Дали Русија е новиот хегемон на Блискиот Исток?

Со постепеното повлекување на Американците од Блискиот Исток, Русија се обидува да ја зајакне својата позиција во регионот преку јакнење на военото присуство, нови зделки со оружје, стратегиски партнерства и употреба на мека моќ. Но дали нејзиниот успех е преценет?

Падот на Советскиот Сојуз пред три децении значеше и пад на неговото некогашно силно присуство на Блиски Исток. Додека САД се повлекуваат од регионот, Русија брза да ја поврати позицијата на СССР таму, со јакнење на военото присуство, нови зделки со оружје, стратегиски партнерства и употреба на мека моќ. Но нејзиниот успех е значително преценет.

Мора да се признае дека меката моќ на Русија беше импресивна. Уште во 2012 година, претседателот Владимир Путин ја истакна потребата од проширување на „образовното и културното присуство на Русија во светот, особено во оние земји во кои значителен дел од населението зборува или разбира руски“. На неодамнешна конференција во Москва, Путин јасно стави до знаење дека Израел се наоѓа на тој список. Како дел од овој обид, Русија формираше федерална агенција за дијаспора, која отвори центри за наука и култура во Египет, Јордан, Либан, Мароко, Сирија и во Тунис. Покрај тоа, таа го прошири арапскиот разгранок на РТ, меѓународната телевизиска мрежа финансирана од државата. Со 6,3 милиони гледачи месечно во шест земји на кои се зборува на арапски јазик – Египет, Ирак, Јордан, Мароко, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати – РТ на арапски сега е меѓу водечките мрежи на Блискиот Исток. Во обид да го пополни вакуумот создаден со повлекувањето на САД од регионот, Русија се обидува да се разликува од долгогодишниот хегемон на Блискиот Исток со тоа што се постави не како империјална моќ, туку како арбитер на културен напредок.

– Извозот на образование и култура ќе помогне во промовирањето на руските добра, услуги и идеи. Пиштолите и наметнувањето политички режими ги нема – изјави Путин во 2012 година.
Оваа порака има влијание. Минатата година, само 35 отсто од младите Арапи на возраст од 18 до 24 години ги сметаа САД за сојузник, споредено со 63 отсто две години претходно. Русија не ги прегази САД, но 20 отсто од испитаниците ја наведоа земјата како „најдобар пријател“ надвор од Блиски Исток и Северна Африка. Сепак, Русија веројатно ќе ги разочара своите љубители на Блиски Исток и тоа не само како регионален мировен посредник. Откако не успеаја мировните преговори на САД со авганистанските талибанци и речиси 30 години по завршувањето на повеќедецениската советска окупација на земјата, Кремљ се ангажираше да посредува во дискусиите меѓу талибанците и претставниците на другите авганистански групи.
Сепак, Блискиот Исток – регион со повеќекратни конфликти што произлегуваат од верски, етнички, политички, историски и стратегиски фактори – повторно ја исцрпи заложбата на странските актери. Нема причина да се мисли дека Русија, која никогаш не била особено наклонета кон долгорочно градење на мирот, ќе може да посредува, а камоли да биде покровител на трајни мировни договори.

Дипломатските слабости на Русија се видливи и во Сирија. Нејзината употреба на тврда моќ ѝ обезбеди победа во граѓанската војна на диктатурата на претседателот Башар ал Асад, покажувајќи како стратегиското распоредување на неограничена воена сила (за што сведочи целосно уништеното Алепо) може да биде фактор на промена. Но Русија оттогаш стана вовлечена во локалните ривалитети меѓу Сирија и Турција, Саудиска Арабија и Иран, Турција и Курдите и Израел и Иран. Иако политиката на неутралност ѝ овозможи на Русија да одржува дијалог со различните страни, таа сепак нема да стори ништо за да создаде нов регионален поредок.
Сирија е единствената земја-клиент на Русија на Блискиот Исток. Дури и таму, Русија не успеа да ја искористи својата позиција, и тоа не само поради трајните западни санкции. Русија не се согласува со Иран, нејзиниот партнер во Сирија, во однос на стратегиските цели во земјата. Русија сака стабилна Сирија, каде што може да ја консолидира својата позиција, како дел од пошироката стратегија за враќање во регионот по поразот во Студената војна. Употребата на Сирија како арена за иранскиот конфликт со Израел ја поткопува оваа цел.

Всушност, Русија има работа со неопределени земји, кои се подготвени да соработуваат со онаа сила што ќе им понуди најдобар договор. Еден пример е Египет, кој стана голем купувач на руско оружје и стратегиски сојузник во Либија, каде што двете држави ја поддржуваат либиската национална армија на генералот Калифа Хафтар, наспроти меѓународно признаената влада во Триполи. Сепак, наместо да ја прифати Русија како водечки сојузник, египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси ја искористи таа врска за да ја зајакне својата позиција, наспроти главниот египетски сојузник, САД.
Саудиска Арабија мора да ги координира своите нафтени активности со Русија за да се справи со напливот на американски енергенти. Таа несомнено беше вознемирена од предавството на американскиот претседател Доналд Трамп на Курдите во Сирија, кои, како и Саудијците, се лојални американски сојузници. Но идејата дека Саудиска Арабија ќе се откаже од САД е смешна. Нагласувајќи ја вредноста што кралството му ја дава на ангажманот на САД во регионот, Саудијците се согласија да платат за распоредување дополнителни американски сили по повлекувањето на САД од Сирија, за заштита од Иран.

Слично, Израел нема друг избор, освен да се координира со Русија во Сирија, каде што ги напаѓа иранските воени цели. Но тој нема мотив или можност да се откаже од исклучителната врска со САД. Во однос на Турција, пак, властите во Анкара неодамна посочија оти земјата има „сојузнички односи“ и со Русија и со САД. Но вистината е дека Турција нема да го жртвува членството во НАТО, без разлика колку ракетни системи „с-400“ ќе купи од Русија.

САД можеби се повлекуваат воено од Блискиот Исток, но не го напуштаат целосно регионот. Тие одржуваат огромно воено присуство во Персискиот Залив и имаат корист од долгата историја на популарниот културен империјализам, со кој руската мека моќ не може да се натпреварува. Русија може да го наметне влијанието на неопределено време. Но нејзината економија е голема колку јужнокорејската економија, а воената моќ ѝ е далеку помала од таа на САД. Затоа Русија нема доволно средства за да дејствува како неоспорен хегемон. Кога САД ќе решат повторно да управуваат со демократијата и мирот, Русија едноставно нема да може да се натпреварува со нив.

Авторот е поранешен израелски министер за надворешни работи