката драма, која почна во 2016 година со референдумот за брегзит во Обединетото Кралство и со изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Приказната ни вели да очекуваме голема пресметка помеѓу силите на „отворените“ и „затворените“ општества, во која ќе се одлучува за иднината на Европската Унија. Сето тоа звучи многу веродостојно. Исто така, се чини е сосема погрешно.

Брегзит и изборот на Трамп поттикнаа многу политички аналитичари да заклучат дека и европските гласачи ќе ги напуштат главните партии и ќе се приклучат кон новите племиња засновани на идентитетот. Сепак, во Америка, политичките и регионалните поделби се толку вкоренети за да влијаат на тоа каде некој работи, е маж/жена или како гледа на светот. Во Обединетото Кралство слични поделби одамна се појавуваат меѓу северот и југот, младите и старите, урбаните и руралните, дипломираните и недипломираните. Европската политика е пофлуидна. Една неодамнешна анкета на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) и на Југов, спроведена врз речиси 50.000 гласачи од 14 земји-членки на ЕУ, укажува дека најдобар модел за разбирање на Европа во 2019 година не се ниту САД ниту Британија, туку Вестерос, каде што се одвива сценариото од ТВ-серијата на „Игра на тронови“. Далеку од тоа дека е поделена на стабилни племиња, политичкиот пејзаж на Европа претставува непредвидливо бојно поле на постојано менување на сојузите. Негова дефинирачка карактеристика е радикалната нестабилност. Европската политика не се движи од мејнстримот кон маргините туку незапирливото ита во сите насоки – од левица кон десница, од позиции против системот до позиции за естаблишментот итн. Толку се несигурни изборните опции месецов, што половина од анкетираните велат дека воопшто нема да гласаат. Уште 15 отсто допрва треба да се одлучат, а меѓу 35-те отсто што имаат намера да гласаат, 70 отсто сѐ уште не се определиле кого ќе го поддржат.

Во апсолутни бројки, во игра се околу 100 милиони гласа. За разлика од американските претседателски избори во 2016 година и референдумот за брегзит, ова нема да биде само гласање за миграцијата. Генерално, повеќето Европејци не ја гледаат имиграцијата како главна грижа за нивната земја. Меѓу прашањата од еднаква или од поголема важност се економијата и заканите од национализмот, исламистичкиот радикализам, климатските промени и руски закани. Аналитичарите едноставно грешат кога изборите ги претставуваат како битка меѓу проевропските глобалисти и евроскептичните националисти, иако тоа го опишува вториот круг од претседателските избори во Франција во 2017 година, кога Емануел Макрон убедливо ја порази ултрадесничарката Марин Ле Пен. Анкетата на ЕЦФР/Југов покажува дека големо мнозинство Европејци не чувствуваат потреба да избираат помеѓу нивните европски и соодветни на­ционални идентитети. Всушност, дури и националистичките партии сфатија дека овие идентитети се поврзани, поради што тие престанаа да се залагаат за излегување од еврозоната или од ЕУ.

Вистинскиот проблем за повеќето Европејци е нивниот однос кон „системот“. Речиси три четвртини од граѓаните на ЕУ веруваат дека политичкиот систем не функционира на национално ниво, на ниво на ЕУ или и на двете. Како поединечни гласачи гледаат на ова прашање е клучот за разбирање на тоа како ќе гласаат.

Според таксономијата од „Игра на тронови“, овие гласачи можат да се поделат на четири главни групи. Првата група се Куќата на Старк, која верува дека системот сè уште функционира и дека значајните промени се случуваат преку политичко изразување и гласање. Куќата на Старк претставува до 24 отсто од гласачкото тело на ЕУ и има упориште во северниот дел (пред сѐ, во Германија, Данска и во Шведска). Втората група се „Врапците“, кои мислат дека политиката е нефункционална на ниво на ЕУ и во рамките на земјите-членки. Меѓу порадикалните протсетни движења од оваа група се „Жолтите елеци“, кои, како и револуционерите во „Игра на тронови“, сакаат да го исчистат системот од корупција и да почнат одново.

„Врапците“ претставуваат 38 отсто од електоратот и тие најмногу се среќаваат во Франција, а особено во Грција и во Италија. Третата група се „Неизвалканите“, кои во „Игра на троновите“ ја следат мајката на змејовите, Денерис Таргериен, откако се ослободени од ропството. „Неизвалканите“ во ЕУ ги вклучуваат гласачите што го отфрлаат тесниот национализам и бараат цел во интернационализмот и во транснационалните проекти. Тие сметаат дека нивните национални системи се проблемот и дека решението лежи во Брисел. „Неизвалканите“ сочинуваат 24 отсто од електоратот, а се добро претставени во Унгарија, Романија, Полска и во Шпанија. На крајот е групата на „Дивјаците“, кои живеат преку ѕидот. Овие националистички евроскептици можеби привлекуваат внимание кај медиумите, но претставуваат само 14 отсто од електоратот. Тие имаат силно присуство во Данска, Австрија и во Италија.

Суштинскиот избор за сите овие групи, всушност, не е помеѓу „отворената Европа“ и „затворените национални држави“. Наместо тоа, прашањето е дали и во кои контексти сè уште функционира статус квото. Ако постои една голема сличност помеѓу САД, Велика Британија и ЕУ, политичките партии сега повеќе се фокусираат на мобилизирање на своите гласачки тела отколку да се обидуваат да ги прошируваат со убедување на другите гласачите да прејдат на нивна страна. Оттука, во Европскиот парламент, многу политички партии ќе се фокусираат на 149-те милиони луѓе што не се сигурни дали воопшто ќе гласаат. Но тоа нема да биде доволно. За да се поразат популистичките и националистичките партии, главните европски кандидати ќе треба да ги вратат некои од „Врапците“ и „Дивјаците“ назад во системот и да ги придобијат на нивна страна. За да го сторат тоа, тие мора да се постават како веродостојни фактори на промена. На крајот од денот, овие избори ќе бидат освоени или загубени под многу локализирани услови. Тоа што оди во прилог на едни главни кандидати на едни места нема да оди во прилог на други на други места. Битките за победа ќе бидат во земји каде што евроскептиците се на власт, како Унгарија и Италија, но и во оние каде што проевропските власти трпат политичка реакција, како Франција. Играта само што почна.