Дилемата за јавниот долг во пандемијата

Зголемените владини трошоци за време на пандемијата се неопходни за управување со јавното здравје, за поддршка на домаќинства што ги изгубија приходите и за зачувување на бизнисите од опасност од пропаѓање, со што може да се предизвика подолгорочна штета по производството и работните места. Кристалина Георгиева, управната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), ги повика политичарите „да трошат, но да ги чуваат сметките“. Главната економистка на Светската банка, Кармен М.Рајнхарт, потсети дека „прво се грижиме за војната, а потоа како да платиме за неа“.
Иако ова се здрави препораки за земјите со цврсти фискални основи, долгорочните ризици од зголемено трошење може да бидат многу опасни за другите. Меѓутоа, денес има многу земји, од кои некои влегоа во пандемија многу задолжени, кои не управуваа ефикасно со јавните ресурси поради лош избор и имплементација на проекти, неефикасно насочување на општествените трошоци, расипнички субвенции или силна корупција. Светската банка и ММФ имаат ефективни алатки за мерење на квалитетот на јавната потрошувачка и располагаат со многу индекси што покажуваат колку добро се снаоѓа една земја во управувањето преку стандардните одредници. За владите што покажале лоши резултати, едноставниот метод на позајмување и трошење можеби повеќе не е најдобриот начин на дејствување.

На крајот на краиштата, граѓаните на една земја не се добро опслужени кога нивната влада станува позадолжена за да троши неразумно. За таквите земји, позајмувањето во силни валути кога извозот е намален, а нивните сопствени девизни курсеви се под силен притисок, поголеми се шансите за одложувањето на долгот во иднина и тоа може да ги стави меѓународните финансиски институции, како ММФ, во непријатна позиција, со оглед на тоа што сега тие бараат дополнително безусловно трошење.
Економскиот раст зависи од високите добивки од јавните инвестиции во човечки капитал и инфраструктура. Земјите што инвестираа паметно во овие области, забележаа раст на нивното економско богатство, додека оние што малку вложија, станаа уште позадолжени и помалку способни да ги отплатат долговите, особено ако тие се во странска валута. Со оглед на тоа што повеќето земји во развој имаат ограничен обем да позајмуваат во сопствените пазари на капитал, секое дополнително трошење веројатно ќе се финансира надворешно и комерцијално. Ова е потенцијален рецепт за катастрофа.
Со актуелните ниски каматни стапки, честопати се вели дека сè додека трошоците за позајмување се под стапката на раст, разумна е дополнителната потрошувачка финансирана од долгот. Иако овој аргумент важи кога се применува за богатите земји, тој е опасен во контекст на новите економии и земјите во развој, каде што силна улога играат факторите како ефикасност и правилно трошење.

Овие прашања не смеат да се занемарат, дури и за време на пандемија, бидејќи тие можат да ги зголемат оптоварувањата во иднина и да ги намалат шансите за долгорочен успешен развој. Покрај тоа, постојат поефикасни пристапи за справување со фискалните дилеми со кои се соочуваат новите економии и земјите во развој. Тие вклучуваат зголемување на износот на насочена помош за ранливото население, продолжување на рокот на кредитите од ММФ, што може да биде условено со гаранции дека ресурсите ќе бидат добро искористени, и комбинирани програми на ММФ и на Светската банка, кои вклучуваат мерки за фискални перформанси.
За оние што се загрижени за последиците од ваквата условеност, треба да се нагласи дека репрограмирањето на долгот, ако треба да се направи превентивно, бара од должниците да дадат рамки за одржливост на раст и долг што можат да бидат креирани и спроведени под водство на трети страни. Алтернативата, како прераспределбата на долговите под присила или поради целосно неисполнување на обврските, е многу полоша опција отколку заеднички финансираните програми на Светската банка и на ММФ, кои можат да опфаќаат приватен долг по ревидирани и подостапни услови.

Рамката што обезбедува подолгорочно олеснување, истовремено решавајќи ги фискалните празнини и неодржливиот долг, подразбира подобрени меѓународни финансиски механизми за враќање на отплатата на долгот на одржлив пат. За разлика од претходните обиди за намалување на долгот, сегашните околности покажуваат дека должничките тешкотии ќе паднат во најголем дел на државите со средни приходи. Затоа, треба да има нова стратегија за одложувањето на долговите што активно вклучува комерцијални заемодаватели. Секоја таква иницијатива ќе треба да биде одобрена од Г20, која веќе се согласи да работи кон нова светска рамка за преструктурирање на долгот. Овој пристап мора формално да ги вклучува сите поголеми земји-доверители. Во интерес на сите доверители е да се приклучат кон ваков чекор и да се избегнат проблеми со пазарни неуспеси и да се обезбеди транспарентност на информациите за долгот.
Вонредните времиња бараат вонредни мерки. Доколку не успеат храбрите чекори, земјите во развој би можеле да изгубат години или дури децении напредок во постпандемискиот свет. Во пандемиската економија, амортизерите на фискалниот шок, ефикасното трошење на јавните средства и новите инструменти за превентивно репрограмирање на неодржливите плаќања на долгови се неопходен дел од потребниот одговор.

Спенс е нобеловец по економија, почесен професор по економија и поранешен декан на факултетот за бизнис на универзитетот „Стенфорд“. Дени Лајпцигер е професор на факултетот за бизнис на универзитетот „Џорџ Вашингтон“, а беше заменик-претседател на Комисијата за раст и развој.