Деспотот и дипломатот

Ако се вратиме наназад во 2005 година, кога бев главен преговарач на САД во шестстраните преговори за севернокорејската нуклеарна програма, ги разгледував инструкциите што ги добив за првиот состанок, поточно за банкет организиран од страна на Кинезите, во кој беше вклучена и севернокорејска делегација. Ако имаше здравица (што не е нечуено на кинеските банкети), јас не требаше да се вклучам. Очигледно, од мене се очекуваше да седам таму без да ја допрам чашата, да бидам намрштен со прекрстени раце додека сите други не се свртат со грбовите кон масата. Потоа кога првпат бев во посета на Северна Кореја, ми беше кажано да не им се насмевнувам на домаќините. Очигледно од мене се очекуваше постојано да имам налутен поглед.

Доналд Трамп очигледно ги промени ваквите инструкции. Всушност, со неговото бескрајно фалење за раководството на Ким Јонг-ун, неговото невнимателно и импровизирано поздравување со еден од генералите на Ким и рекламирањето на сè што потекнува од Северна Кореја (особено потенцијалот за развој на објекти на плажа), Трамп практично не се преправаше дека САД промовираат поширок спектар вредности. Иако Трамп можеби претера, идејата дека американската делегација треба да седи на маса и воопшто да не наздрави исто така испраќа погрешна порака.
Во септември 1995 година, во последниот месец од Босанската војна, американската делегација за мировни преговори предводена од помошник-државниот секретар Ричард Холбрук, пристигна во Белград за да преговара со српскиот диктатор Слободан Милошевиќ. Според Милошевиќ, тој не можел да ги принуди босанските Срби да го остават оружјето и да ја запрат крвавата четиригодишна опсада на Сараево. Тој побара Холбрук да се сретне со лидерите на босанските Срби, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, кои подоцна беа осудени за воени злосторства. На прашањето на Холбрук каде се наоѓаат тие, Милошевиќ му одговорил дека се наоѓаат во куќата од спроти и дали сака веднаш да ги повика да дојдат.

Холбрук веднаш ја собра нашата делегација за да се договорат дали да се сретнат и дали да се ракуваат со нив. Мислејќи на стотиците илјадници сараевчани, од кои повеќето беа убиени, а другите гладуваа поради постојаната опсада, јас предложив да се поздравиме и да ја завршиме работата што побрзо за да си одиме дома. Така и направивме. Следниот ден престана опсадата на Сараево.
Без разлика дали помага ракувањето или не, досега немало успешни преговори доколку некој бил налутен. За време на годинашната зимска Олимпијада во Пјонгчанг, потпретседателот Мајк Пенс требаше да се сретне со севернокорејската делегација. Можеби за да ги избегне критиките дома, Пенс имаше поцврст став околу темите за разговор кога се обрати пред средбата. Севернокорејците веднаш откажаа, затоа што која беше поентата по таквиот став?

Во текот на тој период јас водев шестстрани преговори и избегнав да се мешам во жестоките критики против Севернокорејците. Знаев дека набрзо, што обично е секоја втора недела, ќе треба повторно да се сретнеме со нив, затоа што иако во Вашингтон можеби ми помага поцврстиот став, сепак тоа нема да биде од корист тука во првите борбени линии каде што токму моја задача беше да ги одвратам Севернокорејците од нивните нуклеарни амбиции. Постои голема разлика меѓу силен став во телевизиските емисии и да се разговара со Севернокорејците. Директната дипломатија е сериозно средство за сериозна цел. А, давањето мислење од страна не спаѓа во тоа.
Понекогаш говорот на телото е тешко точно да се сфати. Кога бев американски амбасадор во Ирак, инструкциите што ги добив од Вашингтон ретко беа проследени со некакво сразмерно чувство на одговорност за резултатот. Ми беше кажано дека мојата задача е да ѝ помогнам на ирачката опозиција да се ослободи од тогашниот премиер Нури ал Малики. Американски функционери уживаа во нивната силна моќ во салите за состаноци во Вашингтон, како кога средношколските спортисти се подготвуваат пред голем натпревар удирајќи по шкафовите. Но кога тие всушност излегоа на терен и се сретнаа со Малики, тој не им поверува воопшто дека тие го посакуваат само најдоброто за него.

На таквите состаноци седев и набљудував како Малики ме подгледнуваше и прашувајќи се зошто претходно го предупредив за намаленото трпение на американската влада за неговото автократско владеење и сериозните последици. Во меѓувреме, посетители од Вашингтон донесоа заклучоци што беа толку суптилни и со различни толкувања што на Малики ќе му беше потребен уред за декодирање за да го разбере нивното вистинско значење.
Секој дипломат мора да биде корисен во преговорите во име на државата што значи дека треба да се има јасен поглед за посакуваниот исход и да се има најдобар начин за да се постигне истиот. Во Сингапур прашањето за беше севернокорејската програма за нуклеарно оружје. Ништо друго не беше важно.
Времето ќе покаже дали Севернокорејците ќе возвратат со исто внимание во јавноста како Трамп за нив. Ким не беше отворен и беше најверојатно зачуден кога првпат еден американски претседател здраво за готово ја прифати наводната загриженост на Северна Кореја за здружените воени вежби на САД и на Јужна Кореја (за што Севернокорејците знаат да бидат мошне дефанзивни). Ова беше преголема отстапка и порано или подоцна, ќе мора да биде повлечена. Пошироко кажано ќе треба да се изработи рамка за мир и безбедност што ги вклучува сите директно засегнати страни, односно Јужна Кореја, Јапонија, Русија и Кина.
Слично на тоа, почитувањето на човековите права од страна на Северна Кореја, кое е најлошо во светот, во иднина ќе мора да се разгледа можеби како компонента во можните дипломатски односи, како што сигнализирав за време на шестстраните преговори. Но засега, севернокорејската нуклеарна програма мора да биде приоритет во секоја преговарачка агенда.
Дали пристапот на Трамп ќе се покаже успешно со Северна Кореја ќе зависи од дипломатијата по самитот во Сингапур. Сега вие сте на потег, државен секретаре Мајк Помпео.

Авторот е бивш амбасадор на САД во Македонија и е поранешен помошник-државен секретар за Источна Азија