Да ја прифатиме моќта на Европа

Европејците мора да се справуваат со светот каков што е, а не каков што сакаат да биде. Тоа значи повторно да го научат јазикот на моќта и да ги здружат ресурсите на ЕУ за да го зголемат своето геополитичко влијание во светот

Геополитичките пресврти, на кои сме сведоци денес, ја истакнуваат итноста со која Европската Унија мора да го најде својот пат во светот, кој го карактеризира суровата политика на моќта. Ние Европејците мора да ги приспособиме нашите ментални мапи и да се справиме со светот каков што е, а не каков што се надевавме дека ќе биде.
Ова е свет на геостратегиска конкуренција, во која некои лидери немаат никакви скрупули околу употребата на сила, додека економските и другите инструменти се вооружуваат. За да избегнеме да бидеме губитници во денешниот натпревар меѓу САД и Кина, ние мора повторно да го научиме јазикот на моќта и да ја замислиме Европа како водечки геостратегиски актер.

Во почетокот, можеби ќе ни изгледа тешко дека ќе се справиме со овој предизвик. На крајот на краиштата, ЕУ е основана за да ја укине политиката на моќ. Таа ги градеше мирот и владеењето на правото со издвојување на тврдата моќ од економијата, носењето правила и од меката моќ. Претпоставувавме дека мултилатерализмот, отвореноста и реципроцитетот се најдобриот модел не само за нашиот континент, туку и за поширокиот свет. Но работите излегоа поинаку. За жал, се соочуваме со посурова реалност, во која многу актери се подготвени да употребат сила за да ги остварат своите цели. Секој ден, гледаме економски алатки, огромни количества податоци, технологии и трговски политики што се користат за стратегиски цели.

Како се справува Европа со овој нов свет? Многумина велат дека надворешната политика на ЕУ никогаш нема да успее, затоа што Европа е премногу слаба и премногу поделена. Се разбира, точно е дека ако земјите-членки не се согласуваат за клучните линии на дејствување, ќе страда нашиот колективен кредибилитет. Понекогаш се согласуваме само за да ги изразиме своите грижи, но не и за тоа што ќе сториме околу тоа. Со правила за едногласност, тешко е да се постигнат договори за прашањата за поделба, а ризикот од парализа секогаш е присутен. Земјите-членки мора да сфатат дека користењето на правото на вето ја ослабува и Унијата, но и самите нив. Не може да се тврди дека се сака посилна европска улога во светот без да инвестира во неа.
Европа треба да избегне резигнираност и дисперзија. Резигнираноста значи да се мисли дека проблемите во светот се премногубројни или премногу далечни за сите Европејци да се чувствуваат загрижени. За заедничка стратегиска култура е од суштинско значење сите Европејци да ги гледаат безбедносните закани како неделиви. Да се ​​верува дека Либија и Сахел ги засегаат само медитеранските земји е апсурдно исто колку и да се мисли дека безбедноста на балтичките земји се однесува само на Источна Европа.

Дисперзијата се состои во тоа да се сака да се меша секаде, да изрази загриженост или добра волја, во комбинација со хуманитарно финансирање или помош за реконструкција, како на големите сили да им одговара да кршат чинии додека ЕУ постојано испорачува нови. Ние мора да бидеме јасни во нашите политички цели и целиот спектар на нашите капацитети.

Капитализирајќи од трговската и инвестициската политика во Европа, финансиската моќ, дипломатското присуство, капацитетите за носење правила и растечките безбедносни и одбранбени инструменти, ние имаме многу средства за влијание. Проблемот на Европа не е во недостигот од моќ. Проблемот е во недостигот од политичка волја да се здружат нејзините овластувања за да се обезбеди нивна кохерентност и да се зголеми нивното влијание.

Дипломатијата не може да успее ако не е поддржана со акција. Ако сакаме да трае кревкото примирје во Либија, треба да го поддржиме ембаргото за оружје. Ако сакаме да преживее иранскиот нуклеарен договор, треба да се осигуриме дека Иран ќе има корист ако повторно целосно ја почитува спогодбата. Ако сакаме Западен Балкан да успее на патот на помирувањето и реформите, треба да понудиме кредибилен процес за пристапување во ЕУ, кој ќе донесе постепени придобивки. Ако сакаме мир меѓу Израелците и Палестинците, треба да се залагаме за решение што е прифатено од сите страни и е засновано на меѓународното право. Ако не сакаме африканскиот регион Сахел да падне во беззаконие и несигурност, треба да го прошириме нашиот ангажман. Во овие и други области, земјите-членки треба да ги исполнат своите одговорности.
Покрај решавање на кризите во соседството на Европа, има два други клучни приоритети. Прво, ЕУ мора да постави нова, интегрирана стратегија за и со Африка, нашиот сестрински континент. Треба да размислуваме сеопфатно и да ги искористиме нашите политики за трговија, иновации, климатски промени, сајбер-простор, безбедност, инвестиции и за миграција за да ѝ дадеме суштина на наша реторика дека сакаме да бидат рамноправни партнери.

Второ, мора да бидеме сериозни во однос на изработување веродостојни пристапи за справување со денешните глобални стратегиски актери, САД, Кина и Русија. Иако се различни на многу начини, трите сили практикуваат поврзување на прашањата и политика на моќ. Нашиот одговор треба да биде диференциран и нијансиран, но јасен и подготвен да ги брани вредностите, интересите и меѓународните принципи на ЕУ.
Ништо од ова нема да биде лесно и нема да се постигне сѐ оваа година. Но политичките битки се добиваат или се губат во зависност од тоа како се врамени. Ова треба да биде година кога Европа ќе направи напредок во својот геополитички пристап и ќе ја избегне судбината да биде играч што ќе трага по својот идентитет.

Авторот е висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика